На прославата на Светскиот ден на џезот оваа година беше промовиран новиот џез-ансамбл „Off Ground Ensemble“. Станува збор за 12-член ансамбл, а креативната иницијација за неговото формирање потекнува од Антоние Весковски.
Кој стои зад идејата за основањето на ансамблот и со какви мотиви?
– „Off Ground Ensemble“ како идеја и иницијатива започна со желбата за реализација на една моја композиција насловена „Scent Suite“, која е составена од девет песни, или девет движења, и трае некаде повеќе од дваесет минути.
Во приказната на свитата, двајца млади луѓе со спротивставени мислења и ставови се трудат по патот на запознавање да се прифатат и почитуваат меѓусебно, што ја пренесува и пораката на ансамблот, која е дуалноста како и на поставката на ансамблот така и на самиот звук. Лани во текот на 2021 година работев на материјалот за ансамблот и подоцна, некаде два месеца пред првата промоција, ми се придружи и Иван Петровски со кого понатаму ги финализиравме нотите и аранжманите. Првата промоција се случи на 19 ноември 2021 во камерната сала на Филхармонија, каде што го снимивме и нашиот прв албум во живо, кој беше издаден во март годинава.
Настап на Антоние Весковски со „Off Ground Ensemble“ во камерната сала на Филхармонија
Фотографија: Сара Митрички
Какви се понатамошните планови во однос на одржливоста на ансамблот и настапите на сцена, имајќи предвид дека има голем број членови?
– Дванаесетчлен ансамбл, секако, дека некогаш создава и некои тешкотии, но тоа, секако, не е нешто што не спречува да свириме. Флексибилноста на бројот на членови зависи од самата организација или настан, но јас секогаш се трудам да одиме во полн состав. Следно нешто е промоција на нашиот прв официјален студиски албум на кој во моментов работиме, како и видеоспот за композицијата „Scent Suite“. Сето ова ќе се случи на крајот на септември годинава, по што ќе следува и мала турнеја низ Македонија. Понатамошните цели и планови на ансамблот се настапи, промоција и турнеја низ Балканот и Европа почнувајќи од 2023 година. Во текот на наредните години верувам дека нашето заедничко работење ќе резултира со многу нова музика, видеоматеријали и голем број соработки со други уметници.
Концерт на „Off Ground Ensemble“ на Светскиот ден на џезот
Здружението на џез-музичари и слободни уметници поттикна поголема активност на џез-сцената, која од година во година станува сѐ поголема и поактивна. Какви се придобивките што музичарите ги имаат со оваа активност?
– Многу се радувам што во изминативе шест-седум години џез-сцената во Македонија расте и се трансформира во една водечка музичка сила на балканската сцена. Здружението на џез-музичари со неговата континуирана и непрекината работа е и директен причинител за создавање нова критична маса и публика, како и нови млади уметници што ќе го продолжат тоа понатаму. Можеби една од најголемите придобивки на музичарите од ЗЏМ е тоа што нè сплоти и отвори поголема шанса за сите ние да си ја кажеме нашата приказна, дали е тоа преку организација на фестивал, концерт или, пак, преку креативни работилници. Како што и спомна, оваа година на 30 април на фестивалот „Today It’s All About Jazz“, организиран од ЗЏМ, за првпат премиерно пред скопската публика настапивме со „Off Ground Ensemble“.
Како на професионален план би можеле да ја дефинираме твојата изведувачка дејност, бидејќи на музичките изданија си потпишан и со ударни инструменти и со перкусии и со тапани. Практично, кој е твојот „матичен“ инструмент, а на колку други инструменти свириш?
– Ако треба да ставам рамка, јас би рекол перкусионист и тапанар, пред сѐ, па потоа сѐ друго. Можноста да владееш уште еден инструмент е секогаш добредојдена, затоа јас редовно истражувам и свирам на клавир, гитара, бас и традиционални жичани и ударни инструменти. Како дете што израсна опкружено со музика и музичари, уште од мал природно ми се разви интересот да свирам на повеќе инструменти. Куќа полна инструменти, клавир, гитара, тамбура и тапан се „играчките“ што јас ги имав во моето детство, а кои беа главна алатка за работа на мојот татко и сестра, кои исто така се музичари. Откога знам за себе сум имал љубов кон тапани, или пак народски кажано, сум сакал да тропам уште од мал. На три години го добив првиот тапан, а некаде на десет години ги добив и првите тапани. Официјално дипломиран перкусионист, а неофицијално музичар. Вибрафон и маримба ми станаа новото поле на истражување некаде во средно школо и од тогаш веќе знаев дека јас ова ќе продолжам да го правам и понатаму.
На три години го добив првиот тапан, а некаде на десет години ги добив и првите тапани
Со колку групи и на кои изданија досега си соработувал?
– Повеќе од шест години бев тапанар на групата „Fighting Windmills“ со која снимивме три студиски албуми „Рапсодии во празно“, „Yugoslavia in Space“, „An Exercise in Surprise“ и еден албум во живо заедно со „Sethstat“ – „Terry Riley – In C“. Гостувам и на три албуми на Јордан Костов, каде што свирам вибрафон, маримба, перкусии и тапани. Убава соработка имавме и со Пијан Славеј, односно Бранислав Николов од „Фолтин“ на една негова магична песна насловена „Сон“. Свирам вибрафон на музиката на Игор Новоградска за филмот „Сестри“, првиот македонски филм што се прикажа на платформата „Нетфликс“. Како член на Биг бендот на ЗЏМ свирам на повеќе изданија и концерти, како и на мои пријатели и колеги со кои соработувам, како Џијан Емин, Гордан Спасовски, Никола Бочваров итн.
Повеќепати си имал самостојни настапи во необични амбиенти, како археолошки локалитет, на пример. Кој е личниот предизвик со таквите настапи?
– Мојот личен однос со природата и настапите на места што не се карактеристични за еден музички перформанс е секогаш многу инспиративен. Поради тоа што секое место си има своја природна акустика и јас по тоа треба да одлучам како ќе свирам. Најчесто сум со еден инструмент кој е акустичен или, пак, сум поврзан со компјутер кога свирам и други инструменти.
Истражувањето на различни места каде може да се настапува и целиот тој предизвик за реализација е секогаш добар затоа што знаеш дека ќе најдеш и ќе научиш нешто ново во процесот.
Соло настап на Антоние Весковски на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука
Покрај изведбата, активен си и на полето на компонирањето. Со каква мисла водилка влегуваш во процесот на создавање на новите дела?
– Во претходниве осум години активно сум навлезен во истражување и работа на мојата музика и создавање нејзина изведувачка форма. Наоѓам секогаш нови форми на кои јас можам и сакам да функционирам како музичар, дали е тоа компонирање, свирење или какво било создавање. Засега настапувам како соло перформанс и заедно со ансамблот.
Во процесот на создавање музика, секогаш сакам да имам отворени хоризонти и можности, но со јасна идеја на каде и зошто тоа парче на музика се прави. Импровизирањето е нешто што најмногу го отвора умот и преку тоа ние музичарите се запознаваме себеси. Целата идеја зад моето свирење на повеќе инструменти е токму истото, запознавање на сопствените идеи преку друг извор на звук или друг инструмент.
Во процесот на создавање музика секогаш сакам да имам отворени хоризонти и можности / Фотографија: Маја Аргакијева
Има ли некои нови проекти на кои работиш во овој период што се во фаза на промоција?
– Како самостоен уметник имаш време секогаш да создаваш, но ти одлучуваш кога и колку. Во процес на создавање е мојот следен соло-албум, кој ќе биде фузија на артисти, интересни музики и звуци, а и јас конечно ќе пуштам глас на по некоја песна. Овој соло-албум е нешто што сакам да го направам од многу одамна, но во меѓувреме се случи таа музика што беше наменета за соло-албум да стане музика за „Off Ground Ensemble“. Во септември ќе излезе и албумот „Wonderland“, кој е во процес на снимање. Работам со неколку пејачки и други артисти на создавање нова креативна и квалитетна музика, а следно нешто е пишување нов материјал за ансамблот и константно истражување во светот на музиката.
автор: Тони Димков