PopUp Rating: 5/5
„Бетмен“ е долгометражен игран филм на Мет Ривс што претставува нова, урбана интерпретација на мрачниот чувар на Готам каде што режисерот успева да остане оригинален и покрај многубројните адаптации на безвременскиот стрип-јунак на филмското платно. Возбудливото сценарио согорува бавно, но интересно се одгатнува во тричасовното времетраење. Итриот режисер подметнува минско поле со мистериозни траги, кои водат до неочекуван заплет и загатки што остануваат нерешени и по завршната сцена.
Брус Вејн е сирак одгледан во раскош додека Загатнувачот е сирак што израснал во запуштено сиропиталиште каде што мали деца воделе сурова битка со глад и студ за уште еден здив. Сценаристот Питер Крег го прикажува длабокиот класен јаз во општеството, а галопирачкиот раст на фанатични следбеници на негативецот е доказ за масовното незадоволство од корумпираната власт. Остроумноста на Ривс се одликува преку мудро вметнати детали со кои го доловува немирот меѓу граѓаните налик натписот „Broke“ на банката и сеприсутниот дожд што го надополнува готамското сивило. Одличното сценарио содржи квалитетно изградени ликови, почнувајќи од протагонистот и негативецот, па сѐ до злобникот Пингвин. Протагонистот е интровертен, изолиран и меланхоличен со физички изглед кроен по Курт Кобејн, водечкиот вокал на култниот рок-бенд „Нирвана“, чија песна „Something In the Way“ е почеток и крај на филмот. Исто така, динамичната и продорна музика на оскаровецот Мајкл Џиакино е предан сопатник на морничавата атмосфера што ја воспева Ривс.
Импресивната кинематографија е моќно одличје на „Бетмен“ и Грег Фрејзер умешно ги продуцира темните сцени каде што улогата на (природно и вештачко) светло е клучна во потрагата по совршен кадар. Директорот на фотографија создава динамични сцени и употребува широки кадри со заматени агли, а црвената боја доминира во полн спектар. Фрејзер неодамна се закити со втора номинација за „Оскар“ за најдобра кинематографија во блескавата „Дина“, а тој дефинитивно ќе биде во конкуренција и следната година.
Иако, храбриот кастинг на Роберт Патинсон за нов Бетмен беше под лупата на скептицизмот, актерот продолжува да разбива митови и полека но сигурно граби кон елитното друштво на холивудски великани. Тој е фантастичен во улогата и идеално балансира помеѓу воздржаниот Брус Вејн и жестокиот темперамент на Бетмен, кај кого овој пат преовладува детективскиот дух наспроти физичката надмоќ. Дополнително, физиономијата и ковчестото лице на Патинсон соодветствуваат на мрачниот поглед што е секогаш облигаторен за одмаздникот на Готам. Загатнувачот е тешка и комплексна задача, но не кога за неа е задолжен извонредниот Пол Дејно. Од налудничавиот близнак во „Ќе има крв“ до „Затвореници“, тој бележи неверојатни перформанси, најчесто во ролја на негативец. Брилијантната актерска игра ја заокружуваат поискусните Џефри Рајт (инспектор Гордон), Џон Туртуро (Кармајн Фалкон) и Колин Фарел со кого е веќе најавена играна серија за мафијашот Пингвин.
„Бетмен“ целосно ја потврдува и оправдува ознаката „noir“ што ја носи како црн, мрачен, темен и воедно хибриден жанр поткрепен со идеалната замисла за херојот на Готам. Иновативниот режисер создава уникатно ремек-дело и суптилно дејствува, врежува печат како на пример со називот Бетмен, кој еволуира во Одмаздник. Актерската екипа предводена од Патинсон и Дејно е речиси беспрекорна, со исклучок на Зои Кравиц која е помалку впечатлива во улогата на жена-мачка, а Џиакино и Фрејзер се заслужни за траорниот амбиент. Ако пред неколку години бевме убедени дека е близу невозможно да бидеме сведоци на иден „Бетмен“ што ќе ѝ конкурира на легендарната трилогија на Кристофер Нолан, новото лице на бесмртниот стрип-јунак е во најмала рака на идентично ниво. За крај, Ривс нѐ воведува во современ свет каде што режисерот ќе одлучи дали, каде и како ќе се развие судбината на Готам, а несомнено, тој постави цврсти темели и ја остави публиката гладна за продолжение и покрај 180-те минути уживање.
Филип Мишов