PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Ана Голејшка-Џикова: Прошетка со себе

PopUp by PopUp
ноември 11, 2022
in Universes
0
Ана Голејшка-Џикова: Прошетка со себе
429
СПОДЕЛУВАЊА
2.5k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Една од најважните работи за мене живеејќи во град што постојано се трансформира (не секогаш во блескави формати) е да го преживувам одново и одново секој ден.

Бидејќи не можам да се разбудам во нов град, можам да се разбудам себеси низ него. A тоа будење некогаш е тромавко, успано. Плус, ноември е и наутро ми студи и сакам да поминам барем „уште пет минути“ (како што би рекла моја Надја) во кревет пред да го фатам чекорот кон денот. Прошетките сама со себе порано имаа една аскетска димензија, на исклучен ум, а вклучени сетила. Откако сум родител, мајка, прошетките се целосно фокусиран ум, но во фрагменти, а сетилата се активирани по потреба. Целосен нов сензорен систем во мојот дух и тело кога можам сама и „слободна“ да го искористам денот за да најдам некое ново ќоше од градот, од просторот што ме дефинирал и ми го обликувал идентитетот низ годиниве.

За да се одмори човек низ вревата на Скопје, потребно е да начули уши само за нештата што него го интересираат. Да отвори поглед кон некои агли што сè уште го одржуваат просторот динамичен. А тоа е, добро место за одмор и кафе, фин бранч, некаква уметничка дразба, некаков целосен третман во кој ќе си се одржи(ш) себеси добар, пријатен и задоволен. Морам да кажам дека романтизмот никогаш не ме напушта кога „патувам“ пеш или со автобус низ Скопјево. Еднаш сакав да откријам што се случува во автобусот број 41 и отидов до последната станица до Драчево, чисто за да следам човечки движења, тип чевли, јакни, однесувања. Тогаш уште немаше пандемија и движењето ми беше неограничено возможно. Паметам дека успешно прочитав мала книгичка, новели посипани со сива светлина, беше некој ваков сличен есенски ден, каде што мислите често залутуваат без правец. Ги следев лицата на луѓето и нивната несиметрија, нивната живост. Така е и оваа моја мисловна прошетка, поврзана со места во градот каде што сакам да бидам. Каде што ме очекуваат или сама си се себепречекувам. Има многу локали што веќе ги нема, а се поврзани со меморијата во која царував, или барем мислев дека се занесувам на некакво боемско ниво. Каква смешка, каква наивна мангупарија! Е, па сега сум постара, малку цинична, малку покрупна, малку посвесна, но уште гладна за својот град. За прошетки со него, под рака, како со симпатија што е толку несмасен и смотан што просто мораш да го сакаш засекогаш. Со симпатијата си, а пак си сам. Многу зезнато. Ама убаво. Нешто како лоша епизода од средно, што вечно ја паметиш.

Се прашувам дали ако седнам во „Буква“ на кафе со прст пена или на чај со рум, ќе ме заплисне некоја добра мелодија од изборот на Марсо? Зошто да не. Во „Буква“ имате неколку добри причини за да седнете: книги на дофат, добра музика, можност за разговор на шанк. Убавината е што „Горки“ е веднаш зад аголот и ако ви се јадат пржени компирчиња или тортилји близначки, можете да смените локација во три чекори. Да слушате џез, затоа што во овој локал музиката е оставина од мајка му, Менадата, големата мајка што веќе ја нема, а беше симбол на Чаршијата. Ќе седнам. Ми се пие еспресо и ми се зборува за „Виола Арсеника“ на Влада Урошевиќ, затоа што таму сите магиски реакции се претворени во зборови. Сфаќам дека ме фаќа меланхолија, но ѝ дозволувам да седне со мене, пријатна е. Мислам дека е фер, сепак е есен. Моите зборови низ зборовите на Влада можат само да ја доловат удобноста на нештата што ги среќавам или на нив се сеќавам: дури и да е тоа пресентиментално, ми се може. Ќе ви објаснам и зошто.

Прошетка со тебе, Скопје

На навршени 35 мене ми е потребен градот како никогаш досега. Да го гушнам, да му кажам дека сум тука за него. Да му простам, да ми прости. Да си се имаме како што сме се имале секогаш. Да му купам кроасан од „Joy“, со многу шеќер во прав, и да оставам бакшиш во малата кутија со залепени портокалови цвеќенца на пултот. Да влезам во кое било продавниче за долна облека и да му купам безобразно грди гаќи. Да му напишам писмо, веројатно кратко, ама со силни зборови. Да го договорам да одиме на театар, или барем на изложба. Во Музеј на град Скопје сигурно има нешто. Или во „Јадро“, таму постојано се случуваат некакви ѓурултии.

Доаѓаш ли со мене?, го прашувам, еве речиси 20 години.
Градот молчи. Речиси никогаш не разговараме во исто време, ама се слушаме секогаш. Го канам на концерт во МКЦ, ама му најавувам дека прво ќе седнеме да се напиеме нешто, и делиме сметка, како што е ред. Може ќе се погледнеме без да си дадеме каков било знак, но еден со друг си ја создаваме смислата. Тој постои во мене, јас во него. Се држиме еден со друг, и се пуштаме понекогаш. Како симпатии. Толку несмасни, што просто мораш да ги сакаш засекогаш.

 

Денешната Ана гласно зборува, пишува и пее, а помеѓу – живее и раскажува.
Автор на насловната фотографија е Дејан Џолев.

Previous Post

Мо-бербер шоу: Дали имаш брада и мустаќи кои заслужуваат награда?

Next Post

Анита Огњановска – сликање без ограничувања

Next Post
Анита Огњановска – сликање без ограничувања

Анита Огњановска - сликање без ограничувања

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum