Ова издание на МОТ е особен предизвик бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот, во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Ние одлучивме храбро да го правиме 46-от МОТ и тоа во два блока, првиот посветен на меѓународна програма во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска и вториот на домашната независна продукција“ – изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ.
Фестивалската програма започнува на денеска (18 ноември) во МНТ со „Како крајот и да не е сосема блиску“ – екпериментална претстава на Битеф театар инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност. Претстава во која нема актери, а публиката може да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање.
Публиката, составена од пет луѓе, ќе може да доживее виртуелно патување низ можните нови светови околу и во нас самите. Низ интерактивна игра на моменталното заедништво, кое се воспоставува во микроструктурата на театарскиот чин, на публиката ѝ се дава можност истовремено да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање. Користејќи ја виртуелната реалност, аудиовизуелните инсталации и текстот, односно гласот што повикува на учество, овој чин станува повик на барем и мала, незабележлива лична револуција.
Планирани беа три изведби на расказите на Румена Бужаровска „Мојот маж“, дело кое одамна ги надмина границите на нашата земја, а речиси истовремено во сред пандемија се поставуваше на три сцени: Југословенско драмско позориште, Белград (СРБ), Словенско народно гледалишче, Љубљана (СЛО) и во Драмскиот театар во Скопје. Но, неизвесноста на функционирање кое ја наметнува пандемијата го смени репертоарот на 46. МОТ. Имено, претставата „Мојот маж“ на Словенско народно гледалишче од Љубљана е откажана поради позитивни членови на ансамблот. Од МОТ се надеваат дека изведбата на претставата ќе се реализира до крајот на оваа година. Инаку, трите режисерки, Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ требаше да се сретнат на панел-дискусија во рамки на МОТ.
Отстапен е простор за три продукции курирани од Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, а ќе ги погледнеме и Скопје танцовиот театар со „Искричаво“, Турскиот театар „Вишновата градина“ и копродукциите на Македонскиот народен театар со претставите на Ѓорѓи Јолевски „Последната лента на Крап“ и македонската премиера на „Нема да биде крај на светот“ – копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ, во режија на Нина Николиќ.
MOT ќе биде домаќин и на ансамблот на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со „Глембаеви“ на Бранко Брезовац и Народен театар Битола и претставата „History of motherfuckers“ на Андраш Урбан.
МОТ ќе биде домаќин и на австриската продукција „Theater am Lend“ со претставата „Кабли“, во која учествуваат и двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а при крај на првиот блок се гледаме со Словенско младинско гледалишче (СЛО) и нивната „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ.
Вториот дел од МОТ почнува на 2 декември и во него го гледаме одразот на незвисната домашна продукција, која во периодот на пандемија се покажа како исклучително активна и токму затоа го заслужува вниманието и овој МОТовски репертоар.
Ќе ги погледнеме претставите на Лука Кортина „Дневна доза мазохизам“, Сибел Абдиу „Модиљани“, Ангела Стојановска со „Срам“, Борис Василески „Вистинскиот запад“, Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски „Три“, Ана Батева „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, Пандорината кутија: Наследството на ќерката на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.
Повеќе информации за целата програма и распоред на www.mot.mk и www.mkc.mk. Билетите за претставите чинат 300 денари. Истите ќе бидат достапни преку www.bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ од 15 ноември (понеделник).
Сите настани ќе се одржуваат според важечките протоколи за одржување на настани. Сепак, тимот на МОТ го задржува правото на измени во програмата, за што навремено ќе биде известена јавноста.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје.