Меѓу последните настапи на групата „Перија“ во текот на 2022 година беше на настанот „Под земја полесно се дише“, во организација на „Кула“ во подземните гаражи кај Соборниот храм во центарот на Скопје. Претходно во текот на годината настапија и на „Оф-фест“, на „Звукот на Скопје“ во организација на КИЦ, на концертот на Зарина Првасевда, на најпознатиот музички саем „Вомекс“.
Групата е формирана во 2015 година и на почетокот настапувале на импровизирана сцена на улица. Со текот на годините се менуваат повеќе музичари во бендот, а во овој период во стандардниот состав на „Перија“ се Леа Милиновиќ, Деа Плевнеш, Катерина Димитровска и Огнен Златанов. Музиката што ја создаваат е фузија од повеќе влијанија вткаени во сопствени аранжмани и текстови, а песните ги изведуваат на повеќе јазици. Преку својот израз трагаат по слободата, во секоја смисла, и веруваат во еднаквоста на културите. Досега имаат објавено два студиски албума и две ЕП-ја, а го подготвуваат и третиот албум. Нивните импресии од минатата година ги сумираме со одговорите на Катерина Димитровска и Огнен Златанов.
Колку во суштина сте задоволни од концертната активност во текот на минатата година?
Огнен: Многу сме задоволни од минатата година, летото ја имавме нашата прва мини турнеја низ Балканот, имавме прилика да свириме на голем број настани и фестивали низ целиот Балкан, а секако, и во нашиот град.
Помалку се знае за вашите настапи во странство. Каде настапивте во текот на 2022 година?
Огнен: Нашата турнеја започна веднаш по настапот на „Оф-фест“, и имавме прилика неколку пати да свириме во Србија: на „Егзит“ во Нови Сад, на фестивалот „Поља“ во Шутци, на „Тодо Мундо“ во Белград, на Етно-фест во Панчево. Исто така, свиревме и на фестивалот „Беглика“, кој беше одржан на Родопите во Бугарија и на фестивалот „Мумуш“ во Романија. Имавме прилика да свириме и во Загреб и Љубљана. Како „шлаг на тортата“ за 2022 година ни беше настапот на „Вомекс“ во Лисабон, Португалија, со кој и ја завршивме турнејата.
Како се случи да настапите на најпознатиот светски музички саем „Вомекс“?
Катерина: За тоа е, дефинитивно, заслужна програмата МОСТ, која се занимава со експорт на музичари и музички професионалци од Балканот, програма од која бевме дел минатата година. На музичкиот саем „Вомба“, на фестивалот „Егзит“, се запознавме со Бен Менделсон, еден од основачите на „Вомекс“, кој воедно и го слушна нашиот настап. Тоа е и функцијата на тие саеми, како фестивали каде што има голема циркулација на музички професионалци, и се шанса за млади музичари да бидат слушнати.
Имајќи предвид дека вашите песни се изведуваат на повеќе различни јазици, како на нив реагира македонската, а како странската публика?
Огнен: Реакцијата на публиката била секогаш различна, бидејќи секоја публика е различна. Отсекогаш ми било интересно што не сите го разбираат текстот на нашите песни, но сепак, по завршувањето на настапот има по неколку луѓе кои доаѓаат и ни поставуваат прашања околу темите за кои пееме, и многу ми е драго што има љубопитност кај луѓето за нашата порака.
Покрај вашиот оригинален пристап кон музиката, практично музиката што ја изведувате потпаѓа под правецот „музика на светот“ (world music), а некаде се опишува и како „дарк етно“ и „медитативна музика“. Кога и како се одлучивте за ваков концепт?
Катерина: „Медитативна музика“ дефинитивно не беше наша идеја (се смее). Јас имам мала страст кон репетитивност во музиката, па можеби тоа е тоа што звучи медитативно. Во однос на музичкиот правец, никогаш не беше момент на одлука. Еволуираме. Кога почнавме да свириме на улица, тоа не беше со идеја дека еден ден ќе бидеме дел од некаква музичка сцена. Како што се развиваме, креативно, одиме сѐ повеќе и повеќе кон оној аспект на музиката и оние теми кои ни значат. И мислам дека флексибилноста и експериментот се доста битен елемент во една креација, како начин да не западнеш во рутината која бара од тебе да си проста имитација на себе си, туку секојпат да се креираш одново.
На еден настап објаснивте дека инспирацијата за текстовите ја наоѓате во секојдневниот живот, па дури и од приказни што ќе ги прочитате во весник. Кои приказни најмногу ве интересираат и каква порака сакате да пренесете преку музиката?
Катерина: Нашиот нов албум е целина која се занимава со повеќе теми, но идејата која ги поврзува е една, и е на некој начин апсурдна: слобода да бидеш она што веќе си; но, во исто време е и набљудување на општествените феномени и начинот на кој влијаат врз нас. Може да се каже дека е критика на нашево прекрасно општество која доаѓа од осум различни поети од Балканот. Приказните од весник се следната етапа. Идејата дојде откако ја направивме приказната за Софија врз основа на нејзината посмртница во стар грчки весник. Можеби следниот албум ќе биде посветен на измислените животни приказни на луѓе кои никогаш не постоеле.
Кој е одговорен за пишување на текстовите и како ја создавате музиката?
Катерина: Најновиот репертоар со кој настапуваме, всушност, е нашиот најнов албум кој наскоро ќе излезе. Песните на албумот се различни поеми од различни поети од Балканот од периодот на дваесеттиот век. Ние истражувавме и баравме поеми од овој период и најдовме неколку чии теми многу ни се допаднаа. Всушност, преку овие поеми сакаме да зборуваме за теми за кои не се зборува доволно и се гледани како табу. Музиката за овие песни е наша авторска и заеднички ја компониравме со бендот. Во нашата музика основа ни се „макамите“, кои се источни скали со чија помош ние го добиваме нашиот „ориентален“ звук.
Што значи името на бендот, „Перија“?
Катерина: Ова е најчесто поставуваното прашање. И одговорот скоро секогаш гласи: Перија значи самовила, но не оние розевите самовили од Дизни (се смее). Пред некое време го истражував коренот на зборот, и освен тоа што има многу различни теории од страна на многу лингвисти, една од нив е дека доаѓа од прото-иранскиот збор „парика“, кој значи жена со низок социјален статус (или конкубина). Замислете, едно од најфантастичните митолошки битија е создадено како резултат на проста предрасуда. На времето кога го биравме името не бевме свесни дека пет години подоцна името сосема ќе е усогласено со она што го правиме во моментот. А, можеби, еден ден и ќе се облечеме како розеви самовили од Дизни за настап, зошто да не!
Влезени сте во водичот „Балкан ворлд мјузик 2022“. Што значеше/значи тоа за вас и какви планови имате за 2023 година?
Катерина: Значи многу. Веќе сме дел од сцената, и благодарение на ова искуство научивме што значи да си музичар, не само од креативен аспект. Имаме многу договорени концерти и во процес сме на понатамошни договори за оваа година. Единствениот од нив кој можам да го спомнам (затоа што е веќе објавен) е најпознатиот европски транс-фестивал „Озора“, во септември. Се радуваме!
Тони Димков