Според едно истражување на Универзитетот Улстер од Северна Ирска, вработените во креативниот сектор се трипати поизложени на нарушувања на менталното здравје од другите.
Неправилното работно време, недостатокот на сигурна работа и ниската плата имаат голем ефект врз човечката благосостојба. Проблемите се појавуваат и бидејќи луѓето сметаат дека општеството ја потценува нивната работа.
Но професорката смета дека има многу аспекти од работата во креативната индустрија, кои можат да го зголемат, наместо да го намалат ризикот од ментални заболувања. Таа мисли дека во креативниот сектор се судираат типот на личноста што може да ја врши оваа работа, и самата природа на креативната работа. Имено, главното прашање е како гледа општеството на уметноста и што тоа е подготвено да даде за неа (еден од петмина живее под границата на сиромаштијата, а тоа секако претставува извор на стрес).

Според оваа студија, анксиозноста и депресијата се двете најчести нарушувања. Истражувањата ги предводела професорката Сјобан О’Нил од Институтот за психолошки истражувања на Универзитетот Улстер. Според неа, студијата открила дека луѓето што веќе страдаат од нарушувања на менталното здравје бараат работа во секторот на креативната индустрија, надевајќи се дека работата ќе им помогне да го надминат својот проблем.
Вкупно 574 вработени во креативниот сектор одговориле на детални прашања за своето ментално здравје. Студијата открила дека најчесто дијагностицирани нарушувања биле анксиозноста (36%) и депресијата (32%), додека 60% од учесниците кажале дека помислиле и на самоубиство. Сепак, мнозинството од учесниците рекле дека се чувствуваат надежно и среќно. Според Питер МекБрајд „креативните луѓе се во поголем допир со своите чувства, а тоа значи дека тие понекогаш ги доживуваат нештата многу подлабоко отколку другите луѓе, тоа е дел од нивниот занает. На некој начин, тоа е нивниот подарок за нас, а дел од истражувањето покажува дека тие плаќаат цена за тој подарок“.

