PopUp Rating: 5/5
„Дина“ е долгометражен игран филм на Денис Вилнев чиешто сценарио е адаптација на научнофантастичната новела од авторот Френк Херберт, издадена во далечната 1965 година.
Етапниот вовед во футуристичкиот универзум е добредојден и минуциозно конструиран за запознавање на гледачите со главните ликови. Вилнев е непоколеблив и поседува кристално јасна идеја за развој на сценариото, а тоа им годи и на актерите што доаѓаат до полн израз. Истовремено, итриот режисер гради цврсти темели и едвај ја начнува надворешноста од јадрото на приказната знаејќи дека следува серијал во повеќе продолженија. Соодветен доказ за тоа е домородната девојка Чани (Зендаја), која е сеприсутна во соништата на протагонистот, но таа има (пасивна) улога на предвесник и допрва ќе ја огрее фокусното светло.
Мрачниот Вилнев е афирмиран за виртуоз на воспевање тензија препознатлив по „Затвореници“, „Непријателот“ и „Сикарио“ меѓу другите, а овој пат тој остварува фантастична соработка со безвременскиот композитор Ханс Цимер што води до свет полн со темнина. Интензивните тонови вешто ја подгреваат траорната атмосфера, а директорот на фотографија балансира помеѓу кратки кадри и долги сцени, кои чекорат блиску до динамичната визија на режисерот. Единствена ако воопшто може да се нарече мана е сцената каде што генералот го подготвува Пол за битка што е речиси идентична со таа од „Матрикс“ кога Морфеус го обучува избраникот Нео.
Актерската екипа е предводена од Тимоти Шаламе, кој како да е роден за улогата на голобрадиот Пол Атреидис. Тој првин го прикажува бестрашниот дух на делумно подготвениот воин, а подоцна бележи моќна преобразба во зрел водач во најава и ја комплетира ролјата. Шаламе го краси харизматична и таинствена нишка што совршено му прилега на протагонистот. Младиот актер има мошне тешка задача да се издвои во морето од реномирани и искусни професионалци, меѓу кои се Оскар Ајзак, Џош Бролин, Стелан Скарсгард и оскаровецот Хавиер Бардем, но раскошниот талент на новата холивудска ѕвезда избива на површината и силно сјае.
„Дина“ е извонредно аудиовизуелно доживување што ја истакнува убавината на жанрот научна фантастика и нè потсетува на магијата што ја нуди големото платно. Вилнев нè воведува во нов, богат свет за истражување, а публиката ужива и веднаш станува зависник и покрај долгото времетраење од 155 минути. Едноставно, и по два и пол часа на крајот преовладува чувство на моќ, адреналин и желба за повеќе што го зоврива нетрпението до следниот дел, а продолжението е најавено за 2023 година. Одличната актерска игра и беспрекорниот кастинг се реткост и квалитетно обележје на филмот, но неверојатниот Шаламе е тој што поместува граници и нè остава да се запрашаме кој е лимитот на неговиот потенцијал. „Дина“ предизвикува мултисензорна бура, а академијата за филмски уметности на САД ќе има исклучително комплексна задача да одлучи во кои категории филмот ќе брои статуетки следната година бидејќи „Дина“ целосно го заслужува епитетот ремек-дело.
Филип Мишов