Со направената селекција на филмови се продолжува традицијата на обединување големи режисерски имиња и нови филмски откритија. Програмата опфаќа избор од нови филмови од различни земји, естетски значајни и политички актуелни. Филмови што се прикажуваат на фестивали во целиот свет од Кан до Буенос Аирес, во различни форми, должини и жанрови, кои претставуваат патување во потрага по корени, историја, идентитет и нудат комуникација меѓу различни региони, меѓу минатото и сегашноста.
И годинава фестивалот се посветува на важни личности, жанрови и тематики на интернационалната кинематографија. Делот MONOGRAPHIES е осврт на поетиката на релевантни филмски творци, во CINEMATOGRAPHIES се прикажуваат специфични теми и методи, кои ги откриваат различните можности на филмската уметност, HISTORIOGRAPHIES ја тематизира кинематографската меморија, важноста од презервирање и промоција на реставрирани филмови од светски филмски архиви.
Фестивалот ги носи познатите режисерски имиња како Marco Bellocchio, браќата Dardenne, Lav Diaz, Elia Suleiman, добитниците на награди на европски фестивали Nadav Lapid и Pedro Costa, како и премиери на режисерите Federico Veiroj и José Luis Torres Leiva. Македонскиот филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е меѓу филмовите што поместуваат граници и отвораат различни кино-светови, заедно со остварувањата на режисерите Carlos Conceição, Joël Karekezi и Levan Akin.
RETROSPECTIVE е дел од програмата во кој во соработка со Филмскиот музеј на Виена ќе бидат прикажани педесет партизански филмови, ретроспектива на една филмско-историска реалност. Меѓу југословенските филмови е и македонскиот филм „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица од 1971 година.
Фестивалот покрај обемната содржина на филмови, дискусии, предавања и изложби вклучува и музички настани, концерти, диџеј сетови, а забавите се веќе препознатлив дел на Viennale, кој не случајно е најпосетен токму од младата публика.
Анна