„Сестри“ – Дина Дума
Режисерското деби „Сестри“ на Дина Дума ја следи приказната за две тинејџерки кои се во потрага по сопствениот идентитет, испреплетена со изливите на бунтовност, внатрешно преиспитување и трагање по контурите на сексуалноста што се постапно се развива во форма на осознавање на сопственото тело и прв допир со интимноста. Главните улоги се Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Филмот е во продукција на „Лист продукција“, продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев-Новоградска.
Дума за својот дебитантски долгометражен филм „Сестри“ се закити со Специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“ на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари. Овој филм е и македонски национален кандидат за Оскар.
„Северен Пол“ – Мaрија Апчевска
Краткиот игран филм „Северен Пол“ на режисерката и сценаристка Марија Апчевска-Петровска во продукција на „Кино око“ е „приказна за прифаќање, изолација и припаѓање“, според зборовите на самата режисерка. Таа, меѓу другото, вели: „Некако природно ми доаѓаат тие теми и кога создавам нешто мое и кога бирам книга за читање или филм за гледање. Сакам да гледам и да создавам дела, чија порака не е црно-бела. Поточно кажано, сакам филмови што на публиката ѝ отвораат повеќе прашање отколку што ѝ нудат одговори.“
Филмот беше селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и се натпреваруваше за наградата Златна палма за најдобар краток филм. „Северен Пол“ е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и во Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Филмот ја освои наградата „Санта Луција“ за најдобар интернационален краток филм на фестивалот во Богота, Колумбија, а претходно и Големата награда на 63. Интернационален фестивал за документарен и краток филм „Зинеби“ во Билбао, Шпанија, како и наградата „Златна колица” за најдобар краток филм, на филмскиот фестивал во Загреб.
„Неонски срца“ – Ана Јакимска
По претходниот успех со краткиот филм „Ќе дојдат децата“, „Неонски срца“ на Ана Јакимска го истражува двојниот живот на средовечен геј маж кој се соочува со сложени морални дилеми во рамките на своето семејство. Актерската екипа ја сочинуваат Јордан Симонов, Гордана Ендровска, Симеон Дамевски, Симон Палитов, Гзим Жерка и Влатко Илиевски.
Филмот „Неонски срца“, на режисерката Ана Јакимска ја доби наградата за најдобар домашен (македонски) филм, на третиот Меѓународен фестивал на краток филм, „Филмај 2021“ Куманово.
„Еден тон сладолед“ – Сандра Ѓорѓиева
„Еден тон сладолед“ е интересна приказна за 15-годишниот Ведран кој се бори со агонијата и психолошките трауми после еден застрашувачки настан од неговиот живот. Главните улоги ги толкуваат Јелена Јованова-Периќ, Бодан Киранџиски и Јована Иванова.
Режисерката Сандра Ѓоргиева за краткометражниот игран филм „Еден тон сладолед“ ја освои наградата за најдобар пич (претставување) на Сараевскиот филмски фестивал. Ѓоргиева доби 4.000 евра за постпродукција на звукот, зад кој стои „Охо продукција“. Проектот беше дел од програмата „Pack and pitch“, како проект во фаза на изработка, каде младите филмски работници, дел од „Сараево таленти“, можат да ги претстават своите проекти.
„Вера сонува за морето“ – Калтрина Красниќи
„Вера сонува за морето“ е македонско-косовска копродукција и ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик која по самоубиството на сопругот, реномиран судија, Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.
Главната улога ја толкува актерката од Албанскиот театар во Скопје, Теута Ајдини – Јегени, а во филмот уште играат и: Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши и др.
Сценариото е на Дорутина Баша, кинематограф е Севдије Кастрати, монтажер на филмот е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук Дарко Спасовски, а продуцент од Македонија е Дрим Фектори, односно Огнен Антов.
Првенчето на Калтрина Красниќи влезе во официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во Венеција во категоријата Хоризонти. За него, Красниќи освои наградата за најдобра режија „Автори под 40“ во рамките на програмата Venezia a Napoli. Il cinema esteso која се организира во соработка со престижниот Филмски фестивал во Венеција. „Вера сонува за морето“ ја освои и главната награда на 34. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Токио.
„Улиште“ – Блерта Башоли
Победникот на Синдејс 2021, копродукцијата меѓу помеѓу Косово, Македонија, Швајцарија и Албанија – „Улиште“ на косовската режисерка Блерта Башоли е приказна за Фахрије, чиј сопруг исчезнал во косовската војна и која се бори против патријархалното општество за да го одржи својот мал земјоделски бизнис со кој обезбедува егзистенција за своето семејство.
Главната улога ја толкува Јилка Гаши, додека во другите улоги се појавуваат Чун Лајчи, Кумрије Хоџа, Аурита Агуши, Каона Силејмани, Мал Ное Сафчиу, Адријана Матоши, Астри Кабаши, Молик Маххуни, Блерта Исмаили, Валире Хаџијај Зенели, Арменд Смајли, Илир Прапаштица, а од македонските актери кои играат во филмот се, Адем Карага, Шкелќим Ислами и Зарије Јонузи Челику.
Македонски копродуцент е „Црна мачка продукција“ и продуцентите Кристијан Буровски и Томи Салковски, а беше поддржан од македонската Агенција за филм. „Улиште“ освои 3 награди на фестивалот Санденс, најголемиот фестивал за независен авторски филм во САД.
Драган А.