Продолжува стеларната патека на краткиот филм „Налепница“ од Георги М. Унковски во продукција на Cinema FUTURA. „Налепница” е избран за најдобар краток филм на 17. издание на Меѓународниот фестивал за краток филм „Ин д палас“ во Варна, Бугарија. Овој фестивал е еден од официјалните светски фестивали што ги квалификуваат победниците за натамошна можност за номинација за „Оскар“. Победникот на овој фестивал за игран краток филм „Налепница“, по овој успех, влегува во конкуренција за номинација на „Оскар“.
Во изминативе девет месеци „Налепница“ беше дел на 135 фестивали со дистрибуција на Topic, Canal + Spain, HBO Europe. Имаше премиера на „Санденс“, а освои и многубројни награди на фестивали во САД, Италија, Грција, Шпанија, Ерменија, Хрватска, Франција, Чешка, Словачка, Австралија и Бугарија.
„Налепница“ е краткометражен игран филм на режисерот и сценарист Георги М. Унковски, кој прикажува како навидум мали бирократски проблеми експонираат и формираат слика за корумпирана, нефункционална држава и систем што директно влијае врз менталното здравје и постапките на сопствените граѓани. „Налепница“ е дел од новиот бран, креативни, а пред сè издржани македонски филмови, кои се обидуваат да се издвојат од толпата. Талентираното око на Георги М. Унковски се истакнува со внимателниот пристап, прецизните детали, умешноста полетно да ја поврзе публиката со главниот лик и убедливо највпечатливиот елемент, совршената комбинација со музиката што мудро пронаоѓа дел во сценариото.