За тоа што нуди годинашното издание и што има ново во екипата на „МакеДокс“ разговарав со Дарко Набаков.
Дарко Набаков е дипломиран историчар на уметноста и дипломиран актер. Има 26 години. Го запознав пред неколку години кога првпат бев гостинка на патувачкото кино на „МакеДокс“. Во екипата на „МакеДокс“ никогаш не знаете кој што работи затоа што гледате дека сите работат сè.
Оваа година Дарко е директор на „МакеДокс“ – фестивал на креативен документарен филм и не можев да одолеам на предизвикот да го прашам како се станува директор. 🙂
Цела екипа го чувствуваме „МакеДокс“ како една банда, фамилија, а фестивалот како магија. Уште пред да бидам дел од екипата, годината кога бев само посетител на фестивалот, ја почувствував магичноста на фестивалот и посакав да видам како е од другата страна. Следната година влегов како волонтер. Бев импресиониран од начинот на функционирање, на таа некоја лежерност, ноншалантност, сепак максимална професионалност во работењето.
Втората година ме викнаа да помагам, потоа бев координатор на волонтерите, па кога решивме да го отвориме фестивалот за млади автори, станав селектор на студентската програма. Работев и ПР и координација на визуели, па станав преселектор на програмата. Патем ги координирав визуелите и каталогот, годинава, еве, сум директор на фестивалот (се смее и не сака да го викаат „директоре“).
Фестивалот од година во година расте, се зголемуваат обврските, се наметнува промена во работата. Сениорите од екипата решија да направат свои асистенти од помладите, така што сите помлади презедовме разни сектори. Во принцип, фестивалот го правиме заеднички, целиот креативен тим функционира по хоризонтала, идеи доаѓаат од сите.
Дали од позиција на директор се гледаат појасно проблемите со кои се соочува фестивалот при организацијата?
Проблемите не се од годинава, тие се провлекуваат секоја година. Не сакам да звучам дека се жалиме, но за нив знаев и претходно.
Најтешко е кога на луѓето што можат да го поддржат фестивалот треба да им се објасни што сè е потребно за тој да се одржи. Начинот на организирање фестивали се менува, а имам чувство дека нашите институции тешко успеваат да го фатат чекорот со промените во светот.
Еве еден обичен пример, кај нас музеите во недела работат до 13 часот. Целиот тој административен систем не е приспособен на навиките и на потребите на граѓаните. Со патувачкото кино одиме во села каде што пред 40 години имало кинопроекции, а денес нема. Куршумли ан со години е заглавен во процес на реставрација.
Ние се обидуваме да направиме мали чекори, да промениме некои работи.
Нашите проекции се на места што не се кина, така што ние треба да воспоставиме цела инфраструктура на просторот, од платно до струја, интернет, столчиња, канти за отпадоци, вециња… Потребна е доброорганизирана екипа што тоа би го реализирала. Друго би било да е во кинопростор во кој еден човек само го пушта филмот.
Како што расте фестивалот, и организацијата е посложена, а финансиите се неизвесни. Се трудиме да обезбедиме средства од европски фондови за фестивалот да го задржи реномето што го има во Европа.
Дали сте размислувале да се вдомите во некој објект каде што би имале своја сала и простории за сите ваши активности?
Ние си го сметаме Куршумли ан за свој дом (се смее). Организацијата не го прави само фестивалот туку и многу други работи. Ние сме единствени во државата што го имаат воведено документарниот филм и филмот воопшто во образовниот процес на учениците во основните и во средните училишта. Понатаму, работиме со тинејџери, млади луѓе од 14-19 години, на кои им даваме можност своите идеи да ги преточат во кратки документарни филмови. Веќе три генерации Докуникулци ја откриваат магијата за правење филм. Имаме своја дистрибуција, патувачко кино…
Наша желба е да постои катче каде што љубителите на документарниот филм ќе можат да се собираат, но да има можност и за проекции.
Се обидуваме со години наназад да најдеме некој јавен простор, да дојдеме до каталог на државни простори што не функционираат, а би можеле да се пренаменат и да заживеат како културни центри.
Тешко ни оди затоа што многу од тие јавни објекти не се на Министерството на култура и лесно се губат во лавиринтот на ингеренциите.
Годинава сме сместени во Старата чаршија и планиравме да го отвориме просторот и за други луѓе, но епидемијата на ковид-19 нè забави во реализацијата.
Како да не сте љубители на спонзори?
Не е точно дека не сакаме спонзори, но сакаме едуцирани спонзори што ја препознаваат вредноста на уметноста. Сакаме спонзори на кои им е мило да го поддржат фестивалот, а не спонзори што сакаат да имаат билборди поголеми од филмското платно или некои трепкачки реклами што во текот на вечерта би ѝ пречеле на проекцијата. Добрите спонзори знаат дека одлична реклама е да си дел од успешен проект.
Што научивте од организирањето на фестивалот во услови на пандемија?
Ние сме навикнати да работиме во услови на пандемија, колку чудно и да звучи тоа. Секоја година мора да изнаоѓаме креативни решенија и да се приспособуваме на некои новонастанати услови за да го реализираме фестивалот. Научивме дека работите се менуваат и треба да реагираме брзо, но никогаш на штета на квалитетот на фестивалот.
На само неколку дена пред почетокот на фестивалот, сè уште немаме финансиска поддршка од Агенцијата за филм. Причината е во наш административен пропуст, за кој во изминатите седум месеци не успеавме да добиеме одговор дали ќе се изнајде правно решение. И покрај сите заложби на директорот на Агенцијата и дел од членовите на Управниот одбор, дел од Управниот одбор одбива да го стави на дневен ред прашањето за изнаоѓање решение како фестивалот „МакеДокс“ континуирано да добива поддршка.
Донесовме одлука да има фестивал, фестивал што го посветуваме на публиката и на сите нас што веќе долг период живееме без култура во нашето секојдневје.
Не сакавме да ризикуваме и да кикснеме организациски и затоа годинава Куршумли ан ќе остане во тишина. Благодарни сме на МКЦ и на Кинотека, кои ни излегоа во пресрет и помагаат во коорганизација со отстапување на своите ресурси.
Ми се наметнува прашањето, како млад човек што лани една година искуси работа во европски културен центар, можеш ли да ми направиш споредба за односот кон културата и каква е разликата во реализацијата на уметничките соништа на младите таму надвор и овде кај нас?
Работев една година во Брно, Чешка, во креативен центар за театарски работилници за деца и возрасни. Во Брно има една национална галерија, која има 5 објекти и секој објект третира различен дел од уметноста. Раководителите сфатиле дека не се доволно стручни и не можат да посветат доволно внимание за современите уметности, видеоарт, експериментална музика и слично, и решиле помеѓу зградата на филхармонијата и една зграда од националната галерија да направат еден мултимедијален простор. Една обична барака профункционира како кафуле што може да се трансформира во сцена, киносала, сала за мали концерти. Според нив, таков простор најдобро би го менаџирале луѓе што се на магистерски и докторски студии на историја на уметноста и им дадоа слобода со својата стручност и ентузијазам да комуницираат со младите и да организираат најразлични културни настани.
За разлика од таму, кај нас младите гледаат што се случува во светот, патуваат, имаат пријатели во странство, знаат како треба и може, но потешко ги реализираат своите соништа.
Во последниве две-три години, откако се случи промената на власта, има промени и нови фондови за млади. И си велите, еј, супер, еве некој се сетил на младите. Но, кога ќе ги видите резултатите од конкурсот, гледате дека поддршката е нереална. За изложба што еден уметник ја подготвува цела година, се добива околу 500 евра. Тој треба да работи патем уште 5 други работи за да си обезбеди егзистенција. Една независна театарска група, за да подготви театарска претстава во која се вклучени млад сценарист, режисер, сценограф, актери, може да добие околу 180 000 денари. Кога ќе направите математика, од тие средства само за хонорари учесниците би зеле околу 15 000 денари. Ако една претстава се прави три месеци, значи дека работеле за 5 000 денари месечно. Каде се трошоците за претставата – сценографија, костими и сè друго? Автоматски државата си ги девалвира своите уметници.
Јас не велам дека уметниците треба да живеат само на сметка на државата, но реално таа помош е недоволна за творење и за живеење.
Да се вратиме на убави нешта и да се радуваме на новото издание на „МакеДокс“. Што нуди програмата оваа година? Мотото на фестивалот е „Слеј се со тишината“, фокус на фестивалот е дизајнот на звук.
Секоја година имаме фокус на фестивалот. Лани беше копродукција, пред тоа режија, монтажа, користење на архивски материјали и слично. Оваа година фокусот го ставаме на дизајнот на звук. Затоа и мотото е според збирката поезија „Слеј се со тишината“ (1955 год.) на Ацо Шопов.
Песната „Во тишина“ се поклопи со овој период на карантин и изолација во кој сите ја слушнавме тишината и токму затоа визуелното обликување на фестивалот оди во микроскопскиот приказ на кромидот за да го видиме невидливото. Поезија во филмот е музиката, која е невидлива за сите нас, а е составен дел од секој филм.
Филмовите се поделени во неколку програми и ќе се прикажуваат во паркот на МКЦ и во Летното кино на Кинотека. Не сакаме публиката да мисли дека, ако филмот е во Главна програма, само тој филм треба да се гледа. Тие се во Главна програма затоа што авторот има повеќе од два филма. Програмата Нови автори нуди филмови на автори на кои ова им е прв или втор филм, во програмата Кратки филмови се оние под 50 минути. И оваа година има студентски филмови и филмови за деца. Земја во фокус е Холандија. Одбрани се филмови со исклучителен документаристички сензибилитет.
Оваа година фестивалот е хибриден, тоа значи дека филмовите ќе одат и онлајн, а тоа дава можност да ги види публика низ цела држава. Затоа, мој совет е, за да не се трча од стејџ на стејџ (МКЦ, Кинотека), гледачите да си направат план кои филмови сакаат да ги гледаат во живо, а кои на онлајн-платформата со претходно регистрирање.
Целата програма можете да ја видите ако кликнете овде.
Билети можат да сe набават на mktickets.mk
Каква е вашата соработка со македонските автори и колку годинава се застапени на „МакеДокс“?
Годинава во програмата Нови автори премиера ќе има филмот „Професорот“ на Јордан Дуков, а во програмата на кратки документарни филмови премиерно ќе бидат прикажани „Нејзиното семејство“ на Елизабета Конеска и „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски.
Неминовно ми е прашањето како успехот на „Медена земја“ го промени односот кон документарниот филм?
„Медена земја“ направи многу за македонскиот филм надвор од државава. Секојдневно добиваме мејлови во кои селектори на други фестивали бараат да им испратиме нови документарни филмови, но сурова реалност е дека продукцијата на годишно ниво е мала, особено на креативниот документарен филм. Среќни сме што сме на картата на земји од кои се очекува добар филм и се надевам дека Агенцијата за филм ќе го препознае моментот за финансирање креативни автори на документарни филмови.
Автор на интервјуто: Илинка Делчева
Фотографии: Сашо Н. Алушевски, Јелена Белиќ