Се разбира дека го најавуваме и „МКЦ шизи 2“, кој ќе се случува утре (вторник, 22 октомври) и ќе понуди забава со фантастични артисти: хедлајнерот Xzibit и Ras Kass, Problem, Eskei83, James Savage, Demrick, Dj Hoppa, Frenkie, Phat Phillie, и нашите соговорници, Shorty P и Irie Scratch.
Панчо, Sure Shotz годинава одбележуваат 15 години постоење. Честитки за долгото и успешно „возење“ по хипхоп стазите. Кога ќе погледнеш наназад, кои моменти од досегашното функционирање на Sure Shotz би ги издвоил како highlights?
Shorty: Пред сè, да ве поздравам вас и вашите читатели, да им посакам убав ден и воедно да ги поканам на 22-ри во МКЦ да дуваме свеќички и да ШИЗИМЕ заедно 🙂 Видете, секој артист е highlight сам по себе и тешко дека би можел да издвојам еден. Памтам дека првиот ever артист што го донесов беше Dj 279 од Лондон во тогашниот клуб Процес и потоа некако спонтано се редеа уште безброј големи и помали артисти. Можеби за некого ќе звучам нескромно, но дефинитивно SURE SHOTZ е најзаслужен за ставањето на Скопје и Македонија на светската мапа на хипхоп-културата. Дешавки и стресови имало мал милион, но сето тоа ми дава додатен мотив и предизвик мене и на мојата екипа да растеме како екипа, но и како промоторска куќа. Пред сè, ова го правиме од љубов, а кога го работиш на тој начин, и универзумот е тука да ти помогне и луѓето го согледуваат тоа. Дефинитивно сме ги донеле едни од најголемите хипхоп-имиња во државата, а најгорд сум на Guru ( r.i.p ) Dj Premier (2 пати ), KRS и Jazzy Jeff, кој минатата година беше хедлајнер на првото издание на „МКЦ шизи“, кој полека но сигурно прераснува во бренд, што веруваме дека ќе расте сè повеќе и ќе добие статус на фестивал што опфаќа различен спектар жанрови сродни со хипхопот, но воедно ќе биде и спој на млади и стари генерации и ќе пробаме да го покриеме оној „gap“ на време и традиција на музиката поради која се изгубија и доста генерации. Најбитно е дека секој еден артист што дошол под наша организација, си заминал само со пофални зборови за земјата, градот и, нормално, со умисла следната турнеја да се врати пак. Ова секако не би било така доколку ги немаме нашите партнери што финансиски ни помагаат и мојот тим составен од Цуци, Ајри, Нести, Роберта, Дора и повеќе надворешни соработници, од кои би ги издвоил Илија (cherry cannon), фотографите Петар и Филип (Tone Bandits) и Софи и Ангела (Froozen time drops) и нормално целата онаа публика што нè поддржува и ни верува како организациски така и креативно 🙂
Дарко, бидејќи Sure Shotz слави 15 години, мораме да те навратиме на почетоците со Панчо. Како се запознавте и како стана дел од лејблот?
Irie: Најголема улога тука има Ol’ Dirty Cuci – невидливата сила во Sure Shotz. Ние сме комшии, а кога почнав да излагам и немав 18 години, ме внесуваше на журките, па така и се запознавме со Панчо. По неколку години почнав да пуштам музика по кафичи, они двајца дојдоа неколкупати и најверојатно им се допадна, па ме земаа под нивна закрила. Веднаш ме ставија на прав пат, ме научија на основните принципи во оваа работа и ме натераа да соберам пари и да вложам во грамофони и профи опрема. Оттогаш натаму функционираме како фамилија 😀
Месецов ти славеше уште еден роденден – 5 години од Trap Da Fuck Up. Што е најново на тој план и, општо, што се случува на македонската трап-сцена во последно време?
Irie: Да, пред неколку недели прославивме 5 години трап во Македонија! Среќни сме што успеавме да ги донесеме светските трендови тука на наш, уникатен начин, и да инспирираме нова генерација млади, што допрва се развива и учествува во културата не само во Скопје, туку и во буквално сите големи и мали градови низ нашата држава. That being said, во моментов сцената е вибрантна, секојдневно се појавуваат нови артисти и диџеи што сакаат да се пробаат во трап играта, што се надевам ќе донесе и кревање на квалитетот по одредено време.
Што се однесува до TDFU – спремаме интересни работи за 2020, неколку настани со најголем фокус на нашиот проект за сплотување на силите со траперите од регионот – Трапславија, како и други проекти што ќе придонесат за дополнително развивање на сцената и ќе вратат назад на трап заедницата. (will give back to the trap community)
Тhursday Shake стана signature event на хипхоп-културата во градот. Планирате ли да правите други слични концепти или можеби да го надоградите постојниот?
Shorty: Уф ШЕЈК-забавите ни се најмалото детенце, голема слабост и кон него имаме посебна љубов па затоа го „растеме“ со големо внимание 😬 Бренд лесно се креира, но тешко се зачувува особено квалитетот. Засега во план ни е полека но сигурно да го надградуваме и затоа пазиме на секој детаљ кога правиме тематски вечери. Резиденцијата и гнездото на овие прочуени ШЕЈК-вечери се во клубот Епицентар, за кој мислиме дека е вистинското место за промоција на овој вид музика, која јас милувам да ја нарекувам модерен ПАНК 😬 Сите диџеи што дошле да свират биле фрапирани од енергијата и едуцираноста на публиката, а за тоа сме задолжени јас и Ајри, кој воедно е и предводник на овој нов бран музика што опфаќа сè поголем замав. Значи, да сумираме, ШЕЈК само ќе расте, па здравје боже, ако испадне некоја нова идеја и мислиме дека има потенцијал, секако ќе пробаме да ја брендираме 😊
Дарко, до каде си со нови микстејпови? 😊
Irie: Ова лето извадив 2 микстејпа со моите фаворити за 2018 и 2019 година. Со промената на социјалните мрежи и начинот на кој луѓето ги користат, интересот за долги миксови/микстејпови значително опадна. Размислувам за нови начини на промоција на нова музика и набрзо ќе почнам со нивна реализација под името Пандамониум радио, како што се викаше мојата последна радиоемисија во 2016 година. Идејата е базирана на сите опции што ни ги нудат социјалните мрежи, пред сè Инстаграм, за поефикасно и многу поинтересно комуницирање со публиката. Повеќе инфо наскоро!
Роденденот на второто издание на „МКЦ Шизи“ го славите со импресивен избор на артисти-изведувачи, меѓу кои хедлајнер е едно од најзначајните имиња на светскиот хипхоп – Xzibit. Колку подготовки, труд и упорност бара организација на настан со ваков лајнап?
Shorty: Па да, на наше огромно задоволство како хедлајнер го имаме мултиталентираниот west coast артист Xzibit, а исто така и Ras Kass, Problem, мегаталентираниот германски диџеј ESKEI 83 добро познат на новата генерација и, според мене, еден од најдобрите балкански емсија Frenkie. Едноставно се поклопија коцките и ѝ овозможивме на публиката да гледа ѕвезди од светски калибар во нивно маало 😬 Труд и посветеност бара многу, но тоа е како и во секоја работа. Упорноста, чесната работа и самодовербата се многу битни, а ние како тим и екипа ги имаме па затоа и не осеќаме некој товар. Секогаш се поставуваме исто кон сите наши гости, без разлика дали чини 1.000 или 10.000 евра, за нас сите гости се исти и ги третираме исто. За овој роденден и второ издание на фестивалот, може само да ви гарантираме одлично шоу за сите вкусови (впрочем, тоа е и поентата на ШИЗИ), многу позитивна енергија и убави спомени од настанот. И запаметете дека вашето мото треба да биде тоа што е наша вечна инспирација, а тоа е: DON’T HATE, CREATE или WE DON’T HATE, WE CONGRATULATE. Се гледаме утре на МКЦ ШИЗИ 😊
Дарко, и ти си дел од фантастичниот лајнап на „МКЦ Шизи 2“. Што очекуваш од целиот настан?
Irie: Најпрво, огромна чест е да се дели бината со легенди како Xzibit и Ras Kass, како и сите други. Очекувам хипхоп-вечер за паметење, а највозбуден сум за настапот на ESKEI83, бидејќи тој е светски шампион во Threestyle натпреварот и е еден од диџеите на кои се огледувам. Од него очекувам енергичен сет полн со нова модерна музика, уникатни ремикси и неколку мини рутини по кои е познат. Се гледаме утре во МКЦ!
(Текстот содржи сленг за да се зачува неговата автентичност)