PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Дали сѐ уште викаме „журкање“?

Денес случајно наидов на текстот „The best raving advice, from seasoned ravers“ на VICE. Пробувајќи да си го преведам во глава како „Најдобрите совети за журкање од искусни журкачи“, сфатив дека не знам, всушност, „како викаат младите“ за тоа што јас (сѐ уште) го викам журкање.

PopUp by PopUp
ноември 22, 2022
in humans
2
Дали сѐ уште викаме „журкање“?
439
СПОДЕЛУВАЊА
2.6k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Вчера наполнив 33 години. Една колешка ми рече дека треба да почнам да користам крема против брчки (здраво Верица), баба ми ме праша кога ќе се мажам, а јас само бев среќна што воздухот денес е чист и му се восхитував на есенскиот ден од кој немав апсолутно никакви очекувања да биде што било друго освен понеделник.

Минатава сабота првпат по којзнае колку време излегов на пијачка некаде што не е нечиј дом. Моите најблиски не би се изненадиле од моите ноќни навики – мислам дека меѓу сите сум позната по тоа дека не излегувам често и заспивам рано, па затоа ми привлече внимание насловот на текстот објавен на VICE само неколку денови порано.

До толку не спаѓам во категоријата на „журкачи“ што навистина се прашувам дали звучам како генерацијата на моите родители кои кога зборуваат за марихуана (помеѓу моите врсници подобро позната како „трева“) викаат „мара“. Сепак, слушање добра музика во живо ми е и понатаму една од омилените активности, сакам ноќни клубови и играње долго, честопати опкружена со непознати луѓе во зачадени простории.

Еве што значат за мене во мојот полн нежуркачки сјај советите од искусните журкачи.

Носи чепови за уши.

Вакви чепови користам веќе долго. Најчесто кога патувам, но понекогаш и за да не ја слушам вревата во зградата кај што живеам. Веројатно не сум се журкала доволно за да почне да ми смета гласната музика, а дефинитивно не доволно за да му штети на мојот слух. Всушност, кога одам на концерти или журки, сакам да сум блиску до гласниот звук и сакам да ја искусам музиката со целото тело.

Гужва не е секогаш подобрата опција.

Апсолутно. За мене клучно е само моите сожуркачи да играат и да ѝ се препуштаат на атмосферата. Кога ќе си ги замислам „посматрачите“ наредени околу подиумот со пијачките в раце, навистина губам желба да ги соблечам пижамите, да се одвлечкам до некој клуб и да вложам труд во моето изолирано уживање во музиката, опкружувањето и сопственото тело.


Еден од моите омилени концерти – Saul Williams во Виена, 2018 година

Побарај го она што е под површината.

Авторот на текстот вели дека често журките се отфрлаат како безумни собири на издрогирани луѓе (ова во никој случај не би биле мои зборови), но еден искусен журкач што се спомнува во текстот, вели дека најважната лекција што ја научил од оваа култура на која ѝ се придружил во 90-тите години на минатиот век е поврзана со исцелувањето. Тој вели дека речиси никогаш не слушаме за прифатеноста и утехата што може да се најдат во љубовта, сплотеноста, пријателството, солидарноста и почитта што најчесто ги делат журкачите.

Иако не сум искусна журкачка, вистински сум ги почувствувала благодатите за кои зборува анонимниот журкач од текстот на VICE. Пред сѐ, бесценет е просторот да уживаш во сопственото тело без да размислуваш како изгледа, дали се забележува сѐ она на него што културата нѐ убедила дека е недостаток или вишок или дали твоите dance moves се бла-бла-бла-бла-бла. Освен тоа, поради тоа што ретко сум во него, за мене овој простор сѐ уште е нов и возбудлив секојпат кога му се навраќам. Секогаш кога некоја моја драга личност е со мене на подиумот или е на диџејскиот пулт, моето чувство на припаѓање и возбуда за животот се воздигнува. Можеби звучи како да претерувам, но ова е моето искрено доживување.

Не мораш да се дрогираш.

Јас дефинитивно не морам. Авторот на текстот вели дека она што ги привлекува журкачите на подиумот е нивната љубов кон музиката. Таква љубов чувствувам во изобилие и сметам на тоа дека ќе ја чувствувам додека сум жива. Или можеби ќе ја чувствувам затоа што сум жива? Ќе морам да му се навратам на текстов за некоја деценија.

Опушти се.

Па, да.

Најди си ја екипата.

Иако кога играм „екипата“ ја сочинуваат сите присутни на подиумот, личностите што успеваат да ме инспирираат да одам на журка, да се опуштам и да бидам своја во целост се во огромна мера заслужни за лековитиот ефект што оваа култура го имала врз мене, мојата социјална анксиозност и искривено телесно доживување.

Умереноста е клучна.

Како и на сите други позитивни чувства, наводно можеме да се навлечеме и на оние што ги добиваме кога ќе ја најдеме нашата екипа, ќе се опуштиме и во целост ќе го искусиме задоволството што се добива од уживање во добра музика. Јас очигледно не се навлеков на тоа и не можам да зборувам за тоа како изгледа кога овие навики стануваат деструктивни, но верувам дека одговорот и за ова лежи во „прифатеноста и утехата што може да се најдат во љубовта, сплотеноста, пријателството, солидарноста и почитта што најчесто ги делат журкачите“.

Не престануваш да се журкаш кога ќе остариш, туку остаруваш кога ќе престанеш да се журкаш.

Е, па, ок…

Не заборавај ги корените и одржувај ја културата во живот!

Би сакала да верувам дека оваа моја перспектива на културата која е лековита и за мене, самопрогласена „нежуркачка“, придонесува кон тоа да ја одржиме во живот.

Клелија Живковиќ

Previous Post

Христина Иваноска: „Корените на нашата еманципација треба да ги бараме во нашето минато“

Next Post

„Сетила 2.0“ и првата самостојна изложба на Александра Костадиновска

Next Post
„Сетила 2.0“ и првата самостојна изложба на Александра Костадиновска

„Сетила 2.0“ и првата самостојна изложба на Александра Костадиновска

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum