Синоќа во киното „Милениум“ свечено беше отворено 21-то издание на „Скопје филм фестивал“. Од 19 до 26 април, Скопје ќе дише и живее „како на филм“, а љубителите на седмата уметност ќе ја имаат можноста да му се насладат на големото платно, со внимателно селектирани филмски остварувања од целиот свет. Во кино „Милениум“ и во кино „Фросина“ е предвидено да бидат прикажани педесет филмови, распоредени во неколку програмски делови: Програма на европски филм, Панорама на светски филм, Фокус на француски филм, Квир фокус, Филмови од македонска продукција, Програма на кратки филмови и Ретроспектива на Алфред Хичкок. Освен тоа, во рамките на фестивалот, во Кинотека на Македонија ќе се одржи работилница за снимање нискобуџетен филм со Мајкл Ондерм, а во прoсториите на ЕСРА – работилница за пишување, режирање и продуцирање прв игран филм со Леа Мисиус, Фани Ивоне и Кристоф Режин.
Mакедонскиот режисер Владимир Блажевски ја имаше честа да го прогласи за отворен новиот „Скопје филм фестивал“. Токму неговиот филм „Година на мајмунот“ синоќа ја имаше својата премиерна проекција пред скопската публика. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Србија, Косово и Словенија, а во главните улоги се појавуваат: Игор Ангелов, Марија Кон, Решит Береда, Фаик Мефаиловски и Тања Кочовска.
Во програмата на европски филм, публиката ќе има можност да ги види филмовите „Чисти срца“ на Роберто де Паолис, „Долина на сенките“ на Гулбрандсен, „Одмор“ на Изабела Еклоф и „3/4“ на Илиан Метев – добитник на Златен леопард на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно. Панорамата на светски филм ќе биде збогатена со норвешката драма „Телма“ на Јоаким Трир, приказната за забранетата израелско-палестинска љубов во „Извештаите на Сара и Салим“ на Миајад Алајан, и аргентинскиот психолошки трилер „Самит“ на Сантијаго Митре. Во делот посветен на авторскиот филм, особен интерес предизвикува проекцијата на „Се гледаме таму горе“, остварување на Албер Дупонтел што освои вкупно пет награди Цезар (за режија, за кинематографија, за адаптирано сценарио, за продукциски дизајн и за костимографија). „Се гледаме таму горе“ е опишан како „прекрасен спектакл со надреален хумор и исклучително мрачни теми во совршено спакувана целина“. Тука се и филмот на Густав Мулер „Виновен“, кој има фестивалски награди од Ротердам и од Санденс, историската драма на Паоло и Виторио Тавиани „Приватна работа“, како и турската црна комедија со награда од Санденс, „Пеперутки“ на Толга Карачелик. Во рамките на Фокусот на француски филм ќе имаме можност да ги видиме „Диви момчиња“ на Бернар Мандико, како и носителот на три признанија Цезар, трилерот „Крваво млеко“ на Хуберт Шаруел.
Новина на „Скопје филм фестивал“ е програмата Квир фокус, чиј селектор е Александар Ковачевски. Според него, програмата ќе прикаже филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми што извираат од квир културата и да ги артикулира гласовите од маргините. Во рамките на програмата Квир фокус ќе бидат прикажани повеќе филмови, меѓу кои и „Мизандристки“ на Брус ЛаБрус и „Тешка боја“ на Марко Реолон и Фелипе Мацембахер.
Во делот од програмата посветен на филмови од македонска продукција, меѓу другите ќе бидат прикажани и „Види ја ти неа“ на Горан Столевски и „Последните камбани“ на Николче Поповски. Ретроспективата на Алфред Хичкок ќе ги опфати култните остварувања на овој режисер, чие име е синоним за трилер, мистерија, филм ноар, комедија и суспенс. Во програмата на „Скопскиот филмски фестивал“ се неговите: „Психо“, „Туѓинци во воз“, „Птици“, „Заден прозорец“ и „Ребека“.