Пријателите ја познаваат како Евгенија Здравевска, а пошироката јавност ја запозна како Зарина Првасевда со нејзините извонредни вокални можности и квалитети. Нејзиниот прв концерт, одржан на 15 април во големата сала на Филхармонија, беше прекрасно патување низ традиционалната музика на Балканот, изведувајќи песни на неколку јазици.
На патувањето беше придружена од оркестар со врвни музички изведувачи, а настапија и нејзини музички пријатели, како Васил Хаџиманов, Александар Петров и бендот „Перија“. На концертот беа изведени сите 11 нумери што ги содржи нејзиниот прв албум со наслов „Ехо“, а кој го објави најголемата дискографска куќа на Балканот – „Кроација рекордс“.
Концертот, кој траеше речиси два и пол часа, зрачеше со искрена и спонтана возбуда при изведбата на програмата и при најавата на музичките гости. Тоа беше реализација на еден музички сон што со години тлеел во оваа фантастична македонска вокална солистка.
Прилично возбуда внесоа подготовките и реализацијата на твојот „најубав ден во животот“, односно концертната промоција на „Ехо“, која на 15 април се одржа во Филхармонија. Од постфестум дистанца, се смири ли возбудата, се скротија ли емоциите?
− Искрено, ми требаше време да си дојдам при себе. Мислев дека ќе го искористам викендот за максимално да се одморам физички и психички, а со тоа и ќе изгаснам телефон, но не можев да одолеам, па бев достапна за сите телефонски повици, ги читав со внимание сите коментари и со многу љубов и возбуда одговарав на пораките што ми стигнуваа, се прегрнував со оние што ми приоѓаа… Радосна сум…
Колку лично си задоволна како излезе целата работа околу концертот?
− Ова беше многу голем подвиг за мене, со оглед на тоа дека ми беше прв солистички концерт, прв пат како организатор на сѐ она што стоеше на и зад сцена (нормално со поддршка и помош на блиските околу мене), излезе многу повеќе од она што очекував и од технички и од музички аспект. Со оглед на тоа дека концертот го букиравме и најавивме само две недели пред да се случи, она на што најмногу не бев спремна е дека ќе се распродаде до последен билет… Тоа е вистински благослов.
Реакцијата на публиката на концертот беше фантастична. Каков поттик ти даде тој факт?
− Па веројатно тие реакции се пистата по која секој артист експресно се вивнува кон инспирацијата… А јас не сум исклучок од тоа.
Реакциите на публиката се пистата по која секој артист експресно се вивнува кон инспирацијата
Фотографија: Стефан Рајхл
Иако тоа беше твојот прв концерт за првиот албум, со тебе на сцената настапија врвни музичари, како Васил Хаџиманов и Александар Петров, одличниот оркестар што те придружуваше, но и твоите харизматични пријателки од „Перија“. Какви искуства ти пренесоа музичарите со кои настапи на сцената?
− Како што и кажав на самиот концерт, на таа сцена вечерта беа поканети луѓе што оставиле трага во мојот музички или духовен пат и, освен што сум благодарна на Универзумот што ми ги испратил во одредени периоди од животот за да ми покаже некои нови насоки, среќна сум што имам прилика на ваков начин да делам енергија и музика со нив. Според мене, на овој пат се созрева само со давање и делење, па не испуштам прилика да се втурнувам во искуства кои ми ги нудат овие нешта.
На концертот загатна, но мислам дека не објасни, што беше клучно наместо „Билбил пее“ насловот на првиот албум да биде „Ехо“?
− „Билбил пее“ во еден момент ми се чинеше како вистинското име што би го носел насловот на овој албум, со оглед на тоа дека беше првата песна со која Зарина започна како приказна, но подоцна, откако пандемијата принудно нѐ остави дома во мирување и размисла, по извесен период сфатив дека во суштина „Ехо“ е многу пологична варијанта и поубаво му стои.
Во суштина, „Ехо“ го претставува она ехо што преку планините допре до срцето на сите оние што беа присутни во салата на македонската Филхармонија на 15-ти, на оние другите што ме следат и бодрат на социјалните мрежи, сите вие што спонтано ве запознавам на патот. Се надевам дека ова „Ехо“ и понатаму ќе струи, не само тука во регионот, туку и секаде онаму по светот каде што постојат битија на кои оваа музика им е потребна, им го буди емотивното и ги враќа кон срцето, што е и нејзината главна мисија.
На првото музичко патување Зарина Првасевда беше придружена од оркестар со врвни музички изведувачи Фотографија: Стефан Рајхл
Практично, што означува твоето уметничко име Зарина Првасевда?
− Познавачите на чалгијата и на традиционалната музика од Македонија лесно ќе препознаат дека Зарина Првасевда доаѓа од охридската традиционална − чалгиска песна „Ој, Зарино Првасевдо“. Го избрав зошто сакав да асоцира на правецот на музика со кој се занимавам, како и на потеклото, традицијата и орнаментите со кои се гордеам.
Името Зарина Првасевда го избрав зошто сакав да асоцира на правецот на музика со кој се занимавам, како и на потеклото, традицијата и орнаментите со кои се гордеам
Фотографија: Ивана Батев
Како се случи соработката и издавањето на албумот „Ехо“ за „Кроација рекордс“?
− Испратив имејл. Ете толку, едноставно се случи. Чудно, но вистинито. За волја на вистината, ми требаа речиси две години неоткажување, многу затворени врати и неуспешни обиди и разговори за издавање на албумот, но ете, сѐ бидува онака како што треба, сѐ си доаѓа дома онаму каде што припаѓа. Се радувам на оваа соработка со „Кроација рекордс“ и очекувам дека ќе биде плодна и долготрајна. Сѐ она што можам да кажам за нив е вистински професионализам и посветеност, а тоа е насушно важно за да се научи и да се даде ветер во грб на еден млад артист како мене, кој својот прв албум го издава за толку голема издавачка куќа.
Фотографија: Стефан Рајхл
Првиот концерт беше финализација на еден долг пат на креација. Кои би биле следните чекори поврзани со „Ехо“?
− Следните чекори, да е добра мисла, со уште неколку концерти во државава, а секако и планирање на патот што е многу значаен, а тоа е надвор од границите. Нека биде како што треба… Не сакам да имам големи очекувања и немам, со оглед на тоа дека имам верба во ова што го правам, во музиката што ја делам, музичарите од мојот ансамбл, мојата публика што ме бодри, нека ова се движи како и до сега, нека си го наоѓа патот, спонтано и природно како што и до сега си течеше целата приказна.
автор: Тони Димков
фотографии: Ивана Батев, Стефан Рајхл