PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Данче Азманова Мирчевска: Преку глава ни е од монотони, неприменливи совети за мајчинството

PopUp by PopUp
декември 21, 2023
in Интервјуа, humans
0
Данче Азманова Мирчевска: Преку глава ни е од монотони, неприменливи совети за мајчинството
441
СПОДЕЛУВАЊА
2.6k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Без разлика дали сте родители или не, можно е да сте налетале на платформата Working Mom. Нејзината основачка Данче Азманова Мирчевска вели дека таа „преку ноќ доживеа вирален успех поради својата искрена содржина и поради тоа што секојдневно им помага на многу родители да сфатат дека не се сами во своите амбиции да имаат свесно родителување и кариерен напредок.“

Инаку, Данче е контент креаторка која, покрај тоа што и самата е working mom, ја основаше оваа платформа преку која отворено пишува и споделува искуства од мајки и татковци на табу-теми за кои малку се зборува и се запоставени, а сите сакаат да ги знаат, а ја коосноваше и креативната иницијатива TrixieBox, која нуди уникатни тематски подароци за различни пригоди. TrixieBox не е само онлајн платформа, туку е и поддршка на малите локални бизниси и значаен чекор во унапредување на женското претприемништво во земјава.

Дани, раскажи ни ја твојата приказна. Што те донесе до создавањето на Working mom?

Замислете ја следнава слика: Едвај спиеш по два-три часа, домот ти изгледа како да ти паднала бомба, ти си со детето во рака и се обидуваш да смислиш маркетинг-стратегија, паралелно се спремаш за состанок на кој треба да договориш соработка, додека те чекаат еден куп садови за миење. Па си реков: Зошто да не го споделам овој прекрасен хаос со светот? 😄

Шегата настрана, платформата Working Mom се роди затоа што на сите нас ни е преку глава од монотони, неприменливи совети за мајчинството. Сите ние бараме нешто што вистински ќе допре до нас, што ќе може да го примениме, што ќе направи да сфатиме дека родителувањето не мора да биде еден осамен процес. Токму во тоа и се состои суштината на платформата.

Како изгледаа почетоците на овој проект? Со какви предизвици се соочи, а што те мотивираше и те придвижуваше кон целта?

„Не сум доволно талентирана!“ – „Нема да успеам!“ – „Која сум јас да им кажувам на луѓето како да си ги живеат животите како родители?“ – „Зарем некој навистина ќе се замара да го прочита она што јас ќе го напишам?”

Ова беа само дел од изговорите што си ги кажував себеси, плашејќи се да го кликнам копчето „Publish“ за да ја лансирам платформата Working Mom. А замислете – веб-сајтот беше готов речиси осум месеци.

Но, пусти страв од неуспех, не ми дозволуваше да го објавам моето дело пред светот. Иронијата е тоа што како content writer имав напишано илјадници текстови за други компании што достигнале до 1 милион читаност по текст.

Но, едноставно, кога стануваше збор за мене, сметав дека не сум доволно добра да започнам свој личен блог, иако имам 10-годишно искуство зад мене како контент креатор.

Сепак, со неколкумесечна работа на себе со life coach и огромна поддршка од фамилијата, успеав да го победам синдромот на помала вредност и конечно да ја објавам платформата.

Од моментот кога кликнав Publish, сите мои стравови паднаа во вода само неколку денови по лансирањето, бидејќи платформата за кратко време доживеа вртоглав успех.

Што е она што би сакала да го расветлиш низ овој проект?

Примарната цел е да си ги споделиме маките како родители за табу-теми за кои ретко се зборува во општеството (барем не отворено). Преку вакви искрени искуства, напишани без влакна на јазикот, да си дадеме издишка дека можеби не сме совршени, но ние сме најдобрите родители за нашето дете (доколку не престанеме да работиме на себе, секако).

Иако платформата постои само половина година, еден тон луѓе ми пишаа дека нашле утеха во моите текстови, сум им дала трошка надеж дека сè она што го чувствуваат ќе помине, дека ќе дојдат и подобри денови, дека ќе се стабилизира тлото под нивните нозе.

Денес имам листа од стотици храбри луѓе што чекаат на ред да ја раскажат својата приказна и да ги предизвикаат општествените табуа.

Што би им порачала на бизнис-партнерите на платформата Working Mom?

Уште од самото лансирање, голем број брендови го препознаа импактот на платформата – добив дузина покани за соработка. Но, примарната цел на почетокот ми беше градење едно безбедно катче за споделување и сета енергија ми беше таму насочена.

Но, денес, кога платформата веќе се етаблираше, соработката со брендови и компании е логичен продолжеток на настаните.

На сегашните и на идните партнери на Working Mom би им го препорачала следново: Отворена сум за соработка со сите брендови што сметаат дека пласирањето на нивните производи и услуги на веб-сајтот на Working Mom, ќе даде вистинска вредност за моите читатели.

За да добиете понуда за соработка, контактирајте ме на имејл или на мојот LinkedIn профил.

Како се оформува заедницата околу Working Mom? Низ кои канали се наоѓате со твоите соговорнички на оваа платформа?

Заедницата се состои од храбри мајки и татковци што отворено си ги споделуваат своите кариерни предизвици со кои се соочуваат како родители, но и ни даваат по некој практичен совет како и ние да се справиме со нив.

Наскоро, во план е и да се официјализира таа заедница преку неформални дружби, работилници, нови форми на комуникација како групи за разговор, newsletters и слично.

Засега, примарен канал за комуникација е LinkedIn-страницата Working Mom MK како социјална мрежа каде што се наоѓа мојата таргет група – Working Moms & Dads што се стремат да бидат успешни на двата фронта – семејството и кариерата.

Како би ја опишала важноста на оваа заедница за тебе, но и за поширокиот контекст во кој живееш?

За мене, лично, оваа платформа ми помогна да сфатам дека не сум сама во овој хаос. Дека имам зад себе една голема виртуелна група за поддршка и искуства што умеат да ме насмеат, расплачат, да ме замислат, но пред сè – да ми покажат дека сите ние сме суперхерои на свој начин!

Кои се твоите идеи за иднината на оваа платформа? Како би сакала таа да порасне?

Имам многу планови за 2024 година. Еве дел од нив:

  • Стартување интерактивен newsletter со многу практични совети, можности за награди, дружба и соработки.
  • Снимање видеа со кои ќе се даде одговор на најскокотливите прашања што ги имаат родителите.
  • Соработки со брендови што го препознаваат импактот на платформата.
  • Интерактивни работилници за компании што верувам суштински ќе го променат начинот на кој компаниите ги третираат своите колеги и колешки – мајки и татковци.

Дали имаш нешто што во моментов би сакала да го претставиш пред нашата публика? Некој нов проект можеби?

Фокус би ставила на проектот што верувам ќе биде game-changer во 2024-та – работилниците за компании. Овие работилници би биле на теми какви што се решавање на најголемите предизвици што ги кочат родителите да бидат продуктивни на работа, воспоставување здрав баланс помеѓу работата и родителувањето, поставување цели и приоритети, но првенствено – како ние како родители да се грижиме за себе.

Ова, всушност, беше идеја на моите читатели, кои кога ми ги споделуваа искуствата, многупати ќе ми речеа: „Камо среќа да имавме разбирање во фирмата за нашите маки, некој да ни кажеше како да се справиме – колку ќе беше добро!“

На овој начин, ќе можам да ги искористам сознанијата за најгорчливите предизвици на родителите во компаниите што ги добив во изминатиов период. Па, така, уште повеќе да ја зацврстам позицијата на платформата како место што суштински им помага на родителите да го имаат најдоброто од двата света – свесно родителување и кариерна експанзија.

Клелија Живковиќ

Previous Post

Вечерва се промовира првиот број на возобновеното студентско списание „In medias res”

Next Post

Catching up со Red18: што правеа во изминатава година и нивното следно ЕР „Игра“

Next Post
Catching up со Red18: што правеа во изминатава година и нивното следно ЕР „Игра“

Catching up со Red18: што правеа во изминатава година и нивното следно ЕР „Игра“

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum