Токму тоа е централната тема на „Енио“, новиот документарен филм на Џузепе Торнаторе кој го опфаќа животот на италијанскиот маестро, посветувајќи им неверојатно внимание дури и на најситните детали. Во овој набиен и интелектуално високо профилиран документарец, Торнаторе создал содржина која ќе го залепи секој обожавател на Мориконе на екранот со своето опсежно истражување на неговиот музички ум.
Со времетраење од два и пол часа, пристапот на Торнаторе кон животот на покојниот Енио Мориконе е бавен и методичен, разложувајќи го секој аспект од раниот живот на композиторот, пред да ја почести публиката со сржта на неговата подоцнежна ѕвездена кариера. Оваа комплексна обработка на раниот период од неговиот живот плете сложена слика за музичарот и тоа постепено доведува до другиот дел од документарецот, притоа заобиколувајќи ја стандардната возбуда од филмските спектакли.
Торнаторе ги спојува опсежните истражувања со материјалите од видео архивите, до оној момент кога документарниот филм ќе достигне точка во која ја истражува раната филмска кариера на Мориконе, работата на проекти како што е „За грст долари“ на Серџо Леоне и други. Откривајќи фасцинантни сознанија за култната музика од филмовите на Леоне, Торнаторе испишува бесценет филмски есеј со истражувањето на поврзаноста меѓу Леоне и Мориконе кои всушност учеле во истото училиште.
Поставувајќи ги временските рамки, од самиот почеток на неговата кариера до неговата подоцнежна работа на филмот на Квентин Тарантино The Hateful Eight, документарецот добро ги покрива сите аспекти и собира изјави од сите релевантни извори за да создаде целосна детална слика за Мориконе.
Целиот проект е мрежа од интервјуа (Бернардо Бертолучи, Клинт Иствуд, Брус Спрингстин, Квентин Тарантино, Џон Вилијамс и Вонг Кар Ваи), прошарани со архивски снимки и филмски секвенци кои ја покажуваат величественоста на работата на Мориконе. Притоа, Торнаторе отстапува од современиот документаристички метод кој претпочита светкав, френетичен стил на експресно раскажување на приказните, што го прави овој документарен филм свеж, сеопфатен и добро осмислен.
Во една од сцените од документарниот филм, Тарантино ја споредува брилијантноста на Енио Мориконе со Бетовен или Моцарт, а откога ќе го погледнете, ќе ви стане јасно дека блискиот соработник и тридецениски пријател на Мориконе, Џузепе Торнаторе, режирал документарен филм со ексклузивен пристап до приватниот живот и работата на маестрото. За потсетување, големиот филмски композитор Мориконе е добитник на почесна награда од Американската филмска академија, почесна награда Златен лав на филмскиот фестивал во Венеција, три Златни глобуси, шест БАФТА, три Греми награди и Оскар за најдобра оригинална музика.
Драган А.