Илустрации посериозно почнала да создава во поскоро време, пред околу две години. Најпрво како начин за релаксација и како прибежиште од сивилото на секојдневниот живот, но набрзо се претвора во еден вид опсесија, при што со секое наредно дело сè повеќе учела и напредувала.
„Полека почнав да ја гледам илустрацијата од различни страни, да размислувам на можностите што ги нуди и се роди желба да ја претворам во кариера, па започнав со работа на различни проекти за разни клиенти“, вели Александра.
Иако нашиот повод за разговор се токму илустрациите, велиш дека во последно време не си толку активна на тоа поле. Што твориш најмногу во моментов?
Илустрацијата и понатаму ќе остане дел од мојот живот и сѐ уште ја применувам, меѓутоа не толку често за лични дела. Во моментов повеќе зазема место во мојот „професионален“ живот.
На приватен план, надвор од работата со клиенти, често моето внимание се насочува кон различните аспекти на уметноста, па во моментов пробувам да најдам баланс помеѓу музиката и можностите што ги нуди видео-уметноста.
Што претставува цртањето и илустрацијата за тебе како уметнички медиум, што искажуваш преку неа?
Ова е прилично опширно прашање, зашто не е дека само едно конкретно нешто сакам да искажам преку цртањето и илустрацијата. Секое дело претставува одреден период во мојот живот, одреден момент, мисла или чувство. И секоја творба остава трага и доказ за моето постоење. А, илустрацијата како медиум само ми помага и ми нуди начин преку кој можам да ја оставам таа трага.
Кои дела (проекти) ти се најдраги досега?
Не можам да издвојам најдраго лично дело, затоа што при работата на секое од нив имам научено нешто ново, а секое ново знаење ми е еднакво значајно.
Од проектите што досега сум ги работела за клиенти, можам да кажам дека најинтересни ми се илустрациите за друштвената игра „Genesis: Battle of Champions“ и скиците за поткастот „What Lies Between Sleep“.
Светски илустратори/артисти на кои им се восхитуваш
Astri Lohne
Loish
Djamila Knopf
Konstantin Kostadinov (_h_t_o_n_)
Peter Mohrbacher
Emilyena (strangemilyena)
Како влијае пандемискиот период врз твојата креативност и како го поминуваш?
Пандемискиот период нема некое посебно влијание врз мојата креативност, а животниот стил и не ми е многу променет. И пред пандемијата поголемиот дел од времето го поминував дома, работејќи на проекти или на лични творби.