Петото издание на фестивалот ќе се состои од филмови со теми поврзани со гитарата како инструмент. За време на 5 дена, ќе се прикажат 10 филмови кои на уникатен начин ги прикажуваат авторите и нивните животи во однос на својот инструмент.
Затоа и филмовите ќе бидат и жанровски шарени: блуз, рок, џез, авант-рок, поп, фадо. Филмскиот дел од Фестивалот ќе го отвори документарниот филм за Кит Ричардс „Под влијание“, којшто зборува за неговата љубов кон музиката, гитарата, Ролинг Стоунси и ги следи неговите сеќавања од средбите со неговите идоли.
Во музичко-изложбениот дел, во фокус ќе биде изложбата на Влатко Стефановски во Музеј на Град Скопје, која е насловена како „Патешествие“. Се работи за изложба на концертни и промотивни плакати од личната колекција и архива на Стефановски. Со изложбата се прикажува неговото патешествие од самите почетоци со ,,Леб и сол”, па до ден-денес, преку бројните солистички концерти и проекти.
Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт од Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска.
Изложбата „Патешествие“ ќе се отвори на 2 септември во Музеј на Град Скопје, а проекциите на филмовите ќе се организираат во Кинотека на С. Македонија почнувајќи од 3 септември.
Изложбата и филмскиот дел се помогнати од Министерството за култура, Кинотека на С. Македонија, Музеј на Град Скопје, Гете институт.