Во организација на Здружението на џез-музичари на Македонија во Џебното кино во МКЦ, на 27 мај, со почеток во 13 часот, ќе се одржи јавна дебата на тема „Џезот како алатка за културен и интелектуален просперитет на македонското општество“. Меѓу учесниците на дебатата е и Сашо Поповски, основач и директор на „Џез фабрика фестивал“ – Битола.
Вие сте еден од учесниците во дебатата за џез-културата како организатор на „Џез фабрика фестивал“ во Битола. Кој е Вашиот став што би го приложиле на дебатата на ЗЏМ?
– Дебатата е замислена како старт на процесот за јавно презентирање на состојбата во која се наоѓа македонската џез-сцена и нејзините директни чинители, проблемите за нормално функционирање со кои се соочуваме, анализа на резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата (Министерство за култура), начин на одлучување и распределба на државните финансии, сѐ поголемиот број незадоволни крајни корисници, давање предлог за надминување на моменталната состојба, предлози за развој, како и насоката во која треба да се движи џез-сцената во наредниот период. Само преку дијалог со релевантните познавачи и креатори на сцената и нивно активно вклучување во процесите на одлучување, можеме да креираме услови за континуиран раст и развој на македонската џез-сцена.
Со какви намери го основавте единствениот џез-фестивал во Битола?
– „Џез фабрика фестивал“ (ЏФФ) e единствен интернационален џез-фестивал во Битола, со сериозна меѓународна програма и главен акцент на промоција на македонските џез-артисти и нивните најнови изданија, што ја става Битола во списокот на градови со џез-култура, влијае во процесот за културна децентрализација и меѓународна промоција на РС Македонија.
Фестивалот придонесува за интензивирање на регионалната соработка и вмрежување, како и размена на артисти со сродни манифестации и стимулирање и промоција на авторскиот труд и продукција. Целта за формирање на ЏФФ е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите.
За само пет години „Џез Фабрика Фестивал“ стана културен бренд на градот Битола
Фотографија: Татјана Ранташа
Во колку сегменти се реализира фестивалот?
– „Џез фабрика фестивал“ е организиран во четири дела.
КОНЦЕРТИ – на афирмирани и признати македонски уметници и нивни соработки со регионални и светски џез-музичари. Концертна промоција на издадени носачи на звук, аудио и видеопродукција, вмрежување и букинг на македонски уметници во регионот и во ЕУ.
ДЕБАТИ – помеѓу професионалци и директори на џез-фестивали од Балканот и од ЕУ, музички критичари, музички новинари, артисти и други чинители во музичката индустрија.
ШОУКЕЈС СТРАНИЧНА ПРОГРАМА – ја вклучува локалната културна сцена (клубови, асоцијации, здруженија) преку концертна презентацијата на млади македонски музичари пред директори на џез-фестивали што дава можност за интернационални настапи, преку привлекување широка публика надвор од џез-круговите, со цел кај младите луѓе да го поттикне моментот на самооткривање и создавање оригинална музичка мисла.
ФАБРИКА – интерактивна работилница и презентација на македонски компании поврзани со културното живеење во државата. Оваа година своја презентација ќе има компанијата „Аудиокултура“ со главен фокус на реномираниот македонски бренд „Теохаров аудио“ (www.teoharov.mk). Станува збор за повеќе од 25 години посветена работа на концептот што ја доведува изработката во совршена рамнотежа со врвни перформанси и вредност на производите, приказ на процесот од проектирање до финален производ.
Во изминатиот период пласиравте и убави и неубави вести поврзани со одржувањето на петтото издание на „Џез фабрика фестивал“ – Битола. Како планирате да ја пополните финансиската дупка што се создаде со отсуството на поддршката од Министерството за култура?
– Точно така, за жал, по континуираната поддршка на фестивалот што Министерството за култура ја даваше во изминатите четири години и ни помогна во дефинирањето и реализацијата на програмските цели, од за мене несфатливи причини овој мал јубилеј со петтото издание на фестивалот остана неподдржан, а со тоа и креира огромна финансиска дупка во формирањето на комплетниот буџет на фестивалот токму во годината кога го надминуваме регионалниот карактер на фестивалот и на сцената на НУ Народен театар и КИЦ (Културен и информативен центар) Битола ќе проследиме концерти на артисти од Перу, Шпанија, Италија, Швајцарија и Франција. Залудни останаа сите мои напори за дообјаснување на состојбата што ја креира оваа одлука на Министерството за култура, што во крајна мера го доведе во прашање одржувањето на ова јубилејно издание!
За среќа, раководните структури на Општина Битола го препознаа концептот, културното значење и импакт што ги има „Џез фабрика фестивал“ во регионот, како и визијата за етаблирање на Битола на европската културна мапа на џез-фестивали во блиска иднина и фестивалот стана дел од програмата за култура на Општина Битола. Оваа одлука на Општина Битола му гарантира на фестивалот одржливост, просперитет, континуиран напредок и развој.
Во триото на Сашо Поповски членуваат Иван Бејков на контрабас и Виктор Филиповски на тапани
Фотографија: Татјана Ранташа
Во само четири години успеавте фестивалот да го вмрежите во неколку регионални и европски мрежи на џез-фестивали. Што тоа значи за самиот фестивал?
– ЏФФ Битола е член на програмата „Мост“ – Будимпешта, проект поддржан од Европската Унија во сегментот „Креативна Европа“ и ЕФФЕ – Брисел, Европска асоцијација на фестивали, како и на регионалната Асоцијација на џез-фестивали (Србија, Црна Гора, Албанија, Словенија, Романија и С Македонија). Во 2021 г. ЏФФ како партнер во проектот „Џез Франција Балкан“ во друштво на повеќе интернационални џез-фестивали (Нишвил – Србија, Џез во Тирана – Албанија, Џез-фестивал Подгорица – Црна Гора, Дижон џез-фестивал – Франција) добивме тригодишен проект во Министерството за култура на Република Франција за поврзување на балканскиот регион со џез-фестивали и културни организации од Франција.
Ефектите од овие вмрежувања се видливи во релативно краток период, а со тоа и интересот за ЏФФ во европските џез-кругови е драстично зголемен, што се потврдува преку бројот на понуди од интернационални џез-артисти што аплицираат за настап на наредните изданија на фестивалот, културниот импакт-фактор што го постигна фестивалот во регионалната џез-сцена, квалитетот на артисти што настапиле на фестивалот, како и развојот на фестивалот, кој за само пет години стана културен бренд на градот Битола.
Покрај општествениот ангажман, активен сте и на индивидуално поле со Вашето трио. Кога е формирано триото и какви се плановите за концертни активности во блиска иднина?
– Триото во состав со Иван Бејков – контрабас и Виктор Филиповски – тапани е формирано во средината на 2016 година и активно функционира до денес. Во претпандемискиот период 2018-19 настапивме на голем број меѓународни џез-фестивали со сериозен европски културен импакт-фактор и сѐ уште сме најизведуваниот македонски џез-продукт надвор од државата. Во 2020 година го издадовме албумот „Fallen Land“ за етикетата на „СЏФ Рекордс“ (Скопје џез-фестивал), албум што својата промоција ја имаше во главната програма на 39. СЏФ, а беше прогласен за албум на неделата во Полска, Бугарија, Хрватска и Србија и го освои првото место на регионалната емисија за џез и импровизирана музика „Џезоловка“ на Хрватската радио-телевизија.
За календарската 2022 година е планирана турнеја во Шпанија со пет концерти и една работилница од 13 до 20 јуни, турнеја во Италија со четири концерти и две работилници од 13 до 25 јули, настап на три џез-фестивали во Романија, регионална турнеја во септември со концерти во Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија, како и со концерти на домашните џез-фестивали во Штип, Куманово и во Кавадарци.
Триото, исто така, е база и за најновиот проект (албум), кој го снимивме во март 2022 година, каде што покрај Иван Бејков – бас гитара и Виктор Филиповски – тапани/перкусии, членуваат и Оливие Самуилан (Франција) – виола, Васил Хаџиманов (Србија) – пијано, Кирил Кузманов – флејта/саксофон, Џијан Емин – кларинет и Ратко Даутовски – перкусии. За овој албум напишав седум нови композиции, главно во ковид-периодот, и во моментот е во фаза на продукција и микс.
Настап на Сашо Поповски Трио на Скопскиот џез фестивал / Фотографија: Сашо Алушевски
Се сеќавате ли на првиот мотив што Ве однесе во областа на џез-музиката?
– Секако, тоа беше албумот „Scratch“ на Kenny Barron и композицијата „The Third Eye“, моментот кога целата моја визија и филозофија за музиката падна во вода, момент кога открив нешто необјасниво, непредвидливо и експресивно. Тој момент ми ја дефинираше насоката во која како автор и уметник се движам во последните 25 години.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Татјана Ранташа, Сашо Алушевски