Книгата со впечатлив наслов „Чувари на прозорци“ неодамна беше издадена од Градскиот музеј на Крива Паланка и промовирана во истиот град каде што сте и вие родена, а и сега живеете. Напишана е на македонски, хинди и на англиски јазик, на насловната корица се нацртани два црно-бели прозорци од кои ѕиркаат нечии очи, а на заднината е впишано мало парче поезија, кое почнува со прашањето „Кој е чуварот на прозорец, кој гледа низ рамката?…“ Би Ве запрашала, кој навистина гледа низ споменатата рамка и зошто е таму?
– Како што бидува во животот, понекогаш сме набљудувачи, понекогаш главни или споредни играчи, понекогаш сѐ одеднаш. Секоја сцена во книгата е врамена во еден прозорец низ кој читателот гледа и открива одредени случувања, како појдовна точка на гледиште. Идејата е преку поставувањето едноставен визуелен сегмент, како што е рамката на прозорецот, да се овозможи одреден контекст на гледање или читање. На тој начин, самиот читател станува дел од приказната.
Што сѐ содржи книгата и каков беше патот на нејзиното создавање на релација Македонија – Индија или можеби обратно?
– Инспирација за книгата беше нашата непосредна околина и конкретно состојбата со архитектонското културно наследство, или Старата чаршија во Крива Паланка и традиционалните куќи од кал во Џангал Бери, место во областа Химачал Прадеш во Индија, од каде што потекнува Кавита. Процесот на создавање се одвиваше речиси две години, вклучувајќи истражување на историски моменти и пресврти со битно општествено значење за локациите, како и развојот на архитектурата, нејзиното нарушување, но и семејните приказни на луѓето што тука живееле или сѐ уште живеат. Врз основа на сето ова, ги развивавме ликовите и дејствата во приказните раскажани преку кратки поетични текстови и илустрации. Наративните слоеви се надополнуваат едни со други, прикажувајќи две навидум оддалечени култури што истовремено се соочуваат со доста слични социјални предизвици.
Сегменти од културното наследство на Крива Паланка, од нејзината Стара чаршија како и од хималајското село Џангал Бери, како различни културни обележја можат да бидат одреден вреден влог во нивната иднина. Во кој правец се движат Вашите авторски размислувања за потребата од нивно зачувување?
– Сметам дека како играчи на полето на уметноста, можеме да отвориме одредени комплексни теми меѓу кои е и случајот со културното наследство и посебно прашањето за неговиот нерегулиран статус. Преку креативното делување се стремам да поттикнам разговор, но и надеж и мотивација, истакнувајќи ја потребата од сопствена и колективна одговорност за изнаоѓање решенија за проблемите што ни се блиски. Зачувувањето на културните обележја е задача за сите нас и лекција за моќта на имагинацијата. Имаме доста работа, која треба сами да си ја завршиме – заеднички да пронајдеме трајни решенија во рамките на нашите културни и институционални параметри, создавајќи достапни простори за дијалог и за дејствување.
Како би ја опишале уметницата Кавита Син Кале, што од нејзиното творештво најмногу Ве привлекува ?
– Кавита е уметница што пристапува кон творењето со силна интуиција и дарежливост што не познава граници. Нејзиното многугодишно искуство во областа на илустрацијата, креирањето книги за деца и анимацијата, придонесува до продлабочувањето на секоја соработка и на креативниот влог во неа. На многу достапен начин во нејзините дела ги испреплетува сложените општествени и егзистенцијални тензии, приближувајќи ја уметноста онаму каде што е надвор од дофат.
Од Вашето досегашно уметничко делување поврзано и со градењето на колективната меморија се издвојува и збирката „Магнет – Од увото до окото и назад“ сочинета од рефлексии, разговори, архивски материјали и асоцијации, која му е посветена на сликарот Димитар Стојчевски (1940 – 2021). Текстовите се Ваши, цртежите, колажот и фотографијата се негови. На Стојчевски му го посветивте и истоимениот Ваш филм, кој лани беше прикажан во Кино клубот во Сплит. Како го доживувате овој сликар и неговото творештво, со што сметате дека посебно влијаел врз Вас?
– Димитар Стојчевски беше многу посветен сликар, а и поклоник на раскажувањето, кој многу скромно минуваше низ животот и светот – оној професионалниот и оној човечкиот. Тој дишеше уметност и беше пример за трудољубивост и творење надвор од стегите на наметнатите авторитети, со поглед свртен кон внатре. Неговото творештво и начин на делување е поттик за целосна посветеност и верба во вредноста на креативното постоење, без оглед на сите замки, но и задоволства.
Планирате ли и за годинава работа на проект со кој ќе ги преминувате границите на земјава?
– Годинава имам на ум креативни потфати со блиски граници, а долги процеси.
Катерина Богоева