Повеќето луѓе денеска сметаат дека секој што ќе постира „бесрамно селфи“ на Инстаграм е фотограф на автопортрети. Во изминатите децении, процесот, вредноста и значењето на автопортретот еволуираа брзо, особено за женските уметници. На пример, Клод Кахун воведе еден вид хибрид од надреализам и родово експериментирање на уметничката сцена, додека нашите современици како што е Џо Спенс, ги користеа своите слики за ги документираат своите лични битки со идентитетот и болеста.
Во чест на таквите револуционери, ви ги покажуваме најбрилијантните портрети од женски уметници.
Синди Шерман

Синди Шерман е позната по својата способност да се трансформира себеси – од Степфордска сопруга во црно и бело, до мултиколор кловн. Способноста на оваа фотографка да експериментира со идентитетот е хронолошки регистрирана во нејзиното дело „Untitled Film Stills“. Нејзините фотографии се забележани меѓу 1977 и 1980 година, и можат да се поврзат со нејзиното детство и депресијата на млада жена, која бегајќи од себеси, се преоблекувала и се преправала во различни ликови. Таа се осознала како фотограф откако нејзиното тогашно момче ѝ предложило да почне да го документира овој процес. Така таа ќе стане еден од најпризнатите светски визионери на полето на фотографијата.
Поли Пенроуз

Поли сликала автопортрети неколку години пред да ги изложи во серијата наречена „Nude“ за еден натпревар на Лондонската фотографска асоцијација. Нејзината прва самостојна изложба на голи автопортрети („A body of Work“) се одржала во 2014 година. Пенроуз е оддалечена светлосни години од вообичаената хиперсексуална слика за женската форма. Таа креира надреални слики, поставувајќи се себеси во најневозможни места и позиции, наречени „физички разговори меѓу мене и просторот“. Користејќи ја фотографијата како средство да ја изрази својата анксиозност и нарушеното ментално здравје, сликите на Пенроуз имаат цел да ги ослободат жените што се срамат од своите тела.
Вивијан Маер

Вивијан Маер е една од највлијателните, но истовремено и најмистериозни фотографки на изминатиот век. Американската стрит-фотографка, која живеела повлечен живот како дадилка на три момчиња, е опишана како „загатка завиткана во мистерија, поставена во енигма“. До нејзината смрт во 2009 година, никој не знаел дека Маер била фотографка. Зад себе оставила повеќе од 100.000 фотографии што го документираат животот во Чикаго во 60-тите години. Токму на улиците, Вивијан ги има регистрирано своите најзабележителни автопортрети. Сликајќи се во одразот на прозорците на продавниците во Чикаго, и на тој начин давајќи им неверојатна длабочина на своите фотографии, таа се смета за оригинален пионер на т.н „mirror selfie“.
Хобс Гинсберг

Оваа фриленс фотографка од Лос Анџелес, која себеси се идентификува како квир, признава дека се фрустрира кога разговорот за нејзината фотографија се врти само околу тоа прашање. Нејзините дела не навлегуваат само во личните прашања за анксиозноста и депресијата, туку исто така и во нејзиното искуство како личност и артист. Додавајќи им ги прекрасните бои на своите портрети и самата суштина на панкот, таа ја канализира секоја негативност во својата фотографија во позитивно искуство.
Франческа Вудман

Франческа Вудман ја направила својата прва фотографија на 13-годишна возраст. До нејзината смрт на само 22 години, Вудман создала околу 800 фотографии. Таа е најпозната по своите црно-бели автопортрети налик на дух, користејќи се себеси како алатка што ќе го привлече окото на гледачот во специфична точка од сликите. Нејзините техники влијаеле врз најпознатите фотографи на денешницата, вклучувајќи ја и Синди Шерман.
Ију Сусираја

Оваа фотографка неодамна се појави на финската фотографска сцена со посебен пристап кон автопортретите, со акцент на пораката што ја праќа – дека и ненормалното може да биде нормално. Тврдејќи дека животот е нејзина муза, и нарекувајќи ја својата уметност „разигран анархизам“, автопортретите на Сусираја се извонредно бизарни. Нејзината серија наречена „Good Behaviour“ го прикажува нејзиното позирање со повеќе предмети од домаќинството, каква што е фотографијата со метлата под нејзините гради. Сусираја ги користи своите портрети за да ја истражи врската меѓу жената и предметите во домаќинството.
Клод Кахун

Оваа француска артистка и писателка ги користела своите автопортрети за да ги разбие родовите перцепции. Таа била пред своето време кога експериментирала со сликата како андрогена жена и феминизиран маж, буквално предизвикувајќи да се прашувате за идентитетот во нејзините слики. Таа не поднесувала етикети, па дури не сакала да биде нарекувана ниту артист, туку едноставно ги користела своите слики за да го изрази бунтот против конвенционалното.
Џо Спенс

Британската фотографка Џо Спенс ја започнала својата кариера во шеесетите како комерцијален фотограф, потоа постепено менувајќи го правецот. Нејзините две серии „A Picture of Health“ и „Cancer Shock“ претставуваат едни од најсуровите и најлични примери на автопортрети во современата фотографија. Таа го користи фотоапаратот за да ги забележи фазите во влошувањето на своето физичко и ментално здравје, како и дијагнозата со рак на дојката во 1982. Продолжувајќи со работата сè до нејзината смрт во 1992, Спенс ја комплетира колекцијата „The Final Project“ како одговор на нејзината болест.
Петра Колинс

Преку овој провокативен автопортрет од нејзината серија „The Hairless Norm“, Петра Колинс истражува зошто кога проработуваат хормоните кај девојките и тие развиваат гради и пубични влакна, им се кажува дека треба да ги отстранат и на некој начин да ѝ се доближат на детската верзија од себеси. Американската артистка ја набљудува неудобноста што општеството ја има во поглед на влакната по женското тело и нивното покажување. Нејзината слика еволуира низ пастелни слоеви, розова и сребрена боја, за да создаде своевидни сонливи портрети со феминистички предзнак. Колинс исто така го користи автопортретот за да ги нападне конвенционалните идеи за женственоста, како и табуата за тинејџерската сексуалност.
Ирина Јонеско

Оваа култна француска фотографка од раните седумдесетти била ќерка на романски имигранти и циркуски работници. Се појавила во париската уметничка средина со серија црно-бели фотографии од жени што комбинирале надреализам и еротика. Сите женски фигури што се појавуваат на нејзините фотографии, се чини дека покажуваат некој вид незаинтересираност кон гледачот. И таа на нејзините портрети го зазема истиот оној морничав став, создавајќи вознемирувачки слики за набљудување.

