Што те води во создавањето на рецептите, лепчињата и пренесувањето на нивната приказна?
Љубовта. Љубовта кон моето семејство ми е водилка во сè, колку и очекувано и познато да звучи тоа. Многу сакам да споделувам и да раскажувам приказни, а преку моите рецепти што ги објавувам на Инстаграм, раскажувам приказни за мене, за моето семејство, за моите родители, за моето детство, за мојот живот, кој имам среќа да го живеам вистински и автентично. А, за тоа сум многу благодарна. Вибрацијата што сите ја чувствуваат е мир и спокој и за тоа сум многу среќна, бидејќи тие две работи ми се многу важни.
До каде си со плановите целава оваа приказна да ја преточиш во едно убаво и посебно бистро?
Многу скоро, еден убав пролетен ден во новата 2022-та која ни е на прагот, ќе создадам место каде што сите ќе ја почувствуваат мојата огромна љубов за лепчињата, за храната и за животот. Мое катче за кое многу сонував и мантрав секојдневно, каде што ќе мириса на печено лепче, ќе свири џез-музика, ќе биде полно со свеќи и секој ќе може да го почувствува мојот мир што несебично ќе му го подарам.
https://www.instagram.com/p/CQRQKJ2L5Ew/
Ако го измениме познатиот цитат на Толстој гледајќи го од посветлата страна, добиваме нешто како „Сите среќни семејства си прилегаат едно на друго, секое среќно семејство е среќно на свој начин”. 😊 Горди родителки сте на Ирма, па ете накратко за една долга приказна – како би го опишала своето семејство?
Остварен сон. Храброст и пркос кон секого и кон сè. Верба во себе и во партнерот. Моето семејство е моја гордост и постојан потсетник на тоа дека најважно во животот е да растеш и да цветаш. Да се менуваш и да знаеш како да се соочуваш со животот и со светот, воопшто. А, тоа со партнер како мојот е едноставно лесно и пријатно искуство. Привилегирана сум што имам семејство какво што секогаш посакував и што сме тука каде што сме, сите заедно и на број.
https://www.instagram.com/p/CQiz-RPLwQW/
Спомените поврзани со мирисите и вкусовите имаат необична моќ да навраќаат на силни емоции што сме ги доживеалие и кои оставиле посебна трага во нас. Кои се мирисите и вкусовите што тебе те враќаат во детството?
Сарма и гравче за Св. Никола, крчкани на тивко. Цел стан мирисаше на тие две најомилени јадења на 19 декември и јас не можев да бидам посреќна. До ден-денес сум среќна кога ќе седнам на масата на тој ден и знам каква трпеза ме чека. Љубовта кон храната и љубовта кон јадењето се едноставно во мојата ДНК и тоа ќе биде така засекогаш. Кујната на баба ми и на мајка ми секогаш ќе има посебно место во моето срце и секогаш ќе ми носи мир и комфор. До ден-денес, кога ќе влезам во мојата стара дома, јас сум дома и мириса на дома. Мајка ми секогаш нешто крчка или се подготвува нешто да стави во рерна за печење. Секогаш има да ми даде нешто благо што го направила или некое кифличе од замрзнувач. Секогаш ме нуди со нешто што би сакала да го пробам: ајвар од Душка, туршија од баба ми, џем што таа и татко ми го правеле. Моето детство мирисаше на печени кифли за ужинка, на манџи за ручек кои од денешна перспектива не знам како сум можела да ги мразам толку без да ги пробам, мирисаше на супа, ама секогаш домашна, освен кога бев болна. Е, тогаш мирисаше на петле од ќеса. На вечери каде што сите четворица сме собрани на маса во осум часот навечер и вечераме од сè по нешто извадено од фрижидер. Можам јас вака до бескрај да раскажувам..
Во многу наврати ќе речеш дека Скопје те инспирира во она што го работиш. Што ќе им порачаш на оние што велат дека Скопје денеска, вакво какво што е, го има изгубено својот шарм и моќта да инспирира?
Побарајте го Скопје, тоа е тука, насекаде, само си игра криенка со вас. Искрена да бидам, Скопје го засакав вистински пред 4 години. Имав некои очекувања од мојот роден град, кој не ги исполнуваше подолго време, но откако се помирив со тоа дека и Скопје има душа, го разбрав на едно поинакво ниво и го прифатив. И го засакав како никогаш досега. Скопје е чувство, не само обичен град. Скопје е моја голема инспирација за сè што правам или веќе сум направила во животот. Градот и неговата душа и суштина ги барам на сите места и секогаш ги наоѓам скриени насекаде – во тезгите на Зелено пазарче, во фасадите на старите згради на ул. Македонија, во Чаршија, ама таму горе во уличките, на пекарниците и ќебапчилниците на Бит-пазар, на секој еден останат натпис по продавниците со кул ретро скопски фонт, во стилот на скопјаните, во кафето во Dude, во погледот од ресторан „Пелистер“ кон смотаниот плоштад. Скопје може да го најдете и во шолјичките во кои баба и дедо ви служат турско кафе, во омилениот ѓеврек од „Верона“, во мрсната симитка со јогурт од „Милениум“, на „Рекорд“ на автобуска. Скопје е магија што можеш да ја видиш само ако сакаш.