Александра Костадиновска е фотографка, која е активна повеќе од 10 години, можеби најдобро позната по Инстаграм-профилот @aaaesthete, кој го документира нејзиниот веќе добро препознатлив стил на современа фотографија. На оваа изложба ќе го претстави својот визуелен дневник, на кој работела изминатово лето во Финска и во Грција. Во најавата за изложбата таа вели дека инспирацијата ја наоѓа во „сѐ бакнато од сонцето“.
Ади како композитор, изведувач и продуцент со години ги создава музичките белези, соло и во групни состави, а заедно со Александар Бошков, кој го доби признанието за најдобар млад џез-музичар во 2021 година, ќе ни приближат фузија од електронска и џез-музика, придружена со звуци од природата. Визуелниот идентитет на „Сетила 2.0“ го потпишува графичката дизајнерка Матеја Николиќ.
„Атриум“ е граѓанско здружение за култура и уметност, кое следниот месец заокружува една година од своето постоење, во која продуцираа две театарски претстави, два интердисциплинарни и еден видеопроект. Продуцентот Дино Чупевски, кој е и основач на ова здружение, за PopUp вели дека во нивната досегашна продукција, оствариле соработка со многубројни драмски, музички, ликовни и танцови уметници, како и со други креативни соработници, кои несомнено во континуитет заслужуваат простор за свој израз.
„Свесни сме и се соочивме со разните предизвици во сферата на културата и уметноста, но особено би сакал да ја потенцирам важноста од вложување труд и смелост од страна на сите активни уметнички колективи, сѐ со цел да го одржиме, па и да го подигнеме нивото на култура во нашава држава. Благодарен сум за сета поддршка што ја добиваме во овие процеси и верувам дека претстојната 2023 година ќе ни донесе нови основи за реализација на понатамошните проекти“, вели Чупевски.
Првиот интердисциплинарен настан „Сетила 1.0“ во организација на „Атриум“ се случи на 22 мај 2022 година во Кинотеката на Македонија, а на него учествуваа перкусионистот Антоние Весковски, актерката Нина Елзесер, танцовиот изведувач Бобан Русески и сликарот Дејан Давчевски, создавајќи интимна атмосфера во Кинотеката на Македонија во Скопје.