Препознатлива е по тоа што секојдневниот говор ѝ е full со англицизми, нешто што, се разбира, не го прави on purpose. Масивните акцентски целости од симпатичниот гостиварски дијалект на кој зборува, понекогаш морате да ги исечкате на мали сочни парчиња за да ја разберете.😊
Останатото лесно можете да го изгуглате. Нејзиниот влез на книжевната сцена се случува речиси незабележано, пред седум години, со збирката раскази „Ги најдов во длабокото“ (Или-Или, 2015). За својот дебитантски роман „Денот на црвот“ (Или-Или, 2021) го добива признанието „Роман на годината“ за 2021, што традиционално го доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. И сега, го заклучувам воведот како што доликува, со сериозен тон – откривањето автори од ваква магнитуда, барем за мене има интимна апокрифна вредност, особено кога авторот е само(т)ник што расте и се извишува нечујно, потпирајќи се единствено на сопствениот труд и талент. Шумот што го произведува откривањето таков автор, барем за мене, навистина долго потоа одѕвонува.
„Денот на црвот“ е роман со приказни што се прелеваат една во друга, со цел да ја доловат мачната егзистенцијална битка во меурот од време и простор што го ограничува човекот. Мислиш ли дека некогаш тој ќе може да излезе од себеси и вистински да ја види светлината на денот, како дождовниот црв од земјата?
За среќа (и за жал), постојат многу пријатни и непријатни моменти, кои го помрднуваат човекот од својата оска и го „присилуваат“ да излезе од себеси и од својата комфорна зона. Но, како што бива, животот до самиот крај е авантура, па многу возможно е „излегувањето“ да не е еднократен или изолиран случај, туку да се случува попатно во неколку наврати, присилно или по своја волја. Секој човек е засебна приказна и секој сам мора да се „пробие низ земјата“ како што тоа го прават дождовните црви 🙂
Во еден неврзан разговор ми имаш кажано дека судбината на твоите ликови не е однапред одредена. Како се случува тоа, едноставно ги пушташ да пловат низ дејството, па самите те носат до крајната дестинација, или…?
Да, токму така, ги пуштам да „пловат“ или самите да ме однесат до остатокот од својата приказна. Секако дека јас во главата имам некоја претстава, но ништо конкретно. Додека го развивам ликот, тој попатно добива идентитет и, би рекла, свои особини што понекогаш и мене ме изненадуваат. Доколку однапред знаев сè, никогаш немаше да пишувам, where’s the fun in that? 😊
Никогаш не ми бил докрај јасен односот на писателот кон ликовите отпосле, откако ќе се ослободат од книжевната плацента и ќе почнат да роварат низ свеста на читателот .😊 Дали тоа е засекогаш затворен круг или ги преиспитуваш отпосле, добиваш ли понекогаш порив да ги ревидираш нивните патишта, избори, одлуки?
Понекогаш се случува да размислувам за нив како за персони, какви се, низ што минале и со што сè морале да се соочат. Не сум по дифолт вљубена во своите ликови, некои од нив ми се далечни, застрашувачки, па дури и несфатливи, но штом книгата е веќе „надвор“, нема што дополнително да се преразмислува, освен да се собираат искуства и впечатоци за да се применат во следната книга.
Романот го пишуваше во екот на пандемијата. Беше ли хаотично да се пишува во локдаун, со деца, со медиумското бомбардирање и рестрикциите? Или, можеби, токму во таа дистопија ти го пронајде редот на нештата?
Да, се покажа дека токму пандемијата, локдаунот и новите предизвици дома (со дете и бебе) беа мојот тригер за пишување. По подолгата пауза поради мајчинството, овој роман се случи спонтано, би рекла под притисок на настаните во 2020 г. Романот го пишував на мобилен повеќе од 4 месеци ден и ноќ, а потоа уште девет месеци го коригирав. Ништо од ова не беше планирано, едноставно романот самиот ме пронајде мене и ме „искористи“ да го напишам и да го поттурнам кон светлото на денот :).
Нема да те прашам зошто пишуваш, бидејќи знам и бидејќи не сум сигурен дека другите сакаат да знаат. 😊 Единствено сум сигурен во тоа дека твоето авторско неекспонирање не е резултат на некаква скромност или интровертност. Кои се придобивките од функционирањето како целосен аутсајдер, надвор од книжевните кругови?
Како што спомнав, мајка сум на две деца, кои имаат потреба од целосно внимание, грижа и работа. Тоа ме прави помалку достапна за дружба, што од друга страна понекогаш знае да биде исцрпувачка, па ми доаѓа како некој изговор 🙂 Анонимноста е супер кога сакаш да се движиш „под радар“ во тесен круг од луѓе што ги сакаш, цениш и ти се драги, па би рекла дека поштедата од лажни пријателства е уште една придобивка. Оваа награда е доказ плус дека не мора да се „знаеш со директорот“ за да ти биде работата валоризирана.
Возбудливото патување низ жанровите за тебе продолжува. Годинава ќе нè изненадиш со нешто ново – книга за деца…
Да, и многу сум среќна поради тоа! Книгата за деца е пишувана нешто после романот, значи во 2020 г., но, конкуриравме лани со издавачката куќа „Чудна шума“ и добивме поддршка од Министерството за култура. Како коавтор се јавува илустраторот Алексеј Костовски, кој има целосна слобода илустрирано да ја надополни приказната. Да напишам книга за деца ми беше дамнешна желба и предизвик, па многу сум нестрплива да видам како ќе испадне сето тоа, како и реакциите на најмладите, и истовремено најискрени читатели.
Јосип Коцев
Фото: Гоце Лалковски