Со панел дискусијата „Гинекологија и акушерство: сервиси, достапност и третман“, отворањето на изложбата „Ова објективизирано тело“ на Марија Ангеловска и проекцијата на „Клео од 5 до 7“ на Агнес Варда, денеска во МКЦ започнува седмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. Годинава, слоганот на фестивалот гласи: Ова тело кое не е едно, а во тој контекст организаторите истакнуваат:
Телото отсекогаш било место на контрола, отпор, дисциплина и непослушност, и меѓу другото простор каде се вежбале и истражувале родовите улоги. Промислувањата на телото и телесноста се годинешните потпорни точки на овогодинешното ПРВО ПА ЖЕНСКО – Ова тело кое не е едно. Ова #ППЖ, низ контрадикторно и конфронтирачко соединување ќе се обиде да создаде едно колективно тело од мноштво различности.
Меѓу многубројните важни дискусии, перформанси, изложби, диџеј сетови, на седмото издание на „Прво па женско“ со нетрпение се очекува концертот на лоу-фај поп-изведувачката Мави Феникс.
Целата програма на овогодишното „Прво па женско“ можете да ја погледнете овде.

