Виртуелната изложба на Игор нè носи во вселената и во далечната иднина. Годината е 2181, а локацијата е далеку од планетата Земја. Студиото PrivatePrint е вселенски брод во непознат универзум што ни влева несигурност и нè поттикнува да мислиме на нашата иднина. Тој го замисли виртуелното студио PrivatePrint како вселенска набљудувачка платформа, од каде што можеме да го набљудуваме непознатиот универзум преку широките прозорци околу и под нас. Како што вели Игор: „Се движиме низ гравитацијата, во бесконечно поле, во темнина, апсорбирајќи ги потенцијалите, по законот на обединетата теорија.“
Со оваа изложба воведуваме нов пристап во виртуелните изложби на PrivatePrint, при што содржината на изложбата е поставена надвор од определениот простор на студиото. Ова овозможува дополнително виртуелно искуство и нови можности на платформата.
PrivatePrint – VR Studio е колаборативна програма за курирање и дизајнирање виртуелни изложби. Програмата е започната по идеја на архитектот и 3Д-дизајнерот Борко Хаџиевски, еден од основачите на PrivatePrint Studio и нивен долгогодишен соработник, кој ја изработи виртуелната верзија на студиото. На даден предлог од уметник, тимот на PrivatePrint – VR Studio курира, моделира и просторно дизајнира изложба целосно поставена во виртуелниот простор.
VR Studio 2022 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.