Првата асоцијација за Мали е: далечна, пустинска африканска земја со која патиштата не ни се вкрстуваат ниту историски, ниту културолошки.
Тогаш, зошто сме толку восхитени секогаш кога доаѓаме во допир со звуците кои ни доаѓаат оттаму, пренесени преку музиката на Басеку Кујате, Али Фурка Туре, Тинаривен или Бубакар Траоре? Музичката магија на западноафриканската земја веќе се разнесе на сцената на ОФФест 2015, кога нејзините звуци беа во фокусот на фестивалот. Од лулката на блузот и мелодиите пренесени преку традиционалните инструменти кора, балафон, нгони и калабаш, оваа година во рамките на ОФФест пристигнува „ѕвездата над ѕвездите“ Уму Сангаре.

Ѕвездата од Васулу, зелениот југ на Мали, е силен поборник за женските права. Уште со својот деби-албум Moussolou (1989) таа упатува остра критика кон обичаите на договорен брак и полигамија во својата земја, бидејќи и самата пораснала во полигамно семејство. Неодоливиот глас на Уму Сангаре ја црпи својата моќ од прастарите корени на музиката што се негува во Мали.
Иако во претходните албуми таа се труди да се држи до таквата традиција, во новиот албум Mogoya (Денешни луѓе), Сангаре ангажираше млади продуценти од Шведска и Франција кои за неа креираа посовремен звук и на некој начин ја „подмладија“ нејзината музика, за да ја доближат до новите генерации.
Во музичкиот израз на Уму Сангаре има всадено длабоки пораки кон општеството. Во едно интервју, Сангаре ќе рече: „Сакам да останам во Мали, иако имам куќи и на други места. Мали ми дава инспирација. Можам да му зборувам на целиот свет, но мојата музика им се обраќа првенствено на Малијците. Мораш да живееш меѓу нив за да ги разбереш. Текстовите дојдоа пред мелодијата и ритамот.“

