ОФФ-Фест 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав ПЕРИЈА, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури ДОБРИЛА & ДОРИАН ДУО, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records). Мајсторството во изведбата на африканската кора што ќе го сподели виртуозниот инструменталист БАЛАКЕ СИСОКО од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач, композитор и продуцент ЛУКАС САНТАНА, создаваат услови за беспрекорно концертно доживување. Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори ЛОС ПИРАЊАС е еднакво погоден за слушање и за танцување. Величенствената моќ и уникатната разновидност на италијанската пејачка ѕвезда МАРИЈА МАЦОТА ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната „морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова огромно музичко наследство – НЕНСИ ВИЕИРА. ОФФ-Фест 2022 ќе го заклучи експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив САНТРОФИ од Гана. Во рамките на фестивалската програма ќе биде прикажан и документарниот филм “The Rumba Kings”, посветен на конгоанската румба.
ПЕРИЈА е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Бендот во својот вокален израз употребува различни јазици од Балканот и пошироко, бидејќи веруваат во еднаквоста на културите. Нивните музички влијанија варираат од модерната класична музика, атоналната, пост-панк, рок, метал, психоделичниот транс, па сè до традиционалната музика на Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка. Комбинираат западни и источни техники на свирење: музички скали што се користат во традиционалната музика на Балканот, комплицирани макамски скали, па дури и одредени раги од истокот, непарни ритми од Балканот итн. Имаат објавено два студиски албуми и две EP изданија.
Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2008 година во Чалгија саунд систем кој до денес е еден од оние бендови што ја негува традиционалната чалгиска музика, но и креира нова, современа музика базирана врз традицоналната чалгија. Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело.
Еден од најзначајните современи мајстори на инструментот кора, БАЛАКЕ СИСОКО е музичар од Мали, познат по своите инструментални иновации и бројни соработки вон западноафриканската музика. Меѓународниот подем го постигна заедно со кора гуруто Тумани Диабате, на албумот „New Ancient Strings“ (1999), првиот инструментален кора албум во светот. Настапувал или снимал музика со Рокиа Траоре, Таџ Махал, триото 3MA (со Ел Малуми и Раџери) и Салиф Кеита, меѓу другите. Веројатно најзабележителната негова авантура е тандемот со францускиот виолончелист Винсент Сегал, со кого сними два извонредни албуми на кора и виолончело дуети. Балаке е рангиран само позади неговиот роднина Тумани Диабате како најистакнат светски кора маестро.
Долго пред неговиот 30-ти роденден, бразилскиот вундеркинд ЛУКАС САНТАНА, крстосувајќи го светот со најголемите имиња на бразилската Тропикалија, веќе имаше апсорбирано огромно количество музика, недостижно за повеќето професионалци во текот целиот свој живот. Младиот талент од Баија беше откриен во своите рани дваесетти години од страна на бразилските „супертешкаши“ Жилберто Жил и Каетано Велосо. Во текот на својата повеќе од две децении долга кариера, тој издаде 8 одлични албуми, а компонираше музика и за неколку MPB ѕвезди, како Фернанда Абреу, Мариса Монте и Даниела Меркјури, прераснувајќи во еден од најжешките музички феномени јужно од Екваторот.
LOS PIRAÑAS се инструментална супергрупа од Колумбија во која учествуваат три музички визионери од Богота: Еблис Алварез (Meridian Brothers, Chúpame el dedo), Марио Галеано (Frente Cumbiero, Ondatropica) и Педро Охеда (Romperayo, Sidestepper). Обединувајќи ги експерименталните можности на ритмите и звуците од Јужна Америка (кумбија, чампета, тропикалија, салса и други) со авант психо-рокот, даб минимализмот и „бодликавиот“ џез, Los Pirañas е ретро-футуризам од најдобар вид. Сите овие стилови тие ги комбинираат во рок манир, со бучни импровизации и апсурден музички хумор.
Уникатната сестраност на МАРИЈА МАЦОТА е клучната состојка што ја прави една од најзначајните појави на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Таа се движи природно, со беспрекорна леснотија, меѓу звуците на Јужна Италија и влијанијата на балканската музика, освојувајќи ја публиката со нејзината искрена интерпретација што нурнува длабоко во културите на изведуваните композиции. Покрај членувањето во култните Canzoniere Grecanico Salentino (од 2000 до 2015 година), бенд со кој сними 6 албуми, Марија Мацота може да се пофали со бројни соработки со истакнати светски музички уметници како: Боби Мекферин, Ибрахим Малуф, Рита Маркотули, Балаке Сисоко, Пиерс Фачини, Џастин Адамс и Џулде Камара, Реди Хаса, Рој Пачи и други.
НЕНСИ ВИЕИРА е една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде), поточно нивната „морна“, национален музички стил којшто неодамна беше прогласен од УНЕСКО како нематеријално наследство на човештвото. Виеира, која живее во Португалија, го имаше своето деби во 1995, но првпат го привлече вниманието во 1999, кога се појави на компилацијата „Musica de Intervenção Cabo-Verdiana“ (Интервентна музика од Зеленортските Острови), пеејќи заедно со легендарниот Илдо Лобо. Таа потоа ги објави албумите „Segred“ (Praça Nova, 2004), „Lus“ (Harmonia Mundi/World Village, 2007), „Pássaro Cego“ со Мануел Пауло (Arthouse, 2009) и „Nô Amá“ (Lusafrica, 2012), а во 2018 го објави многу фалениот „Manhã Florida“ (Lusafrica). Во моментов, Ненси подготвува нов албум, што значи нејзиниот извонреден репертоар ќе биде збогатен со нови песни.
Дури и без издаден албум, SANTROFI веќе го потпалија светот полудувајќи ја публиката низ цела Европа со својата летна турнеја во 2019-та, вклучувајќи ги фестивалите Sines (Португалија), WOMAD (Велика Британија), Roskilde (Данска) и WOMEX (Финска). На овој млад деветчлен олстар бенд од Гана не му недостигаат талентирани музичари и енергија на сцената. Нивниот деби-албум “Alewa” испорачува – директно од улиците на Акра – нов бран свеж highlife звук вкоренет во минатото но со поглед кон иднината.