Басистот Дени Омерагиќ е дел од младата и пулсирачка генерација на македонската музичка сцена. Негова матична група е „Светлост“, но соработувал и со „Фајтинг виндмилс“, како и со проширените формации „Светлост + Одрон ритуал оркестар“. Настапот на Скопскиот џез-фестивал во 2020 година може да се смета за врв во неговата кариера, но се чини дека со проектите што ги планира, ќе освојува уште многу музички врвови.
Какво чувство имаш кога повторно ќе погледнеш/преслушаш што си направил и во сѐ што си учествувал?
– Се чувствувам горд на сѐ што имам направено досега. Привилегија е да се соработува со музичари од различни калибри. За некои проекти/снимки треба да помине одредено време да ми „легнат“, но за повеќето чувството што го имам кога ќе завршиме нешто е чувство што го имам и понатаму за проектот и без да го преслушам. За среќа, најчесто е позитивно.
Со „Светлост“ основата е трио, но настапувавте и како оркестар со 11 музичари. На кој начин се создаваат таквите музички конгломерати?
– Кога го составивме триото заедно со Нинослав Спировски и Кристијан Новковски, сите тројца свиревме во бендови што работеа компонирана музика и „Светлост“ беше повремен вентил за слободна импровизација. Со текот на времето ни стана главна креативна платформа, најмногу поради музичката хемија што ја имаме. А, и си одговараме како луѓе и карактери. Оркестарот во своите неколку формации се составува со вклучување на други луѓе со слични идеи за музика – филозофски, ако не формално. Секако, треба и да си одговараме по табиет, да ни оди муабетот и да сакаме да се дружиме. И ете – повеќе од 20 луѓе веќе имаат поминато низ оркестарот, и сигурен сум дека како запознаваме нови креативни луѓе, тој број ќе се зголемува. Нинослав, особено, е одговорен за вклучување на голем дел од музичарите во оркестарот.
Основата на џез-триото „Светлост“ се Нинослав Спировски (саксофон/кларинет), Дени Омераѓиќ (бас/синтисајзери) и Кристијан Новковски (тапани) / Фотографија: Горан Димов
Композиторот и хармоникаш Јордан Костов направи цел ансамбл со кој настапи на Скопје џез-фестивал. Со него соработуваше на проектот „Avadarxi Quartet“. Каков предизвик е креирањето слободно импровизирана музика?
– Настрана сите технички, организациски и практични причини – предизвикот е впуштањето во непознатото. Возбудата на тоа да свириш без форма и да не знаеш по кој правец ќе тргнеш и каде точно ќе завршиш. Предизвик ми е и да свирам со нови луѓе и да ги запознавам преку музицирање. Во длабокото на слободната импровизација, кога треба или да пливаш или ќе потонеш, се гледа вистинскиот карактер на луѓето околу тебе. Се вежба уметноста на невербалната комуникација. Се гради пријателство. Комплексен е тој процес, во кој истовремено се случуваат многу психофизички и емотивни дејства, ретко однапред планирани, во повеќе луѓе. И најчесто завршува пребрзо.
Каков е твојот личен пристап кон музиката?
– Немам општ пристап. Имам филозофија на отвореност и пристапот често варира во зависност од соработниците, контекстот, просторот. Мислам дека дел од сликата доловувам и во претходните два одговора.
Како излезе басот/контрабасот да бидат твои основни инструменти?
– Бас-гитарата ми изгледаше како лесно пристаплив инструмент. Многу брзо научив да се изразувам со неа во музички контекст. Иако, во последните неколку години значителен дел од мојот израз доаѓа од големата колекција ефект-педали и други аналогни „играчки“.
Албумот „Светлост + Одрон ритуал оркестар“ е еден од најпродаваните македонски музички продукти на „бендкемп“ изминативе години
Со бендовите со кои работиш, снимате и издавате албуми, имате концерти.. каков е фидбекот на општеството/институциите кон вашата работа?
– Од институциите не очекувам ништо и ништо не барам. Не аплицирам на конкурси, барем засега. Што се однесува до општеството – музиката што ја правиме е за помала публика, одѕивот секогаш бил во очекувањата (со одредени исклучоци), а и мора да правиме нешто во ред штом луѓе се појавуваат на настаните што ги правиме и ги купуваат плочите што ги снимаме.
Има ли нов проект/бенд/албум на повидок?
– Да ми го поставеше ова прашање за неколку недели, веројатно ќе имав повеќе конкретни работи за најавување. Во моментов сме во процес на договарање. Од она што можам да го најавам, а има многу – оркестарот ќе биде концертно активен летово со неколку настапи низ Балканот, а се подготвува и ново албумско издание. Втор албум ќе има дуото Омерагиќ/Спировски – овој пат во експериментална електро-акустична варијанта. Мојот прв соло албум „@30“ e во завршна фаза пред снимање, а веројатно нема да биде единствено издание под мое име годинава. Сигурно ќе има уште – повеќето работи не ги планираме толку однапред.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Јелена Белиќ, Горан Димов