Има уметници кои со својата креација зрачат во повеќе различни уметности. Фасцинантен пример на уметница која ги реализира своите идеи во повеќе полиња е Ива Дамјановски. Како музичарка таа е дипломирана пијанистка на ФМУ – Скопје и активна е со концертни настапи. Покрај пијаното, свири и на инструментот теремин. Како поетеса, таа е најмладата добитничка на престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, а авторка е на стихозбирките „Тие“ и „Двоумење“. Во однос на авторската музика заедно работат со Виктор Танасковски како дуо „Алембик“, а неодамна имаа промоција на својот прв албум.
Во текот на ноември имаше повеќе концертни настапи, и како солист и со дуото „Алембик“. Последен во низата беше концертната изведба на свитата „Стокинг хедс“ (Stalking Heads). Како беше создадено ова електроакустично дело?
– Ова дело беше создадено случајно и како потполна импровизација. Искрено, сакав да се обидам и да ги пробам сопствените способности за ваков вид настап, каде сум потполно сама со пијаното, а нема партитура за да ми го ублажи падот. Сакав да скокнам, затоа што јас од сопствената уметност барам да биде храбра и слободна, а падот е и слободен и храбар, па ова беше еден „freefall“ (слободен пад). Концептот беше едноставен, ништо преамбициозно, бидејќи беше мој прв ваков обид и не си верував премногу, па само решив да се обидам за првпат да ги ставам мојата поезија и мојата музика на исто место во исто време и да видам како самата би можела да искомуницирам меѓу овие два дела од мене. Нешто што често ми е поставено како прашање, а јас самата не го знам одговорот.
Композицијата завршува со стиховите „Ја мразам лагата толку многу што пишувам поезија. Така си зборувам самата со себеси“. Музиката и поезијата се константно, и речиси рамноправно, присутни во твоите уметнички дела. Како го одржуваш балансот помеѓу двете уметности?
– Стихот е всушност: „Ја мразам лагата толку многу што пишувам поезија. Така јас се збогувам со себе си.“ Дел од одговорот на ова прашање е и погоре. Не сум сигурна дека би можела да кажам дека јас одржувам некој баланс, креативните периоди во музиката и во поезијата доаѓаат онака како што тие наумиле без јас да имам некој свесен удел во тоа. Во секој случај, најчесто се наизменични и се како различни јазици на кои зборувам. Убавото кога зборувате различни јазици е дека можете да доловите семантички нијанси користејќи го оној јазик кој најсуштински ја доловува вистинитоста на поимот кој сакате да го изразите во тој момент. Имате избор. Отприлика така.
Фантастичен баланс на музика изведена на повеќе инструменти и поезија има и на првиот албум на дуото „Алембик“, во кое работите заедно со Виктор Танасковски. Од каде ја добивте инспирацијата за амбиентите на албумот „Алембик“?
– Албумот почна како карантински вентил за нас, истражувајќи ги начините на создавање звук и музика кои не сме ги пробале до сега, а би сакале, како и она што психолошки ни се случуваше во тој период, секако. Во процесот сфативме дека албумот самиот наметна приказна која многу ни се допадна и стана неговиот вистински концепт: дихотомијата и конфликтната синтеза на природата и технологијата. На нашиот албум има чести референци на звуци од природата, како и на звуци од градското „звучно загадување“. Се обидовме да го доловиме дијалектичкиот судир во кој се наоѓаат овие два аспекта од нашето секојдневие, но и нашата суштина како човештво преведувајќи го и во самиот процес на работа. На албумот го предизвикуваме и концептот на уметничко авторство – на една од композициите гостува мачката Азра со свое авторско соло, а на друго гостува нашиот „Роланд“ со свое соло (сајзерот самиот солира ставен на рандом функција, најблиску до она што можеме да дојдеме да е потполн слободен избор на една машина).
Практично колку време и со кои соработници го направивте албумот?
– Албумот го направивме во рок од три месеци. Почнавме со работа на песните во март оваа година и го снимивме летово. Постпродукцијата и проучувањето на начинот на кој функционира самоиздавање на еден албум беа чекорите кои одземаа многу повеќе време. На албумот гостуваат Филип Ефински (главен автор на музиката „Dynamo“) на гитара и Емил Спиркоски на тапани (исто така, клучен член во составот, кој понатаму ќе биде поприсутен на материјалот што го планираме).
Што поточно значи терминот „алембик“?
– Алембик е сад за дестилација. Покрај звучноста на самиот збор, која ни се допадна, нѐ асоцираше и на алхемиските процеси во кои се користел, процеси што за нас се многу слични на уметничките креативни процеси – се обидувате да земете вообичаени, сирови, некогаш и сурови и одвратни нешта, и од нив да направите нешто што вреди, нешто убаво. Затоа и го одбравме тоа име, што беше оригинално идеја на Виктор.
Веќе имавте слушачка и две концертни изведби на албумот. Со какви реакции на слушателите се соочивте при слушањето/изведбата на музиката од албумот?
– Многу ни е драго што до сега реакциите се многу позитивни. Немавме некоја претпоставка како луѓето би ја доживеале нашата музика, но многу ни е драго што додека свириме гледаме луѓе кои емотивно се поврзуваат со нас или ги затвораат очите или танцуваат. Добивме и прекрасни неочекувани реакции од некои луѓе кои не ги ни познаваме, како и од други делови на светот, и многу ни значат. Интернетот е убав што се однесува до тие работи.
Заедно со Виктор работите на иста фреквенција или во текот на работата индивидуалните фреквенции ги ставате во хармонија?
– Мислам дека на некој начин ги има двете, но ова второво е поточно, тоа и најмногу нѐ радува во процесот. Нас нѐ спојува шаренилото во музичките вкусови, на пример, така што и двајцата сакаме голем број различни работи, а кога сме заедно тој број се дуплира и тоа нѐ радува уште повеќе. Што се однесува до вештините, исто така, се надополнуваме, не ги свириме истите инструменти, даваме музички идеи сосема рамноправно и некако одлично функционираме. Тоа, можеби, е така, бидејќи што се однесува до главните принципи ние сме потполно на иста фреквенција и во тоа сме целосно заедно, во она што го бараме од самата музика. Дури имаме моменти, кога отпосле ги слушаме песните, да не можеме да препознаеме и да се сетиме која идеја кој од нас ја дал.
Колку првиот албум ви даде поттик да продолжите да истражувате и да експериментирате со музичко-поетскиот израз?
– Мислам дека ни даде голем поттик. „Алембик“ беше прекрасно искуство, нешто што нѐ научи многу и ни дозволи да дадеме многу од нас. А, уметничката креација е слична како и сакањето на тој начин што колку повеќе давате имате повеќе за давање. Влијаеше и на нашата поезија, дел од песните таму ќе бидат објавени во наши книги понатаму и многу откривме за преводот и синтезата на двата начини на експресија. Тоа инспирираше и отвори многу нови идеи за понатаму, што се надеваме дека ќе ви се допаднат.
Тони Димков
Фотографија: Стефан Рајхл, Маја Аргакијева