PopUp Rating (4/5)
„Волци“ е втор, долгометражен игран филм на мексиканскиот режисер Семјуел Киши, а авторското перо го дели со сонародниците Луис Брионес и Софија Гомез-Кордова. Емотивна драма која изненади на овогодишното издание на Берлинале и освои две награди во категоријата за влијателни пораки за мир и посебен придонес кон младата публика.
Сценариото не открива многу детали за минатото на тричленото семејство, а мудро содржи траги и иницира љубопитни претпоставки, додека целосно се фокусира на новиот почеток. Стутканата легитимација во празниот паричник на отсутниот татко е единствената допирна точка со децата, а неиздржаната, лита лага за неговото отсуство одзема од кохерентното дејствие. Мачната приказна на Лусија е една од многуте на копнежливите мигранти кои како евтина работна сила ја движат сивата економија во земјата на можностите. Збирката од неми портрети на изнемоштените сиромашни семејства, бездомници и зависници од дрога одлично ја прикажува темната, но вистинска страна на улиците низ САД, надополнета со автентичните кадри од меланхоличното сивило, карактеристично за помалите места.
Задушливото детство на братчињата во изнајмениот, валкан стан предизвикува нервоза од монотоно секојдневие, а Макс и Лео се видно испотени во минијатурната, непроветерена соба. Тие го надоместуваат недостатокот од родителско внимание преку тајни посети на домот на возрасните сопственици Чанг, кои пак со грижа за осамените палавковци, ја пополнуваат празнината за протераниот син. Директорот на фотографија користи крупни, динамични кадри и мами паника за неволја во очите на публиката, пример со приказ на електричната сијалица и текстилната завеса.
За среќа, стравот не кулминира, но итро одржува на штрек. Инструменталната музика во минимална доза ја воспева несигурната атмосфера, а прецизната монтажа и времетраењето од 95 минути не дозволуваат шанса за здодевност.
Искрената, чиста душа и крупните, кафени очи на Макс и Лео Маркез лесно се припојуваат кон срцата на гледачите, а веднаш се забележуваат и нивните различни карактери. Тие одлично го доловуваат искушението дали да ѝ се препуштат на детската игра и да го напуштат станот или да не ја изневерат стравопочитта на мајка си. Актерката Марта Рејес ја игра загрижената Лусија која едвај врзува крај со крај и дели улога на родител и изморена работничка. Таа е солидна водилка за малите деца во актерската игра, а камерата на Октавио Арауз совршено лебди, набљудува и лови емоции.
Креативната илустрација на имагинарната детска игра и цртежите на ѕид се фантастична замисла. Кротките Макс и Лео се радуваат на малите нешта и наоѓаат забава во трошните, импровизирани играчки. „Волци“ остава впечаток на персонално, автобиографско дело во кое режисерот Киши се поистоветува со трнливата судбина на семејството. На прв поглед незабележителна, но сепак впечатлива сцена со моќна порака е статичниот кадар кога Лусија го чисти подот, а големото американско знаме е во позадина. Режисерот како да сака да посочи дека за одржување на сјајот на ѕвездите од знамето на САД се заслужни и работливите доселеници кои се во потрага за еднакви можности и пристоен живот. „Волци“ е квалитетно филмско остварување на Киши со убаво сведен епилог, полн со надеж и потсетува на холивудскиот „The Florida Project“.
Филип Мишов