„Затворивме успешен фестивал, за кој што твитерџиите напишаа, Синедејс – згази. И многу ни е мило за таквиот впечаток, бидејќи со многу ентузијазам и силен мотив, навистина се потрудивме. Годинава направивме огромна промена, решивме наместо да се туфкаме и зборуваме колку е тешко да се работи во овие услови, да бидеме проактивни и да реализираме фестивал во физички услови, а не онлајн. Скопје го претворивме во кино под отворено небо, и успеавме да стигнеме во многу маала, да ги ревитализираме за време на фестивалот некогашните кино простори и да му дадеме друг пулс на градот“ – вели Маргарита Арсова, координаторка на CINEDAYS.
Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири комисијата во состав, Лабина Митевска – актерка и продуцентка, Благој Веселинов – актер и Кнут Елстерман – режисер, која ги додели следниве награди:
Во официјална селекција, награда „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Гагарин“ во режија на Фани Лијатар и Жереми Трули. Во образложението за филмот, жири комисијата вели:
„Жирито за многу кусо време се согласи дека ова беше најдобриот филм. Нѐ восхити неговата визуелна убавина и хуманост. Инспирирани од вистинит настан – рушењето на огромен станбен комплекс, режисерите создале модерна бајка за тоа што значи домот денес, што прави да го чувствуваме како дом – луѓе од најразлични културни потекла се обединуваат како во село, соединети во болката од загубата на овој дом. Со извонредни, автентични млади актери, совршен во третманот со бои и текстури, оригинален и стручен во играта со мотиви, овој филм е како поетска утопија, ремек-дело што ни изнуди насмевки и солзи и нѐ направи многу среќни“.
https://www.youtube.com/watch?v=HHULoNrBnrk
Во „SEE програмата“ награда „Златно сонце“ за најдобар филм доби филмот „ Оаза“ во режија на Иван Икиќ.
Во образложението за филмот, жири комисијата вели:
„Храбар и ризичен проект: режисерот Иван Икиќ работел со фантастични актери со попреченост и успеал да создаде трогателна љубовна приказна, конфликт на љубовен триаголник во институција за лица со интелектуална попреченост, раскажана во три поглавја. Секое поглавје е посветено на еден од трите главни лика, кои имаат високо достоинство и многу комплексни карактери.
Многу ни се допадна начинот на кој Икиќ работи во нормален ракурс со неговите актери, никогаш не е во ѕиркачка перспектива, и оваа трогателна приказна ја раскажува однатре, а не како љубопитен набљудувач. Икиќ е одличен раскажувач, но неговиот филм е многу повеќе од тоа: без никакво претерување или едноставни обвинувања, снимен речиси во документарен стил, овој филм се залага за правото на самоопределување и љубов на лицата со попреченост.“
Специјално признание за филмот „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ од „SEE програмата“ . Во образложението за филмот, жири комисијата вели:
„Многу едноставна, архаична приказна, конфронтација на една сурова мајка на посмртна постела со нејзината ќерка Јасна, хрватски иселеник во Германија, извонредно одиграна од фантастичната Дарија Лоренци. Нѐ воодушеви детално разработениот и природен начин на кој режисерот Јуре Павловиќ го создава напнатиот однос помеѓу двете жени, истражувајќи го секое делче од ранетата душа на Јасна, врвното, длабоко проникнување во влијанијата што го градат нашиот карактер, со многу наративни детали – Јасна е многу послична на мајка си одошто мисли.“
Овогодинешниот 19-ти Меѓународен фестивал за европски филм – CINEDAYS кој што се случуваше во поместен термин, го следеа повеќе од 5000 луѓе, кои уживаа во проекциите под ведрото небо. Под слоганот „Филм на секое платно“ успеа во својата мисија со програмски репертоар од 40 филмски проекции, на девет локации низ Скопје и три концерти со фокус на домашната филмска продукција.
Фото: Соња Ставрова