Поради тоа, одлучивме да одбереме три не толку големи градови кои имаат вибрантна уметничка заедница и можности за работа, како и мерките што ги преземаат за да обезбедат поддршка и финансирање, а со тоа и унапредување и оживување на уметничката сцена.
Лисабон изобилува со нови галерии и можности за соработка на уметничката заедница
Лисабон има навистина брзорастечка уметничка сцена, ниски трошоци за живеење и во него уметниците се секогаш добредојдени. Не бадијала го сметаат за едно од најдобрите места за живот во светот: трошоците за живот се ниски, како и даноците, а има и евтини недвижности. Во последно време важи за еден од најартистичките градови во Европа. Лисабонската уметничка сцена брзо расте и се менува, нудејќи огромен број можности за уметничката заедница. Постојано се отвораат нови галерии кои привлекуваат голем број уметници и професионалци од сферата на уметноста. Иако градот цвета на уметнички план и се претвора во посакувана уметничка дестинација, тој сепак е мал. Ова значи дека публиката може да ги посети сите нови галерии и уметнички настани, без да патува многу далеку. Лисабон исто така изобилува со историски објекти и обележја, но и со прекрасни мурали и графити.
Градската уметничка сцена е отворена, пријателска и непретенциозна, и нуди многу можности за соработка во рамките на уметничката заедница. Еден кул пример е Village Underground. Станува збор за уметнички хаб, co-working простор, кафуле и место за одржување настани кое е отворено за јавноста.
Уметниците одат таму за да се опуштат, да работат и да се запознаат со други уметници. Го сочинуваат 14 шарени контејнери и напуштени двокатни автобуси.
Градските власти на Санта Фе (Њу Мексико) финансиски ја стимулираат уметноста
Санта Фе е град познат по својата шаренолика уметничка заедница. Има повеќе од 250 уметнички галерии, како и широк спектар арт маркети и фестивали. На тој начин, Санта Фе привлекува колекционери на уметност од целиот свет. Голем дел од нив се во потрага по домородна, современа и западна уметност.
Трошоците за изнајмување стан во Санта Фе не се многу високи, што го прави да биде привлечен за уметниците со помал личен буџет. Самиот град, исто така, прави многу за да ги поддржи уметниците.
На пример, градската уметничка комисија прави огромен број настани и програми за финансирање со цел да ја промовира уметноста. Оваа комисија има и галерија во која редовно се изложуваат делата на локалните уметници. Притоа, сите се добредојдени да бидат дел од овие изложби.
Друг пример за поддршката која Санта Фе им ја дава на уметниците е програмата „Уметност во јавниот простор“, во рамките на која градот откупува уметнички дела и ги изложува во паркови, покрај линиите за јавен превоз и на јавните објекти. Исто така, за одбележување е и фактот дека два проценти од сите конструкциски зафати што ги спроведува градот, се наменети за откупување на уметнички дела.
Копенхаген нуди програми за поддршка на уметниците
Копенхаген нуди здрава уметничка заедница со голем број изложбени простори и уметнички колективи, што го прави да биде еден од најдобрите градови за живот за уметниците. Во последно време, нивниот број расте, делумно и поради програмите за поддршка за уметниците. Данската фондација за уметност, на пример, нуди помош за исплаќање на трошоците на нови изложбени простори во првите две години од нивното постоење.
Друга причина зошто има многу простори во Копенхаген што ги водат уметници, е малата веројатност дека ќе добијат шанса во поголемите галерии. Уметничката заедница во Копенхаген се жали дека комерцијалните и јавните институции ги изложуваат само делата на добро етаблираните уметници. Тоа ги натера младите и нови уметници од Копенхаген да ги земат работите во свои раце.
Данската уметничка фондација ја потпомага уметничката заедница во Копенхаген на многу начини, преку фондови наменети за уметничка продукција, изложби, грантови, резиденции, јавна уметност и уметнички саеми.
Драган А.