PopUp Rating: 4/5
Во градот на љубовта и светлината демнат омразата и темнината, оддалечени на само неколку километри од сјајот на Ајфеловата кула. Режисерот Лаџ Ли создава тензична акциона драма, инспирирана од неговиот краток филм „Les Misérables“, истоимениот роман на Виктор Иго, и од масовните протести на младите емигранти од африканско потекло во Франција во 2005 година. Сценариото нуди современо оживување на маките и на страдањата во маалото Буске, за коe пишувал големиот автор, каде што и се одвива филмското дејство, а во ликовите се насетуваат траги од делото. На пример, проблематичниот Иса е обвинет за кражба, а во полициската станица се наметнува прашањето дали го направил тоа за да заработи или за да се прехрани. Исто така, „Клетници“ ја подгрева и актуелната тема за полициската бруталност и бесно критикува за односот на властите.
Мултиетничката средина растргната помеѓу верската, расната и класната разлика е жешко поднебје за бескрајни несогласувања. Искусните Крис и Гвада се единствените што одржуваат тенка линија меѓу соживот и анархија, а авторитетот го стекнале со дрско, неетичко однесување и со злоупотреба на должноста. Но, Монфермеј сè уште е темпирана бомба каде што проституцијата е новата чума, каде што владее законот на посилниот, а дрогата и оружјето се во лажицата со која се сервира почетокот на денот. Електронската музика постојано ја подгрева стресната атмосфера, ја одржува на работ од столчето и ја најавува неволјата што се крие зад аголот. Непросперитетната иднина на младите без домашно воспитување и образование води до малолетничка деликвенција, која е плод на фрустрацијата, стравот и лошите примери од девијантното однесување на улиците.
Не е случајно што Ли ги споменува и идолите на децата, француските фудбалери Килијан Мбапе (роден во Париз) и Осман Дембеле, кои лесно можеле да делат слична судбина со палавиот Иса, но, за среќа, нивниот животен пат добил ѕвездена траекторија.
Директорот на фотографија ѝ дава шанса на публиката со кратки динамични кадри да го доживее адреналинот и да ја согледа ситуацијата со дронот на проникливиот Баз. Долгата, помалку комична сцена на почетокот во автомобилот, потсетува на легендарните дијалози меѓу Џон Траволта и Семјуел Л. Џексон во „Евтини приказни“.
Актерската екипа е мешавина на искуство и на дебитанти, во главната улога Дамиен Бонар го игра сталожениот Руиз, кој сочувствува со повредениот Иса бидејќи има син, а лесно избувливиот Крис е задача на Алексис Манети. Тие се одлични во улогите, посебно Манети, кој го доловува агресивниот делител на правдата и дополнително го дели авторското перо за сценариото со Лаџ Ли и Џордано Џедерлини. Карактерите на ликовите се квалитетно разработени и преку раните разговори мудро откриваат детали за нивното минато, кое подоцна ги објаснува постапките.
Фантастична реализација на режисерот Ли да претопи неколку идеи во речиси комплетно филмско остварување со ситни недостатоци. Тој јасно зазема страна за жителите на Монфермеј и одбива да вметне повеќе детали за нивното криминално однесување и лоши страни, но остава шанса за морални дилеми, чијашто одлука е препуштена на публиката. Еден од ретките филмови што не сакате да заврши, а крајот дополнително ја воспева таа желба, нè остава жедни за повеќе. „Клетници“ е моќна изведба со гневна порака, убедливо еден од најдобрите француски филмови во последната деценија, а тоа го потврдува и номинацијата за престижната награда „Оскар“ во категоријата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Филип Мишов