Оваа аерофотографска серија е дело на германскиот фотограф Том Хеген, кој го надлета Гренланд со намера да го види ефектот на индустријализацијата од прва рака, со свои очи, со својот фотоапарат. Масивното ледено тело што покрива околу 80 отсто од површината на Гренланд, сè повеќе попушта под притисокот на климатските промени и се топи. Научниците предвидоа дека покачувањето на температурата за 2 Целзиусови степена потполно ќе го стопи ледот на островот и ќе предизвика зголемување на нивото на морињата за 7,2 метри.

Ледената покривка на Гренланд зафаќа површина што е седумпати поголема од површината на Велика Британија, а на некои места ледот е подебел и од 3.000 метри. Тој се топи во летните месеци, меѓу јуни и септември. Том поминал две недели во шатор на Арктикот и бил изненаден од умерените временски услови дури и во северниот поларен круг.

Овие фотографии ќе ве измамат со својата убавина ако го заборавите фактот дека тиркизното синило што доминира на нив е резултат на глобалното зголемување на температурите и ледот што се топи. Преодот од целосно белата боја кон доминантно сината површина е шокантен потсетник дека глобалното затоплување не е апстрактен концепт од иднината, туку конкретна реалност на денешницата.

Запрашан за важноста артистите да фрлаат светло врз проблемите со животната средина, Том Хеген вели:
„Мораме да ги покажуваме проблемите што ја засегаат нашата планета на начин што никој нема да може да ги негира. Фотографијата е еден вид доказ за ова и не може да се игнорира. Мислам дека е важно да ги користите сите ваши алатки за да ги инспирирате луѓето и да направите мала разлика во овој свет.“


Времето истекува, па дури и доколку човештвото достигне состојба без емисија на штетни гасови, температурите и понатаму ќе се искачуваат поради долгорочните ефекти на емисиите на јаглеродниот диоксид. Според некои научници, глобалните температури ќе се искачат до 4,5 Целзиусови степени до 2100 година.




Фотографии: Том Хеген (tomhegen.de)

