Изложбата ќе биде отворена до 30.12.2021 година. Од 27 до 30.12.2021 г. ќе може да се посети од 12 до 18 часот.
PROTOTYPING TENDERNESS е истражувачки проект на младата трансдисиплинарна дизајнерка Клелија Живковиќ. Во овој проект, како и во нејзината досегашна практика, таа се занимава со улогата на дизајнот и дизајнерот во сегашниот свет основан на акумулирање производи и нивно фрлање, а се занимава и со можностите за развој на таа негова улога во иднина. Како одговор на денешниот антропоцентричен и конзумеристички свет, таа ги нуди концептите на грижа и нежност. Човекот (човештвото) е во содејство и во врска со целиот жив и нежив свет, тој простор на допир и контакт е она што таа го вика нежност. Нè носи да ги разнежниме општествените и телесните граници и да излеземе од антропоцентричноста која овој свет го носи во пропаст. Во овој проект, Клелија поставува една постапокалиптична сценографија: денешниот свет веќе умира. Што ќе ни биде потребно за да дојдеме до светот што се раѓа?
Проектот е составен од уметничка книга на Клелија Живковиќ, насловена Prototyping tenderness: a personal log of a dying world и изложба. Книгата е резултат на неколкумесечно истражување коешто подразбира теоретска основа, експеримент, создавање цртежи и текстуални записи, како и фотографски материјал. Сето ова е вклопено во книгата во вид на асоцијативни дневнички записи коишто создаваат мрежа од знаци со цел да ја пренесат атмосферата којашто авторката ја има на ум. Изложбата ќе биде претставена како просторна инсталација, која ќе вклучи предмети и елементи од истражувачкиот процес, како и видеоинсталација создадена паралелно на тој процес.
Клелија Живковиќ (1989, Скопје) е трансдисциплинарна дизајнерка од Скопје, С. Македонија, формално образована во неколку различни дизајнерски дисциплини, вклучувајќи индустриски, графички и општествен дизајн. Таа за својата дизајнерска работа вели:
„Тоа што првично ме привлече кон дизајнот е тоа дека во себе ги содржи уметничка насоченост кон убавина, инженерската љубопитност кон потенцијалот, како и посветеноста на детали на занаетчијата.
Како и да е, мојот пристап во работата секогаш ме носел во потрага по што е можно повеќе начини да го применам дизајнот и во што е можно повеќе различни ситуации.“
Нејзините тековни дизајнерски и уметнички истражувања се разлеваат на многу полиња, но тоа што е заедничката мотивациска сила на сите нив е поврзаноста и комуникацијата на човекот со „другиот“, со остатокот на живиот и неживиот свет.
фото: PrivatePrint