Како настана „Time“?
Мислам дека беше некаде почетокот на годинава, бев на гости кај сестра ми во Куманово, го зедов лаптопот со мене и додека сите спиеја, ги зедов слушалките и отворив еден проект што го имав почнато некаде во септември 2020. Не знаев точно што ќе биде со песната, само сакав да биде песна што ќе биде едноставна и ќе те натера да се чувствуваш убаво, релаксирано и песна на која можеш да играш. Па, така, почнав да бришам непотребни елементи од аранжманот што го имав започнато, ги зачував само најважните три елементи од песната и почнав да работам околу нив. Се стремев кон тоа да биде многу едноставна.
По неколку месеци еден мој многу драг пријател VANDER, кој е диџеј-продуцент од Доминиканската Република, а живее и твори во Амстердам и во Мајами и настапува како диџеј низ Европа и Америка, ме покани да пратам демо-трака на која во моментов работам на неговиот Twitch-канал Curious Artists Club, на кој тој заедно со други продуценти и диџеи јавно преслушуваат демо-песни, ги коментираат од гледна точка на аранжман, композиција, звук, продукција итн. Кога ја слушна демо-верзијата на „Time“, многу му се допаѓаше и реши да ми помогне во мали детали околу аранжманот и миксот на траката. Од таму веќе добив, што се вели, ветер в грб и сѐ повеќе и повеќе бев возбудена да ја издадам.
Како дојде до соработка со режисерот Louis Djalili?
Со режисерот соработката беше исто така спонтана како и со VANDER. Louis Djalili (Луи Џалили) го запознав годинава во април во Скопје. Луи е режисер од Англија, кој живее во Македонија веќе една година и се залага во разни активности за градење заедница за зајакнување на моралните и духовните вредности кај луѓето од бахаи религијата во центарот за млади кој се наоѓа во Аеродром, во кој воедно и јас учествував додека бев во Македонија. Бахаи верата е релативно нова религија, која ја учи суштинската вредност на сите религии и единството и обединувањето на сите луѓе во светот. Сите сме капки од еден ист океан. Основана од Бахаула во 19 век, таа првично се развила во Иран и во делови од Блискиот Исток.
Како течеше снимањето на спотот?
Со Луи имавме идеја спотот да биде спонтан и интересен. Планот беше да снимиме разни сцени што се интересни, лесни и шарени. Имавме неколку основни идеи какви што се место и локација, а сѐ друго беше импровизација. Луи сакаше да го снимаме спотот да изгледа како да е сниман со стара камера за да го добиеме ефектот на „време“. Мене многу ми се допадна таа идеја. Јас предложив да снимиме timelapse (кога снимаш нормално и потоа го забрзуваш видеото), па така стоев како статуа на средина на Камени мост едно 15 минути (се смее). Мене ми беше многу интересно бидејќи стоев и не мрдав, а луѓето минуваа покрај мене, ја преминуваа реката од Центар во Стара Чаршија и обратно, а јас се фокусирав на градот и на нашите предци и мислев на нашите идни генерации, на мирисот, на звуците, на сонцето што ме грееше. За мене беше волшебно искуство да слушнам македонски, албански, турски, српски јазик во рок од 15 минути. Некои беа туристи, зборуваа на англиски јазик, некои беа од друг град дојдени во Скопје да го посетат, едноставно волшебно искуство, имав чувство дека го пробувам Скопје со лажичка!
Другите сцени ги снимавме на аквадуктот што се наоѓа малку надвор од радиусот на Скопје, каде што го дочекавме зајдисонцето. Спотот заврши со зајдисонце, а почна со изгрејсонце. Се надевам дека ќе ви се допадне доколку го погледнете.
Што е следно за тебе?
Следно е да го издадам албумот што почнав да го спремам летово некаде во јули. Всушност, песните што сакам да ги ставам на албумот ги пишував и ги компонирав (на гитара) веќе една година пред тоа. Во јули решив да си поставам предизвик и да видам колку можам да завршам во еден месец и почнав сама дома да снимам и да споделувам со јавноста на социјалните мрежи како напредувам и до каде сум со снимањето на албумот. Меѓутоа, животот не оди секогаш како што сакаме и планираме и мора да го прифатиме тоа. Некаде кон крајот на месецот, кој ми беше зададен како рок, почнав да чувствувам замор и беспотребен стрес, бидејќи реално никој не ме брзаше, јас самата сакав да се мотивирам да завршам нешто што сум почнала. И така, се случија и други некои работи што ме натераа да застанам, па решив да си дадам малку време (Time). Ги преуредив плановите и решив да се вратам во Амстердам. Се радувам што и оттука можам да комуницирам и да ја споделувам мојата музика со македонската јавност и сум неизмерно благодарна што ми дадовте простор да го презентирам своето дело преку вашата платформа.
фото: Наташа Величковска