Сакала да се преправа дека е дрво или растение, сакала некако да биде дел од една целина, а не нешто одвоено од природата. Таа вели дека сакала да чувствува, да допира и да создава корења, бидејќи мисли дека врската меѓу природата и културата е нарушена преку губењето на идентитетот.
Ула е фасцинирана од растителниот свет, а љубовта кон фотографијата ѝ ја всадила мајка ѝ, па така таа ги обединила овие две страсти. Крајниот резултат на нејзината работа е макрофотографско истражување на секоја растителна фаза, необичните текстури, бои и форми на семињата, лисјата, цвеќињата, како визуелна метафора за привременоста и непостојноста на човечкиот живот.
„Читајќи го Орхан Памук, ја сфатив неговата желба да биде значењето на дрвото, а не самото дрво. Потоа почнав да се прашувам какво значење би било тоа, што, всушност, би значело да бидеш дрво? Таму каде што има дрво, има живот, хармонија, трансцендентност. И растенијата се социјални битија. Тие ги делат водата, сонцето, сенката и хранливите состојки помеѓу себе и со другите форми на живот околу, во кои се вклучувам и себеси. Тие си помагаат себеси и им помагаат и на другите. Да се грижиш за другите значи да се грижиш и за себе, и токму во тоа се состои нивната великодушност и интелигенција. Тогаш си посилен.
Едно незаштитено дрво не е шума и тоа е слабо, но многу дрвја заедно можат да живеат и да истраат долго време. Ако сите суштества се грижат само за себе, голем дел од нив ќе изумрат, факт што во денешно време се чини чуден, особено поради индивидуалноста во сите социополитички и економски сфери. Многу е важно да се открие точка, место, момент во кој сите ќе бидат едно, интегрирани и ќе најдат нов начин на опстојување на оваа планета. Пред сè, ќе откриеме начин да бидеме поблиску до сопственото, туѓото и до опкружувањето на сиот живот што пулсира во ист момент со нас.
Пред мојата куќа има големо бадемово дрво. Околу неговото стебло и на гранките има замотан бршлен. Мислам дека на бадемот не му пречи тоа што му е домаќин на бршленот, како и на птиците и другите живи суштества што уживаат во него, вклучувајќи ме и мене, бидејќи уживам во неговата сенка и убавина. Што е значењето на бадемот, какво е моето значење?“