PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Марк Колин: Nouvelle Vague е спој на пост-панк ерата и боса-нова музиката

popup by popup
ноември 29, 2018
in Интервјуа
0
401
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Иницијалната идеја зад Nouvelle Vague на двајцата француски музичари и продуценти Марк Колин и Оливие Либу била со помош на разни женски пејачки да обработат разни песни од пост-панк ерата од 80-тите години на минатиот век, но со боса-нова аранжмани, а притоа пејачките да немаат никакво познавање од песните што ќе ги пеат. Овој пристап наишол на одличен прием пред 15 години и оттогаш со секое издание Nouvelle Vague ја повторуваат оваа препознатлива формула. Покрај каверите, на своето последно издание „I Could Be Happy“ снимија и неколку авторски песни. Бидејќи бендот ќе настапи на овогодишното јубилејно издание на фестивалот Таксират на 8 декември, направивме интервју со продуцентот Марк Колин за историјата на бендот, концептот, но и за неговите соло-потфати во светот на филмската музика. 

Како дојдовте до идеја да споите звуци и хармонии од боса-нова музиката со песни од 70-тите и 80-тите?

Тоа беше многу одамна, можеби пред 15 години, кога сакав да им оддадам признание на сите њу вејв бендови и на песните што сум ги сакал кога бев млад. Помислив, ако ги сочувам мелодиите и стиховите како основа и да изградам нови аранжмани, ќе биде добар начин луѓето повторно да ги откријат овие песни.

Фото: Rod Maurice

Што за вас значи терминот „њу вејв“ гледано од оваа перспектива?

Во Франција, за време на 80-тите години на минатиот век постоеја сите овие пост-панк бендови, кои ги нарекувавме „њу вејв“. Тоа беше мојата прва музичка страст. Претпоставувам во тоа време беа навистина нешто ново. Таква беше и боса-нова музиката, односно некаков нов звук во 50-тите. Идејата со Nouvelle Vague беше да се спојат овие две работи. Тоа беше концепт што сакав да го истражам.

На кој начин го правевте изборот на песните што се најдоа на вашите албуми? 

Повеќето од нив се песни што многу ги сакав во 80-тите и исто така тие ме инспирираа со идеја за некој нов аранжман. За првиот албум имавме песни од бендови како Joy Division, Cure, Depeche Mode, за понатаму за следните изданија да обработиме и песни од Били Ајдол, U2. Сепак претендираме да обработуваме релативно непознати песни.

Каква беше реакцијата на авторите на песните кога ќе слушнеа ваша интерпретација на нивна песна?

Повеќето од нив беа среќни и полни со ентузијазам. Мислам дека нашиот пристап беше добро изненадување за нив.

Фото: Rod Maurice

За вашето трето издание дури учествуваа и некои од оригиналните автори на песните како Марин Гор од Depeche Mode, Бери Адамсон од Magazine и Јан Меклоу од Echo and the Bunnyman, кои му се придружија на бендот. Какви беа импресиите од соработките со нив?

Тоа беа прекрасни моменти бидејќи работевме со нашите херои! Замислете дека ги гледав Echo and the Bunnyman во 1984 година и 25 години подоцна бев во студиото заедно со нивниот пејач.

Последното издание  „I Could Be Happy“ покрај каверите има и ваши оригинални песни. На каков прием наидоа песните наспроти оригиналниот концепт на бендот? Дали е ова патот по кој ќе чекори бендот понатаму односно со повеќе оригинални песни на репертоарот?

Не мора да значи дека ќе се случи баш тоа, но не можам да предвидам ни што точно ќе се случува! Луѓето го препознаваат нашиот звук, нашиот пристап со женските вокали и им се допаѓа тоа. Освен класиците, кои сите ги знаат, другите песни им се непознати и не им прави голема разлика. Се чини дека на публиката им се допаднаа нашите авторски песни па зошто и понатаму да не пишуваме наши песни во иднина?

На кој начин групата еволуираше од своето основање?

Можеби тајната на нашата долговечност е дека ние навистина не го менувавме нашиот начин на работа. Тој беше, а и сè уште е многу едноставен, без никаков притисок. Но, од друга страна, настапот во живо се промени многу. На почетокот бевме само четворица, за да во 2011 година настапуваме како дел од многу посебно шоу во режија на Жан Шарл де Кастелбајак, со многу танчари, костуми итн. Бидејќи деновиве ја славиме нашата 15-годишнина, се вративме назад кон интимното акустично шоу што го правевме кога започнувавме. Со годините во бендов настапија многу музичари и пејачи. Имаше повеќе од 20 пејачи, на пример!

Фото: Rod Maurice

Покрај работата како продуцент и Nouvelle Vague, вие исто така работите и како филмски композитор. Дури снимивте и албум со кавери од филмски теми, кој се вика „Hollywood, mon amour“. Кои се некои од искуствата од работата со песните со Nouvelle Vague, а кои сте ги пренеле на работата со филмската музика?

Би рекол дека тоа што е интересно е да се види дека правењето аранжман за кавер е понекогаш потешко од пишувањето оригинална песна. Од друга страна, изненаден сум дека режисерите на филмовите или на рекламите ме ангажираат да создадам оригинална музика базирано врз емоциите што ги имаат во врска со моите кавери. Тоа значи дека сфатиле дека станува збор за звукот или за расположението без разлика дали се работи за кавери или за оригинални песни.

Во меѓувреме, вие работевте на многу филмски проекти со авторска музика. Што е тоа што прави светот на филмската музика да ви причинува толку големо задоволство?  

Ми се допаѓа начинот на кој музиката се совпаѓа со подвижните слики. Тоа е волшебен процес. Го пуштате филмот, ставате некоја музика и гледате дали работите функционираат или не. Музиката може целосно да го промени расположението на секвенците. Многу е важно да знаете што сакате. Добро е и да се работи со филмските режисери и со тоа да се разбере начинот на кој се работи во филмската индустрија. Патем речено, и самиот режирав филм минатиот март, кој ќе биде прикажан напролет следната година. Се вика „Future Shock“!

Фото: Rod Maurice

Дали можете да направите споредба помеѓу создавањето музика за себе наспроти филмската музика?

Кај филмската музика имате поголема слобода да експериментирате, а и не работите со формат на песна. Исто така, ми се допаѓа кога режисерите бараат од мене работи што обично не ги правам, да истражувам нови звуци, мелодии итн.

Која ви е омилена музика за некој филм на која сте работеле?

Ќе кажам дека сум задоволен од сите музики за филмови на кои сум работел. Можеби онаа што ја работев за филмот „White Wall“ е малку посебна, бидејќи се работи за научно-фантастичен филм и беше посебно чувството да се создаде музика за него.

Фото: Rod Maurice

Бендот често има настапувано на овие простори, а овој декември ќе настапувате во Македонија и во Србија. Какви се импресиите на бендот за публиката што ја среќава тука, во овој дел од светот?

Тоа е одлична публика и поради тоа ние повторно ќе ѝ се вратиме со следната турнеја што ќе започне во април во Британија.

На што се надевате најмногу кога заминувате на долги турнеи?

Да се биде огреан од сонцето во Рио тогаш кога во исто време е зима во Париз, да откриваме нови градови и да среќаваме нови луѓе.

Дали турнеите се местата каде што се јавуваат искрите за новите албуми?

Не баш, албумите се резултат на размислувања што ќе правиме следно. За време на турнеите се обидуваме да го доловиме расположението на локалните култури.

Разговорот го водеше Ненад Георгиевски

Previous Post

Пет модерни верски храмови

Next Post

Трагичната убавина на растопениот Гренланд (галерија)

Next Post

Трагичната убавина на растопениот Гренланд (галерија)

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum