PopUp Rating:
„Обоената птица“ е долгометражен, црно-бел игран филм на режисерот Вацлав Мархул. Чехот ја користи истоимената новела од 1965 година на починатиот полски актер и автор Јержи Косински и создава немилосрдна воена драма.
Бруталниот почеток е заседа за неподготвените и жестока најава за монструозен терор и траен неспокој. Осаменото момче е исфрлено „голо“ во грозоморен свет без географска одредница, помеѓу гладни хиени во борба за опстанок. Тоа на трауматичното патешествие ја искусува најзлобната страна на човештвото, кое ја злоупотребува неговата чиста душа и детска добрина. Дополнително, расната разлика го издвојува како дежурен одметник во осудувачкото општество и безгрижно го турка во ужасни страдања. Трагичната авантура е придружена со расизам, семејно насилство и педофилија, а нецензурираните сцени се исклучително вознемирувачки. Угнетеното дете единствено наоѓа задоволство во другарувањето со животните и во свирењето пијано.
Режисерот мудро поставува замки и ја наведува публиката, откако веќе ја навикна на константен немир и го користи насобраниот страв да наметне очекувања за немили настани. Мрачниот амбиент е воспеан од отсуството на музика, сировите звуци на природата и болните крикови на луѓето т.е. животните, кои изнудуваат непријатни чувства поради кои ќе побарате засолниште. Долгото времетраење од 169 минути изнемоштува, но копнежот за подобро утре за протагонистот будно одржува внимание.
Директорот на фотографија е главен виновник за влијателниот пренос на емоциите. Смутни маестрално ги употребува темнината и светлината, кои ги избиструваат невкусните глетки. Доминацијата на насилниците е прикажана со камерата високо поставена како надмоќ во однос на жртвата, а долгите кадри ја сликаат депресијата.
Актерската екипа е мешавина од аматери, почетници и искусни глумци со холивудско педигре. Главниот лик е должност на младиот Петр Котлар, кој не се занимава со глума и е во улога на натуршчица. Режисерот Мархул успева да измами трогателни, празни погледи од момчето, а неговите очи имаат специфична тажна нишка. Малиот Котлар одлично се снаоѓа во ролјата и соодветно ја доловува болката со невербална комуникација. Мештаните се аматери со збрчкани лица и злобни намери, а реномираните Стелан Скарсгард, Бари Пепер и Харви Кејтел се изненадувањето во морето непознати актери.
„Обоената птица“ е уникатно, непријатно доживување, кое целосно ќе ве растргне и ќе ве растревожи, со слики што никогаш нема да ги избришете од меморијата. Истовремено, филмското остварување на Мархул заслужено се издвојува и потсетува на делата на големиот Тарковски и хоророт на легендарниот Хичкок. Режисерот обработува црно парче од историјата, а конкретните детали се попатни ознаки за оформување на сценариото. Фантастичната кинематографија е катализатор на крвопролевањето и на меланхолијата, бујната симболика е сеприсутна, а видлива мана е брзиот расплет и лесно сведениот крај за филм што бавно и долго се разгранува.
„Обоената птица“ не е за оние со меко срце, чувствителен желудник и низок праг на толеранција, а вознемирената публика може да извлече вредни лекции од себичните грешки на човештвото и конечно да сфати дека насилството раѓа насилство. Филмот предизвика масовно заминување на гледачите од киносалите на премиерата во Венеција, но и покрај тоа се најде меѓу главните конкуренти на „Џокер“ за главната награда „Златен лав“ и постепено ужива во сè поголемо внимание во целиот свет.
Филип Мишов