PopUp Rating: 4/5
На работ помеѓу враќање на пороците и губење на љубената Лу, поранешниот зависник од наркотични средства се соочува со тешки предизвици и запечатена судбина…
„Звукот на метал“ е дебитантски долгометражен игран филм на американскиот режисер Дариус Мардер, а сценариото е плод на заедничка соработка со неговиот брат Абрахам Мардер. Музичката драма ја отвора темата за инклузија на маргинализираната заедница на глуви и се обидува да го подигне нивото на општествена свест преку трнливото патешествие на главниот лик.
Филмаџијата Мардер успева да ги доближи гледачите до психолошките растројства на протагонистот. Беспомошниот Рубен е емоционално скршен и камерата будно го следи во чекор од зад грб, влева немир додека тој минува низ тежок процес на адаптација.
Исто така, титлите не случајно се изоставени во сцените кога се користи знаковен јазик, сè додека избувливиот тапанар не ја совлада невербалната комуникација. Режисерот провоцира со звуци од секојдневието, а стимулира со шепот на ветерот, танц на растенијата и пад на капките. Сценариото бележи етапен развој на главниот лик, полека се оформува жестокиот карактер на Рубен и бавно се откриваат болни траги од бурното минато. Но, истовремено се забележуваат и видливи недостатоци. Нелогично отсуствуваат делови помеѓу клучни настани што се наметнуваат како празнини во дејството и во монтажата. Дополнително, недостасува хемија меѓу двојката, нивната љубовна врска е лита и тие потфрлаат во обидот да пренесат влијателна емоција како дуо.
Директорот на фотографија трпеливо ја набљудува тензичната одисеја и употребува кратки, крупни кадри во улога на сенката на протагонистот. Даниел Буке негува статични кадри во кратките сцени кога ја слика природата, надополнети со чисти и пријатни звуци на околината.
Главната улога е задача на британскиот актер и музичар Риз Ахмед, кој одлично го доловува емоционално нестабилниот Рубен. Тој демонстрира широк дијапазон емоции и лесно ја вовлекува публиката во неговата кожа за да го почувствува темпираниот вулкан преполн со фрустрации. Риз го научил знаковниот јазик и шест месеци свирел на тапани за да го претстави ликот автентично. Зрелиот перформанс на Ахмед го следи и споредниот лик. Повозрасниот глумец Пол Рејси како сталожениот Џо внесува рамнотежа и дејствува како ладен туш за огненото младо момче. Иако Ахмед е носител на актерската игра, воопшто не заостанува искусниот Рејси.
„Звукот на метал“ е квалитетно режисерско деби на Мардер, кое иако брои маани, доминира позитивниот впечаток. Дариус максимално го користи перформансот на Ахмед и упатува моќен апел за инклузија на заедницата на глуви, која не смее да биде ниту заборавена, ниту запоставена. Голем дел од екипажот што работел на филмот е токму од таа група луѓе. Прекрасно е прикажана сплотеноста и компактното функционирање на заедницата на лицата со оштетен слух, каде што протагонистот го пронаоѓа своето место, но тој одбива да се задоволи и дознава дека времето не чека никого. Филмот ја илустрира психолошката битка на лицата што перманентно го губат слухот и ја истакнува нужната потреба за безрезервна поддршка, за тие повторно да најдат смисла во животот.
Актерската игра на Ахмед и на Рајси е најсилна особина на „Звукот на метал“, а режијата демонстрира талент да го извлече најдоброто од глумците. Филмот е во потесниот избор пред номинациите за наградите „Оскар“ во категоријата за авторска песна, дело на сценаристот и изведувач – Абрахам Мардер. Исто така, неизбежна и речиси сигурна номинација се очекува за Ахмед во категоријата за актер во главна машка улога, кој веќе нанижа многубројни признанија на светските фестивали.
Филип Мишов