Неколку чекори во темница, па со поттргање црна завеса се влегуваше во магичен простор. Мрак осветлен со ултравиолетово светло, потребно за целосен ефект на изложените колоритни дела. Инаку, Воскресија досега имала неколку самостојни изложби, во Скопје, Демир Хисар, Велестово и во Северна Каролина, САД, а изложбата Night at the Gallery ѝ е петта. Има учествувано на многу групни изложби во земјава и во странство, од кои последната „Pepper“ се одржа неодамна во Њујорк. Од 2011 г. до денеска има учествувано на многубројни резиденции и работилници во земјава и надвор од неа (САД, Шпанија, Словачка и Косово). Поразговаравме со Воскресија за нејзиниот уметнички бекграунд и за сето досегашно творештво.
Воскресија, какво беше твоето влегување во арт светот и чиј уметнички стил влијаеше на твоето оформување како артист?
Кога дојде време да се запишам во средно, татко ми ми рече: зарем ќе го фрлиш талентот настрана? Ме запиша во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, каде што завршив на насоката сликарство. Омилен професор ми беше Жарко Јакимовски, кој го предаваше предметот сликање и цртање (колку што се сеќавам), тврд човек полн со мудрости. Потоа се запишав на Фалкутетот за ликовни ументости, насока сликарство, модул графички дизајн. Оттаму излегов разочарана и мислам дека тоа кажува сѐ за образованието во таа институција. Омилени уметници ми беа Егон Шиле и Франц Клајн.
Од каде идејата за ваква специфична и невообичаена изложба?
Идејата ми дојде сосема спонтано и исто толку невообичаено. Бев на пазарување во еден маркет во маало и наидов на сет маркери од по 30 ден., сместени во детските рафтови, со кои добиваш ефект на невидлив текст што се чита под UV (ултравиолетовo) светлo. Си реков, би било штосно да направам изложба на дела што зависат од специфична светлина, односно едното да не може без другото. Оттаму стигнав до флуоресценти бои во најразлични техники.
Како ги работеше сликите, самиот процес на творење/реализација?
Креациите ги започнав летово, во викендичката во Струга. Првото дело го сработив без неонка, бидејќи беше тешко да се најде. На крај купив УВ-цевка, ја склопив со арматура и таа ми помогна при работата за сите дела. Боите под таа светлина имаат огромна разлика во поглед на интензитет, нијанси, детали и воопшто целата композиција добива друга свежина. Творењето е најубавиот дел, а тоа се случува кога ги пуштам чувствата и душата да прочекорат на листот хартија и да остават свои стапки.
Сликите бараат посебни услови (специфично светло) за да се „видливи“, оттаму ми се наметнува прашањето, каков е нивниот живот понатаму?
Многумина ми го поставиjа истото прашањe. Искрено, јас не очекував и не ми беше тоа идејата, меѓутоа делата функционираат засебно и без тоа светло. Се разбира дека немаат ист ефект и добиваат потполно друг карактер, но има луѓе на кои би им се допаднале и така. Мечтаам за човек што би ги откупил сите дела за во ноќен клуб, тоа е мојата идеална замисла. Овие слики одлично би функционирале во таков простор, но кај нас тоа ми делува невозможно.
Посетителите се радуваа како деца. Трипати влегов да уживам во целата атмосфера, а ми беше интересно и да ги гледам реакциите на луѓето кога влегуваа во темнината на галеријата. Изложбата траеше само една вечер, на Белата ноќ, така што ја виде само публика што одбра да биде таа ноќ во МКЦ.
Пријатно ме изненадија позитивните реакции на посетителите. Само што ќе стапнеа во темната просторија, ликот им се менуваше, беа како маѓепсани и, како што рековте вие, се радуваа како деца. Повеќемина влегуваа по три-четири пати, фотографираа, имаше дури и епизоди на French kissing. Атмосферата им беше неисцрпен извор на енергија и тоа беше воодушевувачки да се види.
Би сакала да ги прошетам сликите, да им се радуваат што повеќе луѓе, во што повеќе галерии и градови. Сакам да се повтори изложбата, да ја поставам на друго место, можеби напуштена зграда или дискотека, а можеби повторно во некоја институција. Доколку имате предлози, слободно контактирајте ме, отворена сум за идеи 🙂 www.voskresijaandreevska.com
Неизбежно прашање на некој што потекнува од уметничка фамилија: како е да се расте со татко сликар Сергеј Андреевски и со дедо Петре М. Андреевски? Товар ли е да му се допаднеш на татко ти? Во твојот израз се гледа неговото влијание.
Како и секое дете, така и јас растев под влијание на моите родители и црпев од нивните знаења. Неизбежно е да се препознаат влијанијата на татко ми во дел од моите дела, но сепак јас развивам свој, препознатлив стил на творење и креирање уметност и се стремам што е можно повеќе да создавам и да растам како уметник без притоа да го имам товарот да морам некому да му се допаднам. Благодарна сум што во себе ги имам собрано гените од сите мои предци што оставиле печат, како Петре, Светлана, и што го имам наследено тој порив и жар за создавање нови светови преку уметноста.
Знаејќи дека твоите родители имаат куќа во с. Слоештица, која е резиденција на многу уметници од светот, што мислиш за светскиот тренд – бегство од големите градови и живеење на село? Колку си ти присутна таму и колку Слоештица е инспиративна за тебе?
Ако е тоа моменталниот тренд, треба засекогаш да остане тренд. Јас уживам надвор од цивилизација, ја обожавам природата и постојано добивам кризи за ескивирање некаде во тишина, кога живеам во ова хаосно Скопје. Се чувствувам привилегирано што ја имам Слоештица, нема секој место за пронаоѓање мир во душата. Често сум во Слоештица, местото е бајковито и делува инспиративно за секој што го посетил. Но убавината знае и да те зашемети и воопшто да не сакаш „да мрднеш од место“, само да го слушаш црцорењето на птиците, звукот на раздвижените бубачки, селаните и домашната стока.
Млада си за да те прашам дали се живее само од уметност (мислам од продажба на дела), прочитав дека работиш и како графички дизајнер?
Можеби сум млада, но и јас и секој што се занимава со уметност би ви рекол дека во оваа држава и во оваа деценија човек не може да опстане само од уметност. Уметноста е потценета. За жал, приморани сме да најдеме дополнителна работа и средства за егзистенција. Мојата втора љубов е графичкиот дизајн, и тоа е мојата дополнителна „работа“. Работам фриленс, на проекти, на договор.
За крај, колку еден млад човек има поддршка во својата одлука, иднината да ја живее како уметник/творец, знаејќи колку се неизвесни сите тие креативни проекти, чија реализација неретко зависи од политика или од луѓе што немаат допирни точки со уметноста?
Среќна сум што потекнувам од уметничка фамилија што гордо стои зад мене и го поддржува мојот пат во животот. И моите се занимаваат со креативни проекти и се соочуваат со истите проблеми и политики. Леснотијата е во тоа што секогаш можеме да седнеме заедно, да продискутираме и да најдеме решение. Нормално, има и мали кавги и несогласувања, но тоа е есенцијален дел што помага во наоѓањето добра солуција.
Илинка Делчева