Името Зоран Кардула може да ви е познато поради неговите интересни ликовни решенија за знаменити и важни личности од историјата, културата и спортот, кои речиси секојдневно ги истура на социјалните мрежи. Тоа се личности што на свој начин ги обележале животите на луѓето и преку нив промовира и истакнува вредности што нашето секојдневие го прават не само поподносливо туку претставуваат и компас во безредието во кое живееме. Името Зоран Кардула може да ви е познато по многубројни постери и ликовни решенија за различни настани. Кардула си ја зацементира својата репутација на иновативен и интересен дизајнер со своите визуелни решенија, кои се чинат како да извираат од сите страни и се исползувани за различни намени, дали уметнички или комерцијални. Од друга страна, неговиот талент ги красеше постерите на Оф-фест и Скопскиот џез-фестивал, како и неодамнешниот постер за „Алкалоид“ со декорации во арт деко и Art Nouveau стилот.
Како човек со широки вкусови за музика и филм, неговото портфолио е обемно и познати се неговите многубројни изложби, меѓу кои се „Војната на ѕвездите“ во Македониумот во Крушево, „Новиот бран – децата на социјализмот“, „Изложба на југословенските постери“, „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“, поставена во САД, „Жените и по некој маж“, (поставена во Албанија) а неодамна во Швајцарија се затвори неговата изложба „Transformations!“во Maison d’Ailleurs во соработка со галеријата Секура. Со Кардула зборувавме за повеќе теми, од неговите почетоци како графички дизајнер, вредностите што се присутни во неговите илустрации, соработките со уметничкиот и со комерцијалниот свет. Наспроти успехот што го постигна и влијанието што го има во светот на дизајнот, Кардула цврсто се придржува на вредностите што ги промовира.
Како почна да се интересираш за графички дизајн, што беше тоа што ти го претстави тој свет и неговите можности?
– Љубовта кон уметноста беше пресудна да почнам да се интересирам за графичкиот дизајн. Естетиката што се пренесува преку дизајнот и моќта што ја има да допре до крајниот консумент ме навлече да влезам подлабоко во тој свет. Можеби најголемо влијание да го засакам графичкиот дизајн имаше политичкиот советски плакат и тоа од почетокот на Советскиот Сојуз, кога на сцена доаѓа руската авангарда со нејзиниот поглед на светот, изразувањето како и начинот на кој се праќа пораката за еден подобар свет. Таа естетика и по толку многу години не престанала да ме воодушевува и секако тоа има влијание и врз мојата работа.
Како некој што студирал нешто поинакво, кој беше пресудниот момент кога се одлучи ова да биде твој животен повик?
– Јас сум дипломиран електроинженер и никогаш не зажалив што го одбрав тој факултет. Одличен факултет, исто такви професори и колеги со кои сè уште се дружиме, нераскинливи пријателства од студентските денови. За време на студиите и подготвувањето испити, секогаш бев со графит и четка во рака, цртав, сликав. Дипломирав кога започна распадот на Југославија и војната што следуваше во соседството. За мојата струка тогаш имаше сè помалку работа и ми беше јасно дека ќе морам да размислувам за преквалификација. Логично ми беше да се насочам кон графичкиот дизајн, кој во тоа време беше релативно нов, а доволно блиску до мојата љубов кон уметноста. И така се случи од електроинженер да станам графички дизајнер.
Дизајнерот Џонатан Барнбрук смета дека основната цел/задача на дизајнерот е да придонесе во правење едно општество да стане подобро. Како дизајнер, твоите дела покрај давање омаж на разни познати фигури од различни сфери, оддаваат почит на знаменити личности од историјата и уметностите, кои дале свој придонес со своите дела и активности. Кои се некои од вредностите што ги пренесуваш преку своите дела?
– Апсолутно се согласувам и од тие причини речиси секојдневно настојувам преку своите илустрации да ги потсетам старите генерации на личности и дела што не треба да се заборават, а новите генерации да ги запознам со нив. За жал, преку образовниот систем немаат можност да ги учат, па на овој начин сакам да ги запознам, но секако со приспособен дизајн и илустрација според новото време и прифатлива за нив. Пример се хероите и хероините на Југославија, кои преку поп арт стил карактеристичен на Ворхол се обидов да ги доближам до младите генерации, со естетика што им е поблиска, а секако примарно е да се запознаат со нивната жртва и со борбата за слободата.
Некаде прочитав за твојата љубов за ликот и делата на Салвадор Дали. Какво е неговото влијание врз твојот пристап кон работите што ги создаваш?
– Опседнат бев со Дали ама баш во вистинска смисла, собирав сè што е поврзано со него, со неговите дела, неговите книги, документарци и интервјуа ги снимав на видеокасета, ги купував сите монографии што излегуваа за него, копирав книги. Преку него некако навлегов и во надреализмот како правец и се запознав со делата на сите големи уметници од тој период. Неговото сликарство ми беше поттик да почнам послободно да се занимавам со уметност, да почнам да го проучувам тој свет што го создаваше тој преку својата уметност, а преку него и со Буњуел кого исто така го обожавам и ми го отвори светот на седмата уметност – филмот.
Различни твои дела имаат различен пристап и заднина. Некои дела укажуваат на влијанија на арт деко и арт нуво или руска авангарда или влијанија на Густав Климт. Кои правци во уметноста влијаеле најмногу во оформувањето на твојот израз?
– Во 1988 година случајно налетав на едно дело на Тамара де Лемпицка, полска сликарка, и мислам дека тоа беше и почеток на влијанието на арт деко стилот. Влијанието на Лемпицка е огромно во моето сликарство како и илустрациите. Исто како и за Дали проучував сè за неа, за начинот на сликање, темите. Вo 1990 година Мадона во својот спот „Vogue“ користи слики од Лемпицка и тогаш веќе нејзиното сликарство станува доста популарно и прифатливо и веќе денес важи за икона во арт деко стилот. Како го проучував арт деко стилот некако тематски сето тоа ме насочи и кон Климт и арт нуво стилот и не само во сликарството, дизајнот туку и во архитектурата и внатрешниот дизајн. Сето тоа може да се забележи и во моите илустрации, тоа влијание можеби е со мала доза модернизам, но стилот е тој. Во мојата уметност, кај жените што ги цртам огромно е влијанието на Лемпицка и на Климт. А влијанието на советскиот стил, руската авангарда како и југословенскиот дизајн се гледа во моите постери и дизајн. Стил што, како што спомнав погоре, е можеби причината поради која почнав да се занимавам со дизајн.
Календарот што го изработи за Алкалоид претставува една лепеза како сите овие претходно наведени стилови се претопуваат низ сите 12 илустрации. Дали може да зборуваш за пристапот што го имаше кај овој проект и што сакаше да постигнеш?
– Многу убав проект, особено дека имав комплетна слобода во креирањето и приказна што се пренесува со една естетика што сè уште е актуелна и која многу ја сакам. Не е лесно да се претстават продукти од фармацевтска индустрија во период од пред 100 години, а да бидат привлечни и допадливи, но кога нешто работиш и уживаш во тоа, сè е полесно. Календарот не го сметам само како хартија што нè потсетува кој ден сме, туку сакав да потсетува на нешто убаво и естетски да го краси просторот. За изработката на календарот разгледав огромен број постери и принтови од тој период. Настојував да ги запазам стиловите што биле актуелни, колоритот, за некои производи правев и амбалажа како би изгледале во тоа време според трендовите за да го претставам продуктот поавтентично во тој стил. Мислам дека на крај успеав да направам убави илустрации на познатите производи на „Алкалоид“ кои со децении се присутни на нашиот пазар и да го вратам времето каде што естетиката беше доминантна во дизајнот.
Дали има правила во врска со тоа кои проекти ги прифаќаш или не?
– Настојувам секој клиент што ќе ми се јави, да можам да го услужам. Се случило само неколкупати да морам да одбијам клиент поради презафатеност, каде што навистина физички не сум можел да постигнам.
Дали можеш да објасниш каков инпут имаат клиентите врз твојата работа? Дали понекогаш чувствуваш дека си продолжена рака на клиентот?
– Клиентите што ми се јавуваат, знаат што работам и што може да очекуваат од мене, па искрено многу не се мешаат во мојата работа. Правило ми е да дадам повеќе предлози, но и не дозволувам корекции на дизајнот. Тоа ми е принцип и гледам дека функционира.
Во можност си да соработуваш со различни субјекти за најразлични цели од комерцијални фирми до различни дејности во рамките на уметностите (од филмови до музички фестивали). Кои се сличностите и разликите кога се соработува со различни субјекти од комерцијалниот и уметничкиот свет?
– Претпоставувам дека сепак искуството што го имам од повеќе од 25 години, ми овозможува точно да знам што бара клиентот и што да понудам. Принципот на работа е ист независно колку се различни субјектите, најбитен сегмент е истражувањето и проучување на субјектот. Најважно е да им го понудите најдоброто од себе и точно да соодветствува со брифот добиен од клиентот.
Во последно време преплавени сме од слики генерирани од AI апликации и се води дебата за природата и вредноста на овие дела. Како гледаш на ова, како на почеток на нова ера на илустрации и нешто позитивно или негативно?
– Токму така, последните месеци можеме да забележиме дека сите социјални мрежи се преплавени со слики генерирани од АI генератори, за кратко време станаа многу популарни и масовно се генерираат. Искрено немам големо познавање и баш пред некој ден следев предавање од Небојша Гелевски токму на оваа тема и некои работи ми станаа појасни. Одлична презентација што ги опфаќа и дилемите што се појавија дали ова значи дека сè помалку ќе се користат услуги од илустратори и дали ова ќе се смета за уметност. Многу контрадикторности се појавија и околу авторските права и користењето на овие генератори со многу тужби и контратужби. Јас немам никакво искуство со АI слики, но навистина има одлични генерирани слики, кои секако може добро да се искористат како инспирација. Некако многу полесно ми е да илустрирам сам отколку да користам генератор за слики. Како и секоја новина треба време да помине да биде прифатена и секогаш нешто што е ново знае да донесе дилеми, но мора да го прифатиме фактот дека технологијата доминира во сите области од нашиот живот.
Секојдневно сме сведоци на излевање на твои плакати и дела на социјалните мрежи. На што се должи оваа хиперактивност од твоја страна?
– Искрено тоа е мерак, љубов кон тоа што го работам. Обожавам да илустрирам, да цртам и сето тоа си го правам за сопствено задоволство, но изненаден сум колку многу тие проекти што си ги работам, ми имаат донесено одлични клиенти и убави проекти. Стојам на ставот дека успехот е загарантиран само со многу работа, плус и ако тоа се прави со задоволство.
Обично еден фестивалски постер и дизајн претставува соработка помеѓу организаторот, уметникот и публиката. Секој на своја страна станува дел од вредностите и пораките што настанот и музиката ги праќа. Дали можеш да го објасниш креативниот процес за да се дојде до вистинското визуелно решение?
– Многу е важно да имате одлична комуникација со клиентот, негова отвореност и можноста да ви дозволи слобода во креативноста. За моја среќа, сум работел со многу клиенти што ми дале комплетна слобода при креирањето. Во креирањето на еден фестивалски постер (или воопшто еден постер) мора прво да се одреди таргет групата, односно која е публиката на која треба да ѝ се пренеси пораката и какво чувство треба да предизвика постерот кај публиката. Потоа следува истражувањето, кое одзема најголем дел од времето. Се истражува фестивалот, слични фестивали, конкуренција, се анализираат предностите, маните и се создава moodboards кој многу помага при генерирање идеи. Многу е битно идеите да се визуализираат или да се запишат зашто брзо доаѓаат, но и брзо исчезнуваат. Потоа следува процесот на креирање и тој процес е едно движење што ве носи во пробување разни техники и стилови до моментот кога ќе добиете нешто за кое знаете дека тоа е тоа. Обично еден постер мора да ги има следните карактеристики:
да биде креативен, да привлече внимание, јасно и лесно разбирливо да ја пренесува пораката затоа што сите ние живееме во едно време на трчање, имаме малку трпение и поради тоа мора пораката и креативата да бидат толку добри, впечатливи, за да го задржат внимание повеќе од 3 секунди и тогаш имаме успешен постер.
Како почна да соработуваш со Скопскиот џез-фестивал?
– Да се работи на дизајнот за плакат за СЏФ е секогаш предизвик за секој дизајнер. Ја имав таа среќа да ми се јават Оливер и Шурбе со покана јас да го изработам плакатот за 2019 година и така почна мојата соработка со СЏФ како и со Оф-фест.
Ако се земе предвид дека многу талентирани графички дизајнери и уметници оставиле свој печат со годините, што е тоа што ти го остави како печат врз визуелните решенија за нивните фестивали?
– Покрај што е предизвик и чест да работиш на креатива на СЏФ, исто така е и голема одговорност со оглед кои се големи имиња имаат работено на плакатите низ годините. Фактот дека стилот е минимализам, која е можеби најтешка категорија во дизајнот и е посебен предизвик за секој дизајнер. Во мојот плакат беше претставена визуализација на звукот преку движење на прстите со многу едноставен приказ и користење на градиент.
На кој начин комуницираше со Белопета за да се дојде до визуелно решение што ќе го привлече вниманието на јавноста, а истовремено да се следат пораките што визуелното решение чувствуваше дека треба да ги прати?
– Со Оливер сме одлични пријатели и имавме и имаме добра комуникација. Понудив повеќе од 25 предлози, од кои неколку веднаш влегоа во тесен круг и на крај се одбра решението со кое беше претставен СЏФ 2019 година. Немаше никаква корекција од страна на тимот на СЏФ во однос на креативата и мислам дека со оглед на неговото искуство да го одржи нивото на дизајните на плакатите на СЈФ, изборот беше многу добар. Реакциите на публиката беа одлични што ми е посебно драго. По успешната соработка со СЏФ почнавме и одлична соработка и со Оф-фест.
Решението за Oф-фест 2022 e мое омилено од таа соработка иако и другите две за претходните години се одлични. Дали може да зборуваш повеќе за пристапот и пораките што овој дизајн го праќаше?
– Одлична соработка и серијал од 3 постери за Оф-фест. Тука насоките и брифот за првиот плакат 2020 година го имав со Шурбе и се договоривме во која насока би се движеле и така излезе серијалот од 3 постери, во кои е преставена силуета на Африканка, со елементи на етно-мотиви и графички елементи, кои се доста колоритни како што впрочем е и самиот фестивал, кој е богат со различности.
Кои се некои од работите од кои си моментално фасциниран и на кој начин се одразуваат во твојата работа?
– Секојдневно наоѓам нови уметници и дизајнери што ме фасцинираат, не само во графичкиот дизајн туку и воопшто во секој сегмент од животот. Сите тие ми се инспирација да создавам нови дела, нови илустрации што можете секако да ги видите на моите социјални мрежи.
На кој начин ја одржуваш свежината на својот израз и креативност?
– Со годините веќе имам изградено стил по кој луѓето ме препознаваат. Но, како што може да се види по објавите по социјалните мрежи, настојувам секогаш да понудам некој нов израз, но сепак препознатлив. Мора да се следат трендовите, да се експериментира и на крај секогаш имате нешто ново, нешто свежо, различно. Илустрацијата и дизајнот се жива материја, со кои треба да се експериментира, да се менува естетиката.
Ненад Георгиевски