Брт (К. Бејл) е лекар што лекува воени ветерани во Њујорк во 30-тите години од минатиот век, а неговиот најдобар другар и верен соработник Харолд (Џ. Вашингтон) има тајна задача што заедно треба да ја решат. Млада девојка ги замолува да го разоткријат убиството на нејзиниот татко, а воедно и нивен пријател, но кога таа ќе го загуби животот пред нивните очи, тие се претвораат од трагачи по вистината во првоосомничени за убиство…
„Амстердам“ е долгометражен игран филм на несудениот оскаровец Дејвид О. Расел и негов прв по седумгодишна пауза. Американскиот режисер се навраќа на ранливиот период во САД помеѓу двете светски војни и сценариото таи подмолен политички заговор што ја навестува мрачната ера на фашизмот во светот. Расел создава хибридна драма чие дејство се заснова на вистински настани т.н. неостварени планови, а делото содржи хумористични елементи и морална поука од минатото. Привлечниот вовед поставува високи очекувања, кои (за жал) подоцна не ги следи заплетот бидејќи воспевањето на големата мистерија односно заговор не ја доживува кулминацијата што ја ветува и не го оправдува литиот епилог. Главните ликови се во улога на наратори, а токму незаборавната авантура на Брт, Харолд и Валери (М. Роби) во европскиот град остава доволно длабока трага и буди интерес кај публиката да го проследи долгото времетраење (134 минути). „Амстердам“ импонира со мошне впечатлива естетика поттикната од врвната сценографија, костимографија, шминка и џез-музика, а директорот на фотографија Емануел Лубецки ја надополнува идејата со бледникава леќа на камерата. Исто така, тој за да го задржи вниманието дополнително, употребува долги сцени во најчесто еден кадар по кои кинематограферот е одамна прочуен и прославен.
Иако сценариото бележи мани и владее силно чувство дека Расел можел повеќе да извлече од интересната замисла, одличниот кастинг прикрива дел од слабостите. Генијалниот Кристијан Бејл ја предводи актерската екипа во улога на напатениот доктор Брт, кој никако не успева да се оствари на полето на љубовта, а повторно видно е забележлива и неговата физичка промена. Тој е придружуван од Џон Дејвид Вашингтон (Харолд) и Марго Роби (Валери), чии љубовни и животни дијалози се вредни и суштински, а тие како двојка остваруваат солидна хемија на филмското платно. Исто така, Роби демонстрира карактер и целосно ја оправдува довербата да ја долови забавната уметница, а очигледно, не е преземен ризик со актерскиот сектор и реномираната листа ги вклучува и Роберт де Ниро, Мајкл Шенон, Рами Малек, Ања Тејлор-Џој, Зои Салдана и Крис Рок.
„Амстердам“ заостанува зад најквалитетното филмско остварување („Боксерот“) на искусниот режисер, но сценографијата, костимографијата, кинематографијата и актерската игра се моќни адути на филмот. Расел поседува умешност да ги преплете војната, љубовта и хуморот, но се наѕира конфликт на улоги во делбата на режисер/сценарист и недостасува концизност во монтажата. Сепак, забавата во филмовите на Расел е секогаш присутна и тој по третпат остварува фантастична соработка со Кристијан Бејл, која е полн погодок. Авантурата на главните ликови во Амстердам се прекрасни минути пред филмското платно, а имињата на Бејл и Лубецки може да конкурираат во овогодишната оскаровска трка. Но, мечтаењето на режисерот по дебитантската статуетка е за очекување да продолжи и понатаму.
Оцена: ★ ★ ★ ★ ☆
Филип Мишов