Пред неколку години прв пат го открив Јутјуб каналот „Like stories of old“ на видео есеистот Том ван дер Линден, кој потекнува од Холандија. Покрај тоа што неговиот глас, кој е присутен во сите видеа, ми е исклучително смирувачки и би го слушала што и да зборува, темите кои ги обработуваат неговите видеа се исто така совршени за тмурни, декемвриски викенди. Како овој.
Видеата вообичаено имаат егзистенцијалистичка содржина, разработувајќи содржини од популарната култура, најчесто филмови. Том ги почнува видео есеите со некое негово лично прашање, на пример „Што значи тоа филмот да биде огледало на општеството?“ или „што ако сите ја кажувавме вистината?“ и продолжува да го одговори тоа прашање низ анализа на еден или повеќе филмови. Старите приказни, кои стојат во името на овој Јутјуб канал, се токму овие прашања кои, иако понекогаш се чувствуваме како никогаш никому да не му биле олку важни колку што ни се нам во овој момент, се всушност прашања кои се безвременски.
За оние кои се особено меланхолични викендов, го препорачуваме видеото за филмот „Cloud Atlas“, кое посочува „зошто убавината ќе го спаси светот:“
„Приказните отсекогаш силно влијаеле врз мене, на мојот светоглед, ми помагале да станам подобра личност и сакам подобро да го разберам овој однос. Сакам да ги искажам сите чувства кои тие ми ги предизвикуваат, како ме трогнуваат и придвижуваат и како ми прават да се чувствувам подобро поврзан со себе си, светот и луѓето кои ме опркужуваат. Но, најмногу од сѐ чувствувам потреба да го внесам ова во светот, да увидам дека не сум сам во него, дека постојат и други кои се чувствуваат вака и кои копнеат да бидат разбрани,“ пишува тој на неговиот Јутјуб профил.
Звучи одлично, особено ако планирате да останете дома, или можеби да се одморите после журкање.