За канаѓаните SUUNS велат дека се философи-музичари со силно влијание од free jazz, no wave, IDM и German motorik. Нивната музика е студија на контрасти од заводливо мрачни звуци кои досегаат до синтетички панк.
Во една од рецензиите за нивниот последен албум „Felt“ дури и ќе сретнете дека се опишани како „пуритански дионизијци кои го исполнуваат воздухот со џиновски, темни, јагленосани, трескавични технократски соништа – тие можеби дури и пушеле цигари пред своите врсници и разнесувале распарталени копии од книгите на Албер Ками од кафулињата до местата за музички проби во готските самраци на Квебек.“
Самиот албум „Felt“ кој е четврти во нивната кариера, е опишан како прв албум што не е оптоварен со нивната пресериозност. Неговиот претходник Hold/Still изразува калеидоскопска сала со огледала и самиот албум е тежок за варење. Но, во „Felt“, SUUNS се веќе опуштени и ги пропуштаат силите што молат да бидат ослободени уште од нивниот дебитантски албум Zeroes QC.
Variety го оцени четвртиот албум како уметничка комбинација од убавина и грдотија, мешавина од блиски и познати нешта, и не толку пријатни изненадувања со која овој бенд го достигнува својот нов врв.
МКЦ ни го најавува овој концерт како концерт на еден од највозбудливите бендови во живо! SUUNS e бенд кој постојано бара нови граници за кршење. Резултат од новиот албум – ‘бенд кој звучи како уметност од Bauhaus; прецизни и игриво тоталитарни, шарени и фрустрирани’. Ги слушаме вечерва од 21 часот.