Ако може да му се верува на календарот – пролет е. Птиците пеат, дрвјата цутат и сите други клишеа од писмените вежби по македонски јазик од основно училиште. Не знам зошто во тие текстови никогаш не го спомнувавме кречењето или сезонското чистење, перењето и складирањето на зимската облека… А тоа секогаш оди во пакет со цвркотењето на птиците и цутењето на дрвјата, зелените распослани ќилими на природата, таа раскошна убавица…
Не е далеку летото, ама уште не почнале рекламните кампањи за читање на плажа. Помалку познато е дека има читатели кои уште сега посегнуваат по книга. Посегнав и јас. А можеби не требаше. Ако читате меѓу две сеанси чистење или пружење алишта, ризикувате да не му се посветите на читањето со нужната концентрација. Кога фокусот ќе попушти, можно е, на пример, да ја ставите збирката зен-приказни во машината за перење заедно со ќебето. Како што ја ставив јас. А потоа, благо речено, тоа веќе не беше истата книга.
Ја извадив збирката зен-приказни од машината и ја оставив на сонце да се суши. Потоа повторно се обидов да ја читам. Но, приказните како да не беа исти…
***
КРИГЛА ПИВО
Еден ден на Нан-ин, јапонскиот зен-учител од периодот Меиџи, му дошол на посета некој универзитетски професор, кој сакал кај него да се подраспраша за зенот.
Нан-ин го послужил со пиво. Преполнувајќи му ја криглата на гостинот, продолжил да налева. Професорот гледал како пивото се прелева и се наведнал над криглата, па со устата и јазикот лакомо сркал од пивото што претекува.
„Полна е. Во неа нема веќе место!“ – рекол зен-учителот, очекувајќи универзитетскиот професор самиот да го сфати тоа.
„Само ти точи“, одговорил професорот и продолжил да пие од пивото.
МЕСЕЧИНАТА МОЖЕ ДА СЕ УКРАДЕ
Зен-учителот Рјокан живеел скромно во една колипка во подножјето на планината. Една вечер некој крадец влегол во колибата, но веднаш сфатил дека во неа нема ништо вредно што би можело да се украде.
Тогаш Рјокан се вратил и го затекнал.
„Можеби си минал долг пат за да ме посетиш“, му рекол на крадецот, „и би било штета да се вратиш со празни раце. Те молам, земи ја мојава облека како подарок.“
Крадецот бил изненаден. Ја зел облеката и избегал.
Гол, Рјокан си седнал и се загледал во небото.
„Кутриот тој“, си велел, „да можам, би му ја подарил убавата месечина на небото.“
Кога забележал дека на ѕвезденото небо недостасува месечината, се просветлил и решил и самиот да стане крадец.
ЕДНА НОТА ЗЕН
Кога ја посетил Кина, Какуа го прифатил зенот како учење.
За време на својот престој никаде не патувал. Живеел во постојана медитација на најпустиот дел од една планина. Ако воопшто го најделе некои луѓе, молејќи го да им проповеда, тој ќе кажел по некој збор, а потоа се преместувал на некој друг, уште понедостапен дел од планината.
Откако се вратил во Јапонија, дури и царот слушнал за Какуа и замолил да му го протолкува зенот, за да се воздигне духовно.
Какуа стоел и молчел пред царот. Потоа од внатрешноста на својата наметка извадил едно кавалче и отсвирил само една кратка нота. Длабоко се поклонил и се готвел да си замине, но на царот многу му се допаднала кусата музичка точка, па аплаудирал и го враќал Какуа на бис стотици пати, сѐ додека овој не паднал мртов.
Така царот никогаш не го научил зенот.
НАЈВРЕДНОТО НЕШТО ВО СВЕТОТ
Кинескиот зен-учител Созан бил прашан од еден ученик:
„Кое е највредното нешто на светот?“
Учителот одговорил:
„Главата на мртва мачка.“
„А зошто главата на мртва мачка е највредното нешто на светот?“ прашал ученикот.
Созан одговорил:
„Затоа што никој не може да ѝ ја одреди цената“.
Тогаш ученикот се просветлил, му ја исекол главата на учителот и рекол:
„Мјау.“
КАПКА ВОДА
Зен-учителот Гисан замолил некој свој ученик да му донесе кофа студена вода за да ја стави во големиот сад за капење.
Ученикот ја донел водата, па откако одлеал доволно вода, останатата вода ја фрлил на земја.
„Тапчо“, го искарал учителот. „Зошто не ги полеа билките со остатокот од водата? Со кое право истураш дури и капка вода во овој храм?“
Младиот ученик во тој миг го сфатил зенот. Го променил своето име во Текисуи, што значи „капка вода“.
Оттогаш, трошел вода најмалку што може. Воопшто не се капел до крајот на животот. Смрдел и сите го избегнувале.
ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ
Многу одамна во Кина живееле двајца пријатели. Едниот магично свирел на харфа, а другиот слушал посветено.
Кога едниот свирел или пеел за планината, другиот знаел да каже:
„Ја гледам планината пред очи“.
Кога едниот свирел за водата, пријателот, претворен во уво, велел:
„Гледам моќен поток!“
Арно ама, оној што слушал се разболел и умрел. Неговиот пријател ги скинал струните на својата харфа и дал збор дека никогаш веќе нема да засвири.
Но, по една година сретнал некоја убава жена која многу го сакала звукот на харфата, па ставил нови жици и ѝ засвирил за да ја заведе.
Оттогаш, кинењето струни на харфа се смета за ветување што со сигурност ќе биде изневерено.
* * *
Деновиве ќе купам уште една збирка зен-приказни. Пак ќе ја ставам во машината за перење. Овојпат наместо на 600 вртежи во минута, ќе ја наместам центрифугата на 800. Со друг прашок за перење, со поинаков омекнувач и на 60 наместо 30 степени, приказните сигурно ќе добијат поинаков тек.
Иван Шопов
*Сликите се генерирани со PlaygroundAI.