Рускиот уметник Василиј Кандински е пионер на апстрактната уметност како автор на првите дела од тој уметнички жанр. За Кандински, уметноста имала длабоки спиритуални својства, а важна улога во создавањето на неговите дела игра музиката. Бил инспириран од боите и верувал дека преку нив можат да се пренесат емоции. Тој рекол: „Бојата е клавијатурата, очите се хармонијата, душата е пијаното со многу жици. Уметникот е раката што свири, допирајќи ги клавишите за да создаде вибрации во душата.“ Кандински е еден од највлијателните сликари на 20-тиот век и со право е нарекуван „татко на апстрактната уметност“. Неговиот животен пат од раѓањето во Одеса и Октомвриската револуција, преселбата во Германија и подемот на нацизмот, ќе го одведе во Париз каде што уметникот ќе го пронајде својот дом и ќе ги создаде своите најважни дела.
Синиот јавач
Оваа слика е добар пример за работата од неговите порани почетоци, пред апстрактниот период, и го одразува влијанието на францускиот импресионизам и поинтилизмот. На неа се прикажани коњ што галопира по каменеста ливада и втора фигура – јавач. Наместо со специфични детали, Кандински го прикажува јавачот преку бои. Овие техники преку кои набљудувачот учествува во создавањето на сликата преку имагинација и ваквата употреба на бои, ќе бидат дел од понатамошната работа на апстрактните дела на Кандински.
На бело II
Ова дело се смета за пресвртница во модерната уметност на 20-тиот век. На неа се претставени различни геометриски форми во извонредна палета на бои. Се смета дека различните бои на оваа слика ги претставуваат можностите на животот, а црната ја означува смртта и начинот на кој можностите на животот можат да бидат одземени. Белата го изразува мирот, а црната – ништото. Оваа слика е најпопуларната во редот апстрактни геометриски дела на Василиј Кандински.
Композиција VII
Периодот помеѓу 1910 и 1914 година се смета за врвот во кариерата на Кандински, а токму оваа слика се наведува како кремот на неговите уметнички успеси во тие четири години. Долго време истражувал и проучувал пред да ја направи, а ја насликал конечната верзија за само три дена. Се смета дека Композиција VII алудира на апокалиптичните теми на Потопот, Судниот ден, Воскреснувањето и Рајот. Оваа слика е вистински вртлог од бои и форми, и се смета за најкомплексното и воедно најпознато дело на Кандински.
Неколку кругови
Оваа слика е позната по начинот на кој Кандински ги користи боите, со совршени кругови што се преклопуваат и нивните бои што се мешаат за да создадат целосно нови. Црната заднина е исто така важна – за него, црната симболизира смрт, но и безнадежност и празнотија. Другите бои исто така придонесуваат за целокупниот впечаток, па така сликата на прв поглед изгледа шарено и светло, потсетувајќи на планети и огномети. Секоја од боите има свое значење, заедно со комбинациите меѓу нив. Сината, на пример, е бојата што евоцира длабоко чувство на смиреност.
Студија на бои: Квадрати со концентрични кругови
Кандински бил инспириран од боите и верувал дека преку нив може да пренесе емоција без да употребува фигури. Тој ги истражувал емоционалните и експресионистички квалитети на боите во многу свои слики. Оваа слика е една од неговите најпознати студии на бои и можеби најпрепознатливото уметничко дело. Сликава може да се смета како истражување на ефектите што здружувањето на боите ги има врз нашата перцепција и емоционалните ефекти што ги произведуваат кога ќе се спротивстават една со друга.