Раул Рефри, еден од најиновативните европски продуценти во последната деценија (Росалиа, Силвиа Перез Круз, Ли Раналдо од Sonic Youth итн.), бил длабоко импресиониран од гласот на Лина, кога ја слушнал како пее во култниот „Clube de Fado“ во Лисабон. Лина, пак, истакната фадо пејачка со класично образование, два албума за Sony Music и експерт за Амалиа Родригез, направила избор од некои од класиците на фадо дивата и тие веднаш започнале да работат во студио на нивниот заеднички проект. Раул создава сосема нова звучна подлога за нејзините фасцинантни интерпретации на класичниот репертоар на големата кралица на фадото, со брилијантни аранжмани, комплетно нов, неиспробан пристап и уникатен електронски поглед кон фадото, истакнувајќи ја нејзината универзална димензија. Заменувајќи ги гитарите со пијано и аналогни синтисајзери, тие ја реобмислуваат музиката, задржувајќи ја притоа раскошната убавина на мелодиите и копнежливоста на поезијата, толку витален дел од традицијата. Нивниот албум “Lina_Raül Refree” (Glitterbeat, 2020), испорачува осовремено и надградено фадо, звук што ги надминува географските одредници.
Сеќавањата на големата португалска пејачка легенда Amália Rodrigues (1920-1999) ќе бидат освежени, не само со овој концерт, туку и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото. Долгометражниот документарен филм „The Art of Amália“ за неверојаниот живот и музика на една од најголемите и најзначајните светски диви – Амалиа Родригез, е далеку најсеопфатната визуелна архива за легендарната фадо пејачка собрана досега. Изработен со снимки направени во периодот од 1920 до 1999 година, филмот содржи видео клипови од светските настапи на Амалиа во живо, телевизиски настапи, сцени од филмови, моменти во бекстејџ и интервју со неа кое открива многу нешта. „Кралицата на фадото“ се смета за еден од гласовите на векот. Таа останува убедливо најголемата интернационална ѕвезда од португалските уметници и пејачи, а во самата Португалија – национална икона. Амалиа го постави фадото на светската мапа како музички жанр, популаризирајќи го низ целиот свет и патувајќи насекаде во текот на својата кариера. Нејзиното дело продолжува да ги инспирира другите изведувачи и пејачи денес, а многу од нив го пеат нејзиниот репертоар.
Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на словенечкото трио Širom, во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика Kiko Dinucci, ветуваат, на 11 ноември (четврток), исклучително концертно доживување од највисок ранг.
Словенечкото инструментално трио Širom, се враќа со својот „имагинарен фолк“, со калеидоскопскиот трет албум, „A Universe that Roasts Blossoms for a Horse“ (Glitterbeat records) и со нова серија концерти низ светот. Испреплетувањето на различни музички пристапи и инструменти, истории на звуци и нескротлива музичка фантазија и вештина е широкиот водечки принцип на триото Širom, чии членови потекнуваат од различни региони на Словенија (Прекмурје, Толминско и Крас).
Роден во 1977, Кико Динучи е бразилски гитарист и композитор од Сао Паоло. Тој е еден од основачите на групите Metá Metá и Passo Torto. Има соработувано со Елза Соарес, Том Зе, Криоло и други. Искуството што го стекна на панк-рок/хардкор сцената од деведесеттите во Сао Паоло, како и од самба сцената и религиозните „кондомбле“ активности, го обликуваа неговиот стил на свирење. Отсекогаш се водел од идејата гитарата да ја свири како перкусивен инструмент. Првиот соло албум, „Cortes Curtos”, го издаде во 2017, а во 2019 година Динучи започна да работи на следното издание. „Rastilho”, опишан како „апокалиптична самба“, излезе во октомври 2020 и постигна молскавичен успех и репутација на ремек-дело. Вистински гитарски албум, каде инструментот „покрива“ сè друго, а вокалите и текстовите ги истражуваат текстурите на фолк музиката со масивен, перкусивен и енергичен начин на свирење. Албумот потсетува на ремек делата на бразилската музика од минатиот век. Динучи во себе ги носи влијанијата на легендите на бразилската песна и акустичната гитара како Доривал Каими, Баден Пауел, Жоао Боско или Жилберто Жил. „Извонреден од почеток до крај“ (Џајлс Питерсон), албумот „Rastilho“ го зацврстува Кико Динучи како еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика.
Конечно, на 13 ноември (сабота), величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори Blick Bassy (Камерун / Франција) ќе ја пресретне неодоливиот шарм, визија и поезија на нашиот Pijan Slavej, новиот проект на Бранислав Николов – фронтменот на Фолтин.
Весникот Гaрдијан го нарече Блик Баси „еден од најинвентивните и најоригиналните африкански музички автори“. Камерунскиот гитарист и вокалист, со живеалиште во Париз, ги вкрстува африканските традиции, бразилската боса-нова и Мисисипи блузот со полетните мелодии и сугестивниот, кршливо нежен, фасцинантен вокал. Тој пее на јазикот Баса, еден од 260-те јазици што се зборуваат во Камерун. Песните на Баси се возбудливи, емотивно и политички набиени и поткрепени со впечатлива инструментација на виолончело, труба и тромбон. Неговиот нов албум „1958“ има сериозна политичка конотација: во таа година е застрелан Рубен Ум Нјобе, водачот на борбата за независност на Камерун, од страна на колонијалните француски трупи. Баси ги враќа сеќавањата за него, истовремено потенцирајќи ја врската со сегашноста, со денешниот Камерун. Земјата е можеби независна денес, но сепак управувана од авторитарен режим којшто ги потиснува сите сеќавања на активистите како Нјобе. Современ звук без граници, своевидна декларација за независност и воедно чин на нескротливост.
Пијан Славеј (или Бранислав Николов) е реномиран музички уметник, изведувач, автор, поет, пејач и фронтмен на групата Фолтин. Роден е 1971 година во Битола. Како еден од основачите и клучни членови во бендот, зад себе има девет студиски изданија, како и музика за преку триесет театарски претстави и неколку документарни и играни филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Avec L’Amour (со љубов)“, „Cash & Marry“ и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка. За својата творечка активност има добиено повеќе признанија и награди.
Сите концерти на годинешниоте ОФФ-Фест ќе бидат одржани во Националната опера и балет.